Достапни линкови

Се стеснува меѓународниот обрач против тероризмот


ЕУ со нов пристап против радикализмот и тероризмот
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:04 0:00

ЕУ со нов пристап против радикализмот и тероризмот

Европската унија деновиве едногласно ја истакна итноста од градење и развивање механизам за соработка во борбата против радикализмот и тероризмот во светот. Претставниците на ОБСЕ во Македонија, како и безбедносните аналитичари препорачуваат превенција и подобрување на меѓународната соработка, интензивна соработка и комуникација меѓу безбедносните институции и државите од регионот.

Безбедносната состојба во Македонија е стабилна, нема организиран радикален исламизам, но постои можност да се појават радикални поединци кои злоупотребувајќи ја верата може да направат проблеми, велат безбедносните аналитичари. Неколку десеттини македонски граѓани се во затвор поради врбување и учество во војните на Блискиот Исток и за ширење исламистичка пропаганда, десетина ги оставија животите на боиштата во Сирија, а неколку десетици се вратија назад.

Нема организирани групи, само радикални поединци

Аналитичарите се сложни дека засега нема знаци на организирани групи кои би дејствувале против Македонија, но сепак во земјава има поединци кои шират радикална идеологија, односно има поединци за кои постои сомневање дека се дел од регионална поврзаност на исламистички радикали. Тие велат дека реална закана за Македонија постои, но не е голема, односно не е од највисок степен, како што е во некои западноевропски земји.

Аналитичарите објаснуваат дека радикализмот, организираниот криминал и глобалниот тероризам одат заедно под рака, односно се надополнуваат. Претседателот на Балканскиот форум за безбедност Благоја Марковски вели дека во основа Западниот Балкан е мост меѓу Блискиот и Средниот Исток од една страна, Северна Африка од друга и Западна Европа од трета страна што само по себе го прави ранлив и погодно тло за проблеми од овој вид.

„Да бидеме попрецизни Македонија не е целта, на овие појави, туку тоа е пред сè Западна Европ, но разни радикали, групации, организирани поединци може да направат сериозни проблеми на безбедносен план“, вели Марковски.

Марковски објаснува дека безбедносната состојба во Македонија е стабилна и таква ќе остане доколку продолжи со демократизација на институциите, затоа што колку помалку има демократизација во едно општество, толку повеќе земјата станува погодно тло за радикализам.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски смета дека земјава не е имуна од ризиците од насилниот екстремизам и радикализацијата.

„Објективно гледано, Македонија во континуитет е изложена на асиметрични закани кои произлегуваат од зачестеното манифестирање на етничка нетрпеливост, верска нетолеранција и екстремизам, кои, пак, создаваат погодно тло за радикализација која може да доведе до тероризам. Актуелизирањето на феноменот „странски борци“, односно интернационализацијата на екстремистичко-радикалистичките концепти, како и напливот на мигранти и бегалци од земјите на Блискиот Исток и Северна Африка придонесе кон зголемувањето на заканите од тероризам, што за жал во повеќе случаи веќе се остварија“, изјави Спасовски.

Стратегија за справување со екстремизам и радикализам

Спасовски додава дека институциите сега подготвуваат стратегија за справување со насилен екстремизам и радикализација кои водат кон тероризам. Според него клучен предизвик е детектирањето, односно раното предупредување и идентификација на можните закани од тероризмот. Министерот вели дека во земјава се врши постојана надградба на капацитети во системот за национална безбедност, кој носи заедничка безбедносна стратегија и применува механизми за справување со постоечките закани и ризици.

„Оваа стратегија се базира на нужноста од идентификување на причините, условите и факторите кои продуцираат екстремизам, но и идентификација на нивната интеракција; потоа, дефинирање на појавните облици и развојни тенденции на екстремното и терористичкото делување, особено по појавата на нови облици на тероризам и промена на терористичките тактики“, објаснува Спасовски.

Опасност од политички радикализам

Според Марковски во Македонија поголема опасност претставува политичкиот радикализам.

„Сведоци сме на настаните од 27 април кои беа последица и го предизвикаа политичкиот радикализам, тоа стана многу сериозен проблем и доколку не се изнајдат можности за прифаќање на патот за осовременување на Македонија и нејзината демократизација ние може во следниот период да се соочиме со поголем проблем, од овој вид. Мора да сфатиме дека политиката е една работа, но подривањето и поттикнувањето за радикализам може да предизвика сериозен проблем во сите општествени сфери“, објаснува тој.

Внимателност со борците повратници

Само во изминативе три години во земјава се приведени десетици млади мажи кои се поврзуваат со тероризам.Дел од нив се во очекување на судска разврска за предметот „Диво Насеље“, каде што во речиси дводневна вооружена пресметка загинаа 8 полицајци и 14 вооружени напаѓачи. Владата најави и меѓународна истрага за овој случај. Обвинетите во судскиот процес делумно признаваат дека се виновни, но не и дека се терористи, обвинувајќи политичари од Македонија дека ги измамиле за да учествуваат во тој настан.

Од друга страна, пак, дел од десетиците уапсени терористи се осудени во предметите Ќелија 1 и 2 како повратници од боиштата во Сирија, односно за врбување и финансирање исламистички терористи, но и за учество во странски војски. Меѓу нив и оџата од џамијата Тутунсуз во Скопје. Македонските државјани во изминатите години беа апсени и во странство под обвиненија поврзаност со војните на Блискиот Исток.

Најголема, според бројот на приведените, е акцијата во ноември, која ја презеле властите во соработка со партнерите од Косово и Албанија. Во неа се уапсени 23 осомничени терористи кои планирале терористички напади на стадион во Албанија за време на натпреварот меѓу Албанија и Израел за квалификациите за Светското фудбалско првенство.

Проценките се дека околу 200 македонски државјани учествувале во борбите во Сирија од кои околу минатата година 70 се вратиле во земјава вели Марковски.

Претседателот Ѓорге Иванов во своите јавни настапи често зборува за терористичките закани, за повратниците од странските боишта и опасноста терористите да го искористат мигрантскиот бран. Дури и во последниве месеци, на средбите со странски дипломати и државници, освен за политичката криза во Македонија, се разговара и за опасноста од нов мигрантски бран и за тероризмот. Минатата година, тој рече дека во Македонија има десетици повратници од боиштата на Блискиот Исток.

Дел од безбедносните аналитичари сметаат дека треба да се има предвид дека Македонија е во еден поголем регион што е означен како една од можните регрутни бази на екстремни исламистички организации, што значи дека кон овој факт треба да се има многу сериозен безбедносен однос. Поради тоа, потребна е темелна безбедносна проценка за заканата кон Македонија од поединци и организации, од позиции на исламскиот фундаментализам.

ЕУ со нов пристап во борбата против радикализмот

Европската унија деновиве едногласно ја истакна итноста од градење и развивање механизам за соработка во борбата против радикализмот и тероризмот во светот.

Гоце Атанасов

Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини изјави дека Унијата работи и соработува со клучни партнери, особено во места во светот каде што овие феномени имаат, како што оцени, сериозни димензии.

„Особено на Балканот, во Турција, на Блискиот Исток, во северна Африка, но исто така во некои делови на Африка и југоисточна Азија. Развивме мрежа на експерти за контратероризам кои се разместени таму од Европската унија, серија на контратерористички дијалози со властите на овие земји, размена на искуства, како и обука како да се спречи радикализацијата на младите...“

Во овие области, како што рече Могерини, Европјаните можат и да научат нешто. Во Брисел прецизираат дека станува збор за проекти кои се фокусирани главно врз превенцијата со многу активности за младите. Иако екстремистичките групи, како Исламската држава, доживеаја некои неуспеси по серијата заеднички акции на некои земји, се уште постои можност нејзината идеологија да продолжи да се шири и натаму. Шефот на естонската дипломатија Свен Миксер вели:

„Не станува збор за тоа дали треба да се бориме против терористите и терористичките организации во места каде што тие наоѓаат безбедни зони со оружје во раце или треба да се бориме против радикализацијата на идеолошки фронт. Ќе ги правиме и двете. Тоа и го правиме“.

Во тоа најважно, според експертите, е интегрирањето на сите граѓани, односно да имаат чувство дека и припаѓаат на иста заедница. Даглас Смит поранешен помошник американски секретар за национална безбедност вели:

„Предизвикот е навистина да се обиде да се натера целото општество да се чувствува како дел од него (и мислам дека единственото нешто што можете да го направите е да се продолжи да се бара начини да бидете во заедницата).“

Британија, Шпанија, Германија и Финска беа некои од последните цели на исламските милитанти кои изведоа напади врз невини луѓе главно со возила. Токму ваквите напади, според експертите, скоро е невозможно да бидат спречени.

Соработка во борбата против тероризмот

Претставничката на канцеларијата на ОБСЕ во Скопје Нина Суомалаинен на последната конференција во Охрид посветена на справувањето со ризиците од радикализам и насилен екстремизам изјави дека еден од приоритетите на организацијата што ја претставува во земјава е активна поддршка на соработката и координацијата на сите субјекти вклучени во борбата против тероризмот како светски феномен.

„Изнаоѓањето решение за проблемот бара интердисциплинарен пристап, интензивна засилена комуникација и соработка меѓу безбедносните институции и државите од регионот во целина. Проблемот е голем актуелните случувања во Европа само покажуваат дека и регионот не смее да се третира изолирано“, изјави таа.

Повеќето експерти од областа на безбедноста се согласуваат дека класичните безбедносни мерки пост-фестум даваат помалку резултати ако не им претходи превентива. Тие велат дека заштитата од екстремизам е најголема преку социјални, правни, политички и образовни мерки кои демотивираат насилство. Кругот на насилство може да се пресече ако младите преку вработување се мотивираат да ги заменат бесперспективноста и посегнувањето по оружје со работна алатка. Успешноста на мерките зависи и од идентификација на заканата со цел превентивно делување.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG