Достапни линкови

Недостиг на храна нема да има, ама за цените никој не гарантира


Полици во маркет во Скопје
Полици во маркет во Скопје

Луѓето од индустријата не очекуваат недостиг на основните прехранбени производи во текот на оваа зима, иако побарувачката расте заради шпекулации дека ќе нема одредени производи. Но велат дека голем предизвик ќе бидат цените. Институциите тврдат дека состојбата е под контрола.

Полиците со шеќер во Србија се полупразни, па жителите со денови чекаат нови пратки, или оние кои се поблиску, доаѓаат да го купат во Македонија. Сличен проблем има и во Хрватска откако државата ја ограничи цената на основните прехранбени производи. Кај нас празни рафтови во продавниците имаше на крајот на зимата, кога масло за јадење не можеше да се најде ниту за лек, а залихи се правеа и од основни намирници, како на пример брашно и шеќер.

Во ек на енергетска криза, додека сите инстутуции најавуваат дека не чека една од најтешките зими, многумина се прашуваат што ќе јадеме зимава, дали ќе има недостиг на основните продукти, но и какви ќе бидат нивните цени.

Цените до плафон, ама леб ќе има

Без леб тешко може да се замисли македонската трпеза, ама неговата цена порасна за дури 44 проценти споредено со лани. Лебот се прави од брашно, а брашното главно од пченица, чија реколта годинава беше добра, но сепак недоволна за да ги задоволи во целост македонските потреби. Сепак, како што појаснува мелничарот Рамадан Вејсели, дел и од Стопанската комора на Македонија и од Комората на Северозападна Македонија, остатокот ќе се увезе од Србија „како и досега“, поради што не очекува поголеми проблеми.

„Недостиг нема да се појави, Македонија секогаш имала доста пченица, бидејќи ако дојде до недостиг, државата има државни резерви што без проблем може со тие резерви да излеземе до идна жетва. Затоа нема потреба да има паника или да сме загрижени“, смирува Вејсели.

Во однос пак на цените на лебот, вели дека во моментот се стабилни, но не ја исклучува можноста од нови поскапувања, ако дополнително растат цените на струјата и горивата.

Лани мелничарите домашната пченица ја купуваа по 10-тина денари за килограм, годинава над 20. Во меѓувреме за повеќе од 100 отсто е поскапено производството на лебот, ако се гледа според цената на енергенсите.

Раст на цените на храната август 2021 / август 2022
Раст на цените на храната август 2021 / август 2022


Шпекулации ги празнат рафтовите со млеко

Цената на млекото и млечните производи годинава порасна за 27 проценти, а сушата и поскапувањата на добиточната храна годинава го намалија неговото производство. Сепак, преработувачите смируваат дека нема да има траен недостиг и дека нема простор за стравувања.

Според Ѓорѓи Петрушев, од Групацијата за производство, откуп и преработка на млеко, предизвиците во македонската млечна индустрија не се ништо ново. Предупредува дека и преработувачката индустрија и производителите се соочени со енормниот пораст на трошоците, главно поради поскапувањата на енергенсите.

„Сепак, може да се каже дека не се работи за траен недостиг на млеко, нема причини за такви стравувања. Мора да се каже и дека за перцепцијата на недостиг придонесува и зголемената побарувачка и купување поради шпекулациите дека млеко ќе нема“, вели Петрушевски.

Во меѓувреме, порасна и откупната цена на млекото, па во однос на минатата година има раст од околу 40 проценти. Македонија лани произвела нешто над 320 милиони литри млеко, што е најлошо производство во последните десетина години. Притоа, увезени се скоро 60 милиони килограми млеко и млечни прозводи, или за скоро половина повеќе од тоа што сме го увезувале пред една деценија.

Масло за јадење има, цените неизвесни

Ако пред неколку месеци снема сончогледово масло на полиците, нема навестувања дека тоа може да случи и оваа зима. Оваа индустрија е речиси целосно зависна од увоз, но состојбата е стабилизирана, вели Орде Георгиески од фабриката „Витаминка“, еден од трите најголеми производители на масло за јадење во земјава.

„Предност е што Србија доволи извоз на масло, бидејќи беше забранет и тие си го штитеа производството. Непречено оттаму течат договорените количини на сурово масло, бидејќи ние го рафинираме, има и одредени слободни коридори од Украина. Имајте во предвид дека Украина и Русија го имаат околу 55 проценти од светското производство на масло, и затоа беше кризата“, појаснува Георгиески.

Цените на сончогледовото масло се вивнаа во плафон непосредно по руската воена инвазија во Украина, по што следеше период на смирување на пазарот, откако почнаа да се продаваат старите количини на масло во пресрет на новата реколта. Сепак цените на берзите флуктуираат, па од тоа зависи колку и кај нас ќе чини маслото во продавница.

„Сега немаме пречки во однос на производството, увозот си тече како што треба, имаме за наредните месеци количини, а што ќе се случува со цените останува да видиме, постојано ја следиме и така ги склучуваме договорите“, заклучува Георгиески.

Преработувачите на месо скептични

Состојбата со месната индустрија, пак, не е розова, барем според изјавите на Гоце Трајчев, претседател на Групација за производство на месо и преработки од месо.

Како причина за ова ја споменува енегретската криза и скапата струја. Македонија е увозно зависна држава и кога се работи за месото, а кризата ги натера компаниите да не држат големи залихи на месо. Оттука смета дека е можен недостаток, но на одредени одредени категории месо од увоз.

„Во делот на преработките има прекини на испораките, зборувам за увозната суровина. Владата не најде за сходно да ја продолжи мерката за укинување на царината за преработки на свинско месо за компаниите, тоа е дополнителен товар, така што тие се фактори каде може да се влијае“, вели Трајчев.

Производството на свинско месо е недоволно за да ги задоволи ниту потребите на пазарот за свежо месо, поради што домашните производители се принудени да увезуваат свежо месо како суровина. Само за увоз на пилешко месо на пример, годишно се трошат по педесетина милиони евра. Земјава во првата половина на 2022-ра имала трговскиот дефицит од 246 милиони евра, за храна и животни.

Шеќер ќе има, резервите полни

Кога е во прашање шеќерот, пак, него Македонија го добива исклучиво од увоз и како суровина и како краен производ. Компаниите велат дека резервите им се полни, а имаат количини за до крајот на зимата.

Оттука, недостаток на шеќер на македонскиот пазар нема и не се очекува да има. Проблемот е главно во растот на цената на шеќерот како суровина, која изминатава година се дуплираше. А колку ќе чини произведениот шеќер, директно зависи од цената на суровината на светските берзи, па со тоа и крајната цена, онаа на рафтовите во продавниците.

Во земјава некогаш се прозведуваше шеќерна репка, која се продаваше на единствениот откупувач, битолската шеќерана „4 Ноември”. Но откако шеќераната ја купи бугарска фирма, таа користеше суровина од увоз, па репката во земјава престана да се откупува во 2008 година.

Инаку, со цел да го спречи ценовниот шок, Владата ја ограничи трговската маржа на основните прехранбени производи во трговијата на големо и на мало. Таа важи за белиот леб, шеќер како и за рафинираното сончогледово масло и е во висина до 5 проценти во трговијата на големо и до 5 отсто во трговијата на мало.

За брашно од пченица, за макарони, македонски бел ориз, трајно кравјо млеко и за јајца од кокошка е утврдена трговска маржа во висина до 10 проценти. Мерката, како што е пропишано, важи до крајот на месецов.

Во однос на достапноста на продуктите, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски пред неколку дена истакна дека ќе бидат обезбедени доволно прехранбени производи.

„Во рамките на договорот за обезбеденост со храна што го склучивме на последниот Самит на Отворен Балкан се формира и Комисија која ги анализира сите складишни капацитети на трите држави со цел да ги обезбедиме граѓаните со основните продукти. Ние за 30 отсто предлагаме зголемување на основните субвенции по грло во делот на сточарството, ги елиминираме сите мерки кои се злоупотребуваа досега на база на сите анализи и верувам дека овој концепт ќе даде сериозна поддршка во делот на сточарството, како и останатите мерки од Програмата за рурален развој“, истакна Николовски.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG