Достапни линкови

Балканот – стара алатка за нова руска тактика


Со Балканот против ЕУ и НАТО - Нова руска тактика?
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:54 0:00

Со Балканот против ЕУ и НАТО - Нова руска тактика?

Русија е помирена дека Балканот е решен да оди „на запад“, но нема да се помири со ширењето на НАТО и ЕУ, па затоа Кремљ има нова тактика - да го искористи Балканот како алатка против Западот, предупредуваат аналитичарите.

Последните десетина години Русија се наметнуваше на Балканот на различни начини, од мека моќ, преку религијата и културата, па сè до економијата и политиката. И тоа го правеше речиси непречено се до пред година-две, кога во дел од државите на Балканот имаше промена во владејачките структури и откако Кремљ увиде дека регионот, особено Западен Балкан и Македонија цврсто стојат на својата стратешка определба – НАТО и ЕУ.

Меѓутоа, тоа не значи дека Кремљ кренал раце од регионот. Аналитичарите велат дека руската политика кон аспирантите за НАТО и ЕУ останува иста, само дека стратегијата се менува како што се сменило стратешкото гледање на Москва на Западен Балкан.

И домашните и странските експерти велат дека можеби нема да ја гледаме Москва во толку агресивна улога во попречувањето на балканската интеграција во евроатлантските структури, но дека таа уште долго ќе биде присутна тука со нејзината, како што велат, деструктивна тактика.

Докторот по политички науки и политички аналитичар од Карнеги институтот, Пол Стронски, вели дека Русија веќе не гледа на Балканот како на суштински стратешка територија сама по себе и дека затоа Москва ќе ја менува тактиката, но не и целта.

„Кремљ не го гледа Балканот како регион од витален стратешки интерес. Наместо тоа, балканските држави Москва ги смета за алатки со кои ќе се обиде да влијае врз пошироките европски безбедносни прашања. Сеопфатната цел на Русија е да се одложи и да се комплицира проширувањето и на НАТО и на ЕУ“, вели Стронски во својата најнова анализа.

Една стратегија за две цели на Кремљ

Политиката на Кремљ сега и во наредниот период ќе биде насочена кон две цели, велат аналитичарите. Едната е запирање или забавување на ширењето на НАТО и на ЕУ, а другата е одвлекување на вниманието на меѓународната демократска јавност од она што Москва го прави во нејзиното соседство со Украина, Белорусија, Ерменија, Грузија...

Токму за тие две цели Русија ќе се обиде да го искористи Балканот како стара алатка за старо-нови политички походи.

Политикологот Стронски вели дека едната тактика е да се запре ширењето на западот да не дојде до Украина, Ерменија, Белорусија...

„Москва е сосема свесна дека Балканот е последниот дел од Европа - пред поранешните советски држави - кој допрва ќе биде целосно интегриран во западните политички и безбедносни структури. Заради тоа, Москва се надева дека со забавување на процесот на интеграција на Балканот, може да го спречи Запад да ги обнови обидите да ги повлече земјите како Украина или Грузија во евроатланските институции“, објаснува Стронски.

Омаловажување на ЕУ

Експертите велат дека за таа цел Москва ќе ја омаловажува ЕУ во очите на земјите аспиранти за членство. На таа московска метода укажа и политичкиот аналитичар од скопскиот Институт за демократија, Зоран Нечев.

„Тоа е една од стратегиите на Москва. Тоа е некој вид расчленување, минимизирање на тоа кои се ефектите и придобивките на земјите од Западен Балкан со нивното влегување во ЕУ. Значи расчленување и минимизирање на вредностите на целиот наратив што го има ЕУ како начин, место и општество за живеење“, вели Нечев за РСЕ.

Замајување на Западот

Друга дополнителна корист за Москва од алатката наречена „Балкан“ е замајување, односно одвраќање на вниманието на Западот од она што таа го прави во нејзиното соседство.

„Активноста на Русија на Балканот го одвлекува вниманието на Западот од лошото однесување на Русија во нејзиното непосредно соседство - на пример, милитаризацијата на теснецот Керч и Црното Море, нејзините обиди да се подвлечат границите на отцепените територии подлабоко во Грузија и нејзиниот притисок врз владите на Ерменија и Белорусија“, вели Стронски.

Тој додава дека за овие две цели Москва ќе се обиде да ги искористи и бавното проширување на ЕУ, дел од негативните ставови на американскиот претседател Доналд Трамп за НАТО, како и непредвидливоста на некои светски лидери кога е во прашање Западен Балкан и руската политика.

XS
SM
MD
LG