Достапни линкови

Што по референдумот?


Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас го прославуваат потпишувањето на договорот за името - 17 јуни 2018

Македонија ќе мора да го промени Уставот, за Грција да го ратификува Договорот за името да ги усвои протоколите со кои ќе даде зелено светло Северна Македонија да стане членка на НАТО и да може да почне преговори со ЕУ. Потоа Северна Македонија ќе ги извести ОН и други меѓународни институции за промена на името. Ќе треба да се менуваат документи, ќе се преиспитува статусот на спомениците од античката историја, канцелариите за врски ќе прераснат во амбасади.

Доколку референдумот биде успешен, Собранието до крајот на годината треба да донесе уставни измени. Пратеничкиот кампус кој е „За“ референдумот досега брои 71 пратеник, а да се донесат измените на Уставот ќе бидат потребни 80 пратеници, односно дво-третниско мнозинство.

„Колку повеќе луѓе ќе речат да, сакаме да одиме напред, сакаме да влеземе во НАТО, тоа ќе ни донесе стабилност, ќе ја завери нашата државност, ќе создаде подобри услови за успешна Македонија, толку полесно ќе биде политичкиот процес во Собранието, каде што ќе треба да се формира мнозинство од 80 пратеници. Ние ќе се обидеме тој процес, со такво мнозинство, да заврши до крајот на оваа календарска година. Ќе работиме со таква цел. Целиот процес во делот на овие четири уставни амандмани да заврши согласно декември оваа година“, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во дебатна емисија рече дека ако референдумот биде успешен и мнозинството гласа во насока на поддршка на референдумското прашање, партијата тоа ќе го почитува.

Откако Мицкоски ги остави членовите и поддржувачите да гласаат по сопствено убедување дел од пратеници од ВМРО-ДПМНЕ јавно се изјаснија дека се против уставни измени.

Димитров: Уставните измени не се напишани, ниту преговарани

Според министерот за надворешни работи, Никола Димитров, измените ниту се напишани, ниту се преговарани и нив ќе ги формулира Собранието. Ако измените поминат во Собрание, следно е потписот од претседателот на државата, Ѓорге Иванов, кој досега се изјасни против Договорот и рече дека нема да гласа на референдумот. Тој не го потпиша и Законот за ратификација на Договорот со Грција. Претседателот за време на посетата на САД деновиве изјави дека два пати ја добил довербата на граѓаните за да не дозволи промена на Уставот .

Марко Трошановски од Институтот за демократија, очекува по референдумот претседателот да се однесува согласно резултатите од него.

„Имено, ако мнозинството граѓани на највисоката форма на изразување на мислењето одлучат да го поддржат или да не го поддржат овој договор, мислам дека таа волја претседателот треба да ја следи како претставник на граѓаните и во таа смисла ако е позитивен референдум да го поддржи мислењето на граѓаните”, вели Трошановски.

Доколку претседателот не го потпише Договорот, пропаѓаат опциите да се чека до април следната година кога му завршува мандатот, оти според Договорот, Македонија во целост треба да ги усвои амандманите на Уставот до крајот на 2018. Втора опција е импичментот, но и тоа не е едноставна процедура. Постапка за утврдување на одговорност на претседателот покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.

Во Договорот стои дека откако ќе бидат направени измените на Уставот и откако во Македонија ќе завршат сите внатрешни правни постапки потребни за влегувањето во сила на оваа спогодба, Грција веднаш ќе ја ратификува истата. Кога ќе го ратификува Договорот, Грција треба да го усвои и Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО и да побара зачленување на соседната земја со променето името во ЕУ.

Откако спогодбата ќе стапи на сила, сега веќе Северна Македонија ќе треба да ги извести сите меѓународни, мултилатерални и регионални организации, институции и форуми, чија членка е, за влегувањето во сила на оваа спогодба и потоа ќе побара од сите нив да го прифатат и употребуваат новото име.

Потоа треба да се известат и сите држави – членки на Обединети нации за новото име и да се побара од истите да го користат името и термините согласно договореното.

Промена на документи, означување споменици, заедничка комисија

Ќе мора да се променат и веќе постоечките документи и материјали издадени од нашата држава, но за тоа ќе има два периодa, „технички“ и „политички“ во кој тие ќе треба да се сменат. Во рок од пет години по стапувањето во сила на спогодбата, Македонија ќе мора да ги смени сите официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата. „Политичкиот“ преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во нашата земја. Тие ќе се менуваат како ќе се отвара секое поглавје на релевантното поле во преговорите со ЕУ, а треба да заврши во рок од пет години оттогаш.

Во рок од шест месеци откако Договорот ќе стапи на сила, Македонија ќе треба да ги означи спомениците, јавните згради и инфраструктурата кои упатуваат на хеленистичката историја. Македонските власти се изјаснија дека дислоцирање на споменици нема да има.

„На спомениците ќе се стават натписи со појаснување. На пример Воинот на коњ ќе се вика споменик на Александар Македонски со објаснување дека е симбол на хеленскиот антички период и останува како симбол на пријателството меѓу Македонија и Грција. Истото ќе важи и за споменикот на Филип 2 и Олимпија. Сите споменици ќе бидат обележани во насока на зајакнување на пријателството. Не се срамиме да ги нарекуваме спомениците такви како што се“, изјави владиниот портпарол, Миле Бошњаковски непосредно пред потпишувањето на Договорот.

Според Договорот, формирана е и заедничка експертска комисија која ќе треба да работи на објективното научно толкување на историски, археолошки и образовни прашања.

Откако Договорот ќе стапи на сила Канцелариите за врски на двете земји ќе се подигнат на ранг на амбасади, а конзуларните канцеларии ќе прераснат во генерални конзулати.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG