Достапни линкови

„Диво насеље“ нема да ги наруши односите Скопје - Приштина


Премиерот Зоран Заев во официјална посета на Косово

Нема отворени прашања меѓу Македонија и Косово, велат аналитичари. Не треба да се дозволи случајот „Диво насеље“ да предизвика проблеми меѓу двете земји, согласни премиерите. Потребно е продлабочување на односите.

Случајот „Диво насеље“ е чувствително прашање што не треба да предизвика проблеми во билатералните релации, оценија премиерите на Македонија и на Косово Зоран Заев и Рамуш Харадинај на заедничката прес-конференција по денешната средба во Приштина.

„Тоа прашање не треба да биде пречка во нашите односи. Таму имаше убиени неколку полицајци и ќе има меѓународна истрага за да се дојде до вистината”, рече Заев.

Посетата на Заев е прва официјална посета на премиер на Република Македонија на Република Косово.

Во пресрет на посета на Заев на Косово до него беше испратено отворено писмо од семејствата на обвинетите за тероризам во случајот „Диво насеље“.

Тие му пишуваа на премиерот со очекување дека заедно со политичките лидери на Косово, меѓународниот фактор и правните органи ќе успеат да ги расветлат сите непознаници кои се поврзани со случувањата во кои загинаа осуммина македонски полицајци, како и 10 припадници на вооружената група обвинета за тероризам.

Инаку Заев и Харадинај денеска разговарале и за заеднички проекти како што е автопатот Скопје - Приштина и за аспирациите на двете земји за интеграција во евро - атланските структури.

Поранешниот дипломат Виктор Габер вели дека од меѓународно правен аспект не постои отворено прашање, ниту прашањa кои навлегуваат во суштинските елементи на државите Косово и Македонија

„Не би можел да евидентирам прашања кои би ги нарушиле односите на млади држави на овој простор. Можеби постојат отворени прашања во смисла на реализација на барање на некои министерства во однос на косовски министерства, на пример Mинистерството за правда, реализацијата на судски одлуки кои се тековно отворени процеси пред судовите во Македонија“, вели Габер.

Аналитичарот Алајдин Демири кој има дипломатско искуство оценува дека Македонија и Косово немаат отворени прашања и односите меѓу двете земји се добрососедски, но отсуствува желба за попродлабочена соработка. Зборувајќи за односите во регионот особено на релација Македонија, Косово и Србија, тој вели дека некои одлуки на Македонија кои се во корист на Косово не помагаат за решавање на ситуацијата на Балканот, туку спротивно ја зголемуваат напнатоста. Сепак тој истакнува дека односите меѓу Косово и Македонија се стабилни и оти тоа е потврдено и со позиционирањето на Македонија кон статусот на оваа млада држава

„Во односите меѓу Македонија и Косово има стабилност во однос на позицијата на Македонија кон Косово од почетокот на признавањето на Косово и подоцна гласањето за прием во УНЕСКО, но нема некоја понагласена блискост, а тука пречка е Србија. Сумирано односите се нормални, но со многу предизвици и преоптоварни се со страв од двете страни. Косово се плаши за својот статус, Македонија што ќе мислат другите“, изјави Демири.

Зборувајќи за случувањата кога Македонија гласаше за прием на Косово во УНЕСКО, кога Србија изрази разочароност, како и за посетата на премиерот Заев на Србија, која Косово ја доживеа како додворување кон таа земја, Демири вели дека таквите реакции сепак се очекувани зашто во односите недостасува подолгогодишна традиционална дипломатија.

Како и да е ставот на Владата предводена од Премиерот Заев е дека Македонија се отвора кон сите соседи затоа што регионот може да успее само заеднички.

Инаку во односите меѓу двете земји во изминатиот период проблеми се појавија и кога Приштина размислуваше да покрене тужба за субвенциите во авиосообраќајот што ги нуди Македонија, затоа што сметаше дека истите ја нарушуваат конкуренцијата, но подоцна тензиите опадна по постигнатото решение.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG