Достапни линкови

Климатските промени ги намалија приносите и ги зголемија цените на производите


илустрација, зелен пазар

Поради климатските промени кои ја зафатија земјата оваа пролет и лето, намалено е производството на сливи, јаболка, компири, боранија и други земјоделски култури. Есенва ќе се бара и тегла мед повеќе, бидејќи и пчеларите се жалат на „слаба“ година.

Шаренилото од бои на разновидните производи сѐ, уште може да се види на зелените пазари низ земјава. Но, она на што се жалат граѓаните се повисоките цени на одредени земјоделски култури, за што пак причина се намалените приноси на род поради сушниот период летово. Намалено е производството на сливи, јаболка, компири, а боранија ретко каде може да се најде, велат земјоделците со кои разговаравме.

Ристо Велков, е претседател на Синдикатот на земјоделци од Струмичкиот регион. Тој одгледува домати, пиперки и краставици. Вели дека намалените приноси на раноградинарските производи се резултат на климатските промени, но и на целокупната земјоделска стратегија во државата. Тој укажува на потребата од едукација на земјоделците за тоа како да ги заштитат сортите од штетниците кои се јавуваат под влијание на топлотните шокови.

„Културите кои се одгледуваат на отворено претрпуваат големи штети, особено каде што немало доволно наводнување. Додека кај културите под пластеници нема толкави штети бидејќи се наводнуваат со помпи. Но сега се појавува и друг проблем. Во последно време се појавува еден штетник кој го напаѓа струмичкиот регион, особено доматот, има габни оболувања, болести па затоа тешко се доаѓа до квалитетен производ. Затоа треба едукација за да знае земјоделецот што да направи и како да постапи за да се искоренат таквите штетници“, вели Велков.

Она на што укажуваат земјоделците е дека од година во година има сѐ понеповолни временски услови, кои нанесуваат штети и доведуваат до помал род на раноградинарските култури, а се намалуваат и површините кои се обработуваат.

Климатските промени им задаваат сѐ поголеми удари и на производителите на јаболка. Од здружението на овоштари во Ресен велат дека овошките во близина на планината Баба имаат претрпено најголеми штети. Дел од јаболката се уништени, а оние кои не се зафатени од невремето имаат добар квалитет.

Топлотниот бран кој ја зафати земјава ги погоди и пчеларите, а ќе придонесе и за послаб принос на мед, предупредуваат производителите на мед.

Бранко Тасевски од кумановското село Пелинце вели дека оваа година приносите на мед се мали, а цената на килограм мед повисока од лани.

„Тегла мед се продаваше за 400, а сега се продава за 500 денари. Пролетта беше неповолна за пчелите, но уште потешко беше кога дојде тропската горештина во јули и август со температури до 40 степени и повеќе, е тоа придонесе пчелите да останат без нектар затоа што вегетацијата се исуши, сѐ изгоре и практично ние пчеларите останавме со куси ракави“, вели Тасевски.

Иако приносите се мали, Тасевски додава дека интересот за купување мед е зголемен особено по појавата на пандемијата.

Во следните години, агрономите очекуваат поскапување на храната поради климатските промени кои донесоа топлотни шокови и суши.

„Екстремно високите температури го намалија приносот, а со намалувањето на приносот, цените на производите растат. Оваа година е посебна, не се паменти подолго време. Затоа во иднина треба да се планира да се садат такви култури кои се поиздржливи на овие високи температури, зошто од година во година температурите ќе бидат се повисоки, а водата ќе ја нема“, вели агрономот Весна Севдинска.

Што се однесува до температурите, во јули и во август во Македонија беа измерени и 44 степени. Во иднина се очекуваат повеќе суши, топлотни бранови, пожари и поплави.

Да се донесе ационален план за адаптација

Во насока на подготовка за ваквите настани, земјата треба да го донесе Националниот план за адаптација на климатските промени, кој е форма на управување со ризици и се фокусира врз неколку стратегиски области како воздух, вода, отпад и јавно здравје.

Националниот план за адаптација им помага на земјите да спроведат сеопфатно среднорочно и долгорочно планирање за адаптација на климата. Процесот треба да биде базиран врз постојните активности за прилагодување на секоја земја и да помогне климатските промени да се интегрираат во донесувањето на одлуки на национално ниво.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG