Достапни линкови

Има ли и каде се „бомбите" за Диво Насеље?


Оштетени куќи во Дива населба во Куманово после полициската акција против вооружена група.

Меѓународна истрага и преземање на предметот за Диво Насеље од СЈО беа дел од ветувањата на власта за тоа кој стои зад дводневната престрелка. Речиси две години по донесувањето на пресудата, овие најави не се исполнети.

Зошто група вооружени напаѓачи се пресметуваше два дена со македонската полиција, при што загинаа осум полицајци и 14 напаѓачи, е клучното прашање кое и по 4 години од крвавата пресметка во Диво Насеље нема одговор од институциите. Судската разврска затаи, се уште е во тек жалбена постапка по пресудата за 33 луѓе за тероризам иако пресудата е донесена во ноември 2017 година. Се чека одговор на Апелациониот суд по жалбата на одбраната на осудените.

РСЕ во кумановската Дива Населба
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:11 0:00

СДСМ и пред да дојде на власт, а и потоа, тврдеше дека за да одговори на клучните прашања ќе бара меѓународна истрага и дека вистината може да се најде и во бомбите. За тоа Специјалното јавно обвинителство отвори предистражна постапка, откако од јавното обвинителство го побара предметот за да може да воспостави надлежност врз него. Но, ваквите ветувања сè уште не се исполнети.

Одбраната во судот тврдеше дека имаат сознанија дека во УБК има прислушуван разговор меѓу сега убиениот Мирсад Ндрецај познат како командант НАТО и лидерот на ДУИ Али Ахмети како и дека имало разговори од другите обвинети кои контактирале со високи политичари и полициски структури.

Одбраната бараше од судот во судница како сведоци да бидат повикани Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Сашо Мијалков, Али Ахмети и Артан Груби.

Специјалната обвинителка Катица Јанева пак, вчера изјави дека за сега во предистражната постапка имаат само индиции за тоа што и како се случувало тие два дена, но беше децидна дека во бомбите немаат докази за тој предмет.

„Има некои индиции во делот за тоа што и како се случувало во кумановските настани но се уште СЈО нема најдено разговори според кои ќе може да воспостави надлежност врз тој предмет има некои индиции се работи предистрагата, но тоа многу тешко ќе биде да се каже, дали и кога ќе биде, и дали воопшто ќе биде преземен тој предмет“, рече Јанева.

Адвокатот на дел од обвинетите Асмир Алиспахиќ вели дека не го разбира ставот на Јанева, затоа што одбраната и натаму тврди дека постојат прислушувани разговори

„ Ние се уште тврдиме дека постојат такви разговори, но знаете надлежноста на СЈО за отворање на предистражните постапки заклучно со датумот што е предвиден 2015 година се поведува по еден евентуален незаконито прислушуван разговор. Во оваа ситуација и самата отворена предистражна постапка укажува дека има телефонски разговори кои се нелегално прислушувани, но зошто и од кои причини не се отвора истрага, а тоа би значело и преземање на овој прдмет од СЈО останува да покаже времето, вели Алиспахиќ.

Куманово - ден потоа
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:48 0:00

Тој додава дека одбраната е разочарана од неспроведувањето на меѓународна истрага.

Во 2015 година лидерот на СДСМ Зоран Заев по посетата на жителите на Диво Насеље обвини дека тоа беа исценирани настани.

„Да ги отвориме дилемите, како тоа тие криминални групи дојдоа во нашата земја и допреа до срцето на Куманово? , рече тогаш Заев.

Тогаш почнаа и ветувањата на опозициската СДСМ за меѓународна истрага.

Во 2017 година по донесувањето на пресудата, на тоа се приклучи и владејачката партија ДУИ која покрај меѓународна експертска група побара и анкетна комисија во Собранието.

Во тензична атмосфера изречени пресудите за Диво Насеље
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:37 0:00

Тогаш премиерот Заев рече дека меѓународната заедница е информирана и се бараат начини за спроведување на меѓународна истрага за неразјаснетите околности поврзани со настаните во кумановската „Дива населба“ на 9 и 10 мај 2015 година. За веќе на минатата годишнина од настанот Заев да додаде дека меѓународна експертиза ќе мора да почека, пресудата да стане правосилна односно да ги помине сите жалби во повисоките судови за потоа да се внесат меѓународни претставници како коментатори, како луѓе кои што ќе бидат во самиот процес.

Но, по една година од оваа изјава, министерката за правда Рената Дескоска вели дека не е информирана за конкретни случаи.

„Ако има индиции и одредени докази таа постапка ќе треба да оди преку СЈО, ако има одредени докази се разбира, немам детали за одредени предмети“ изјави Дескоска.

Отворената седница во Апелациониот суд по жалбата на одбраната е закажана за една недела. Пресудата на Основниот суд Скопје 1 беше изречена во ноември 2017 година. Од 37 обвинети за тероризам и терористичка организација, 33 лица беа осудени за делата, а за четири лица е донесена ослободителна пресуда. За осуммина беше изречена казна од доживотен затвор, 13 обвинети добија по 40 години затвор, шестмина по 20 години, еден обвинет 18 години, двајца по 14 години, двајца по 13 години затвор и двајца по 12 години затвор.

Во меѓувреме пред судот во Скопје се одржа протест под мотото “ против двојни стандарди за Албанците “ за осудените во Диво Насеље.

На настаните од кумановското Диво насеље им претходеа низа работи кои создадоа политичка криза во државата. Три месеци пред нив, почна првото објавување на„бомбите“ од незаконското прислушување на телефонски разговори на над 20 илјади граѓани, по што следуваше и почетокот на масовни граѓански протести. Три недели пред крвавата пресметка на терористите со полицијата се случи и напад на македонската караула Гошинце, при што од неа беше одземено поголемо количество оружје и муниција. Беше утврдено дека дел од тоа оружје и муниција биле користени од вооружената група од Косово која ги нападна македонските безбедносни сили во Куманово.

XS
SM
MD
LG