Достапни линкови

За името се договоривме, Груевски избега


Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас го прославуваат потпишувањето на договорот за името - 17 јуни 2018
Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас го прославуваат потпишувањето на договорот за името - 17 јуни 2018

Преговорите со Грција, постигнатиот договор кој беше потпишан во Преспа, потоа одржаниот референдум за одредбите од тој договор, како и процесот на измени во уставот како резултат на спогодбата, беа доминантните теми на политички план кај нас во изминатата година.

Ратификувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија во отсуство на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои ја бојкотираа работата на Собранието поради притворањето на неколку нивни колеги, како да најавија во која насока ќе се движат подоцнежните случувања во текот на годината. Тоа беше во средината на јануари, а неколку дена подоцна во Македонија престојуваше генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, посета која остана забележана поради неговата изјава дека не постои план Б за македонските евроатлантски интеграции, освен решавање на спорот со Грција за името на земјава.

„Нема друг начин да се влезе во НАТО без решение на проблемот со името и тоа беше јасно кажано неколкупати. Прво беше кажано на Самитот на НАТО во 2008 година, а потоа беше повторено и на самитот во Велс во 2014 година и уште еднаш на НАТО самитот во Варшава во 2016 година. Нема друг план Б за приклучување во НАТО, освен решавањето на прашањето за името“, рече Столтенберг.

Во наредните неколку месеци слични пораки доаѓаа и од високи функционери на САД и ЕУ. Значително се интензивира преговарачкиот процес меѓу Македонија и Грција, кој прерасна во министерско ниво. Шефовите на дипломатиите Никола Димитров и Никос Коѕијас се сретнаа повеќе пати, билатерално или со посредство на медијаторот на ОН Метју Нимиц, а неколку состаноци одржаа и премиерите на двете земји Зоран Заев и Алексис Ципрас.

Преспанскиот договор клучен настан во 2018
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:06 0:00

И кога во јавноста како најизгледни решенија за име на државата се вртеа предлозите Северна, Горна, Вардарска, неочекувано, во средината на мај, премиерот Заев по неколкучасовна лидерска средба изјави дека на колегите им соопштил оти со Ципрас разговарале околу предлогот Република Илинденска Македонија за севкупна употреба, како можен компромис.

„Заради гаранција за влез во НАТО и ЕУ и гаранција за македонскиот идентитет ќе прифатиме севкупна употреба на името Република Илинденска Македонија, како и заради зајакнување на меѓуетничката кохезија “, рече Заев.

Меѓутоа, овој предлог, како што подоцна во текот на годината изјави тој, не поминал затоа што не бил прифатен од опозицијата и од претседателот на државата Ѓорге Иванов.

Сепак, еден месец подоцна, во средината на јуни, по долгоочекуваниот телефонски разговор меѓу двајцата премиери, беше соопштено дека конечно е постигнат договор, според кој името на државата ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба (ерга омнес).Договорот беше потпишан на 17 јуни во преспанското село од грчка страна Псарадес или Нивици, а на свеченоста, освен највисоките претставници на владите на Македонија и Грција, присуствуваа и медијаторот Нимиц и високи гости од ЕУ.

„Со потпишувањето на конечниот Договор за решавањето на прашањето за името и за стратешко партнерство меѓу нашите две земји – навистина поместивме планини. Тогаш кога многумина се сомневаа, ние потврдивме дека е возможно. Денес ставаме крај на еден спор. Ставаме крај на повеќегодишни разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателските односи меѓу соседите“, рече премиерот Заев.

Неговиот колега Ципрас изјави дека „дојде време повторно да пееме среќни песни на Балканот, а денес се прави првиот, смел чекор во оваа насока“.

„Една таква нова песна започнуваме да пишуваме овде во Преспа. Нашата цел е оваа песна на радоста да се пее многу векови и од многу идни генерации, на нашиот јазик и на вашиот јазик, во нашата земја и во вашата земја, од нашиот народ и од вашиот народ. Песна што ќе го слави мирот“, рече Ципрас.

Вечерта по потпишувањето на договорот, протестите против промената на името, кои се одржуваа неколку месеци, прераснаа во насилство, кога во Скопје пред зградата на Собранието дојде до судири меѓу полицијата и демонстрантите кои го нападнаа полицискиот кордон.

Полицијата потоа испука солзавец и шок- бомби за да ја растера групата која ја тргна оградата и ги нападна полицајците. Полицијата во акцијата употреби и оклопни транспортери.

Во наредните денови протестите продолжија, но тие беа мирни, а во парламентот беше ратификуван Договорот за името без присуство на опозицијата. Меѓутоа, како што и се очекуваше, претседателот Иванов не ја потпиша ратификацијата, па Собранието неколку дена подоцна, повторно без пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја изгласа ратификацијата на Преспанскиот договор.

Во средината на јули, како резултат од потпишувањето на Договорот со Грција, НАТО официјално ја покани Македонија да почне пристапни преговори за прием во Алијансата.

„Топло го поздравуваме минатомесечниот историски договор меѓу Атина и Скопје и денеска се согласивме да ја поканиме владата во Скопје да ги почне пристапните преговори. Во моментот кога сите национални процедури ќе завршат околу финализирањето на договорот за името, земјата ќе се приклучи на НАТО како 30-та земја членка“, изјави тогаш Столтенберг.

Претходно, кон крајот на јуни, Советот на министри на ЕУ на состанок во Луксембруг донесе заклучок дека Македонија, поради постигнатиот напредок, го поставила патот кон отворање пристапни преговори во јуни 2019 година. Таквата одлука е донесена, како што беше наведено во заклучоците на советот, поради спроведувањето на договорот од Пржино, итните реформски приоритети и позитивниот импулс создаден со договорот за името со Грција.

Референдум

По потпишувањето и ратификувањето на Преспанскиот договор, следна фаза од процесот беше организирање референдум. Кон крајот на јули Собранието донесе одлука на 30 септември да се одржи референдум за името, кој ќе биде консултативен. Прашањето ќе гласи - Дали сте за влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција? Август и септември поминаа во кампања на владините партнери за позитивен одговор на ова прашање, а движењето Бојкотирам агитираше за неизлегување на референдумот. ВМРО-ДПМНЕ долго време не го соопштуваше партискиот став во врска со ова, па дури некаде кон средината на септември лидерот Христијан Мицкоски истакна дека партијата не го прифаќа Договорот од Преспа, но оти смета дека секој граѓанин на претстојниот референдум треба да постапи по сопствено убедување.

„Вие најдобро знаете што сакам да ви кажам. Ова што ви го кажувам допира до секој еден од вас. Само треба да го слушате вашето срце и вашиот разум“, рече Мицкоски.

За разлика од него, сите претставници на меѓународната заедница што во тој период ја посетија Македонија, беа со јасен став- граѓаните да излезат на референдумот и да се изјаснат за европската перспектива на земјата. А нивниот број беше голем. Почнувајќи од канцеларите на Австрија и на Германија Себастијан Курц и Ангела Меркел, првиот човек на НАТО Јенс Столтенберг, косовскиот претседател Хашим Тачи, еврокомесарите Федерика Могерини и Јоханес Хан, американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис и уште неколку министри за надворешни работи.

„Се разбира, не сакам да се мешам во одлуката на вашите граѓани, но од сопствено искуство можам да кажам дека ова е историска шанса што не се појавува секој ден. Таа е шанса која една генерација ја има само еднаш. Овој 30 септември е историска шанса и затоа од мој аспект, сакам да кажам, не останувајте на ваков историски ден дома, искористете ја вашата демократска можност да го кажете она што го мислите за иднината на вашата земја“, рече Меркел, чија посета се поклопи со прославата на Денот на независноста 8 септември.

И покрај кампањата и пораките од странците, сепак излезноста на референдумот не достигна 50 отсто. Според конечните резултати, одѕивот бил нецели 37 проценти, од кои над 91 отсто се изјасниле „За“. Вечерта по денот на изјаснувањето, премиерот Заев и лидерот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски се огласија објавувајќи дека успеала нивната опција. Заев нагласи дека огромен дел од граѓаните кои излегле на гласање, се изјасниле „За“, додавајќи дека сега Собранието треба да ја преземе улогата со процесот на измени на Уставот.

„Ова е момент кога пратениците со својата одлука имаат обврска да ја направат Македонија подобра земја, убаво место за живеење на секој граѓанин. Во спротивно, единствена друга демократска алатка која преостанува се предвремените парламентарни избори веднаш.“

Мицкоски, пак, рече дека власта доживеала дебакл.

„Ова денеска е пораз не само за Договорот со Грција, туку и за криминалот на власта, за уништената економија, наместените тендери. Народот е на нозе, а никој досега не победил народ. Денеска народот даде свој вредносен суд. Заев и неговата влада се делегитимирани“.

Помирување со соседите, па помирување дома

Иако неколку дена актуелна беше и опцијата со предвремени избори, сепак Владата на 8 октомври ја почна процедурата за уставни измени поврзани со Договорот од Преспа. Измените чиј предлагач беше Владата влегоа во Собранието, каде што се уште беше нејасно дали е обезбедено потребното двотретинско мнозинство. Првиот ден од расправата на пленарна седница, во средината на октомври, премиерот Заев упати повик за помирување за настаните од 27 април

„Ајде десната страна овде во парламентот, колеги, да подадеме рака на левата страна. Ајде колеги, вие од левата страна, да подадеме рака на десната страна. Одличен момент е да си простиме и да се помириме. Испраќам порака на помирување и простување за 27 април и настаните што се случија. Да седнеме и да го направиме тоа, јас сум подготвен и ве повикувам сите и мнозинството и опозицијата. Да, знам дека тоа има цена, но подготвен сум да ја платам цената. Политичка е цената“, рече Заев.

Пет дена од почетокот на расправата, по целодневно чекање и шпекулирање, има или нема 80 пратеници кои се „За“ уставни измени, конечно некаде пред полноќ, неизвесноста беше прекината. Двотретинско мнозинство беше најдено со помош на 8 пратеници од опозицијата, по што генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ Игор Јанушев обвини за притисоци и уцени врз пратеници на опозицијата.

„Денес се случува вистинска драма. Структури на власта и структури кои одработуваат за оваа власт, вршат жестоки уцени, закани и притисоци врз пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија.“

Портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов ги отфрли обвинувањата.

„Најостро ги демантираме изнесените лаги дека претставници од мнозинството вршеле некаков притисок или на кој било пратеник му се нудени пари или дека некој им се заканувал или ги уценувал. За изнесените невистини ќе поднесеме и соодветни тужби до надлежните органи“.

Во наредниот период минаа првата и втората фаза од уставните измени, а третата и конечна се очекува по Божиќните празници.

Некако испреплетено со процесот на промена на Уставот се одвиваше и судењето за настаните во Собранието од 27 април лани, двотретинското мнозинство се поврзуваше со помирувањето понудено од Заев. Сè почна кон крајот на март, кога Јавното обвинителство поднесе обвинение за терористичко загрозување на уставниот поредок против 28 луѓе, а двајца заработија обвинение за помагање на делото. „Крвавиот четврток“ била координирана акција. Обвинети беа пратеници, високи структури во МВР, организатори на протести.

„Опсежната истрага утврди и ве уверувам дека во судската постапка ќе се докаже дека обвинетите дејствувале со иста цел, извршувајќи поврзани и усогласени дејствија на битието на кривичното дело“, рече тогаш јавниот обвинител Љубомир Јовески.

Судењето почна на 22 август и ќе продолжи за сите оние кои нема да бидат опфатени од Законот за амнестија, кој беше донесен на 18 декември со 95 гласа „За“.

„Сите пратеници со чинот на гласање, со гласот „за“ за овој предлог закон ќе покажат дека сме си простиле еден на друг. Дека гласањето ќе биде чин на помирување, кој треба да се пренесе и на нашите граѓани, како прв чекор во надминување на поделбите во општеството. Прв чекор во процес на помирување, разбирање и градење на доверба меѓу граѓаните. Процес на помирување кој не завршува тука. Процес кој продолжува и натаму“, рече пред гласањето еден од предлагачите на законот Зекир Рамчиловиќ од независната пратеничка група произлезена од ВМРО ДПМНЕ. Гласаа и неколку пратеници од опозицијата, а на почетокот од расправата Илија Димовски од ВМРО ДПМНЕ рече:

„Мислам дека е поважно дека на крајот сите дојдовме до она што го зборуваме од самиот почеток дека треба да се погледнеме во очи и треба нашите проблеми и грешки да не ги префрлуваме на целото општество и да ја ставаме државата во залог на она што ние го грешиме. Оттука иако не беше понудено би сакал во мое лично име и во име на колегата Панчо Минов да ве информирам дека се приклучуваме како предлагачи на овој закон“.

Според законот, не може да бидат амнестирани организаторите и оние кои учествувале во подготовката, насилниците, оние што носеле оружје и експлозивни направи и службените лица кои постапиле спротивно на нивните овластувања.

Од другите поважни настани во изминатата година го издвојуваме и донесувањето на Законот за јазиците, најпрвин во јануари, а потоа и во март, поради одбивањето на претседателот Иванов да го потпише законот. При второто гласање, во Собранието беше доста тензично, па имаше и физички контакт меѓу првиот парламентарец Талат Џафери и поранешниот премиер Никола Груевски.

Груевски во бегство

За одбележување е и случајот со Никола Груевски, кој беше осуден на две години затвор поради незаконска набавка на луксузен автомобил. Кога и апелацискиот суд ја потврди казната, тој по неколку дена објави дека избегал во Будимпешта и оти добил азил од унгарските власти.

  • 16x9 Image

    Благоја Кузмановски

    Во новинарството е од 1993 година, кога почнува да работи во дневната редакција на Македонското радио. Бил уредник и водител на сите дневно – политички информативни емисии на програмите на радиото. Од 2002 година е шеф на дописништвото на Радио Слободна Европа во Скопје.

XS
SM
MD
LG