Достапни линкови

По втор пат ратификуван договорот со Грција за името


Втора ратификација на Договорот со Грција во Собрание

Без присуство на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, како и на претходната седница, Собранието повторно ја изгласа ратификацијата на договорот со Грција за името.

Со 69 гласа “за” и еден воздржан од седумдесетте присутни пратеници, Собранието денеска во трето читање го донесе Законот за ратификација на Договорот за името. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја бојкотираа седницата поради тоа што не сакале да бидат соучесник и се противеле на актот со кој се предвидува промена на Уставот со цел промена на уставното име.

До повторното гласање на законот за ратификација доаѓа откако претседателот Ѓорге Иванов не го потпиша указот по првото гласање пред две недели.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров на денешната седница даде одговори за петте забелешки што Иванов ги испрати како образложение за неговата одлука. Ниту јас, ниту кој било член на владата или, пак, премиерот Зоран Заев прифаќа идеи што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, посебноста на нацијата, рече Димитров.

Конечната спогодба не само што не го загрозува македонскиот идентитет туку и го реафирмира и го зацврстува како никогаш досега. Во пракса договорот ќе донесе етаблирање на идентитетот и ќе ја надмине вечната борба за јазикот, идентитетот, ќе влеземе во ЕУ, ќе се печатат документи на македонски јазик со македонски превод” рече Димитров.

Цитирајќи членови од Уставот и Законот за склучување меѓународни договори, министерот рече дека претседателот е должен овој пат да го потпише указот.

На тврдењето на Иванов дека вакви договори потпишува само шеф на држава, Димитров рече дека од 897 меѓународни договори до сега склучени меѓу Македонија и други земји, само пет ги потпишал претседател. Од нив три првиот шеф на државата Киро Глигоров, а два неговиот наследник Борис Трајковски.

Наместо за придобивките од договорот јас ќе зборувам за цената што ќе ја платиме за ветениот ручек, оти познато е дека во политиката не постои бесплатен, рече Ферид Мухиќ, единствениот пратеник кој гласаше воздржано и единствен кој зборуваше на седницата. Барањето за промена на името е целосно спротивно на повелбите на ОН и на меѓународното право, рече тој.

“Сигурен сум дека не постои човек во оваа сала што не ја смета оваа спогодба за длабоко неправедна, а секако верувам дека тоа е случај со практично сите граѓани, не само на Македонија туку и на сите држави во светот, само нека замислат што би било ако би се барало од нив истото” рече Мухиќ.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев и пратениците пред Собрание
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев и пратениците пред Собрание

Непосредно пред почетокот на седницата, генералниот секретар на ВМРО- ДПМНЕ Игор Јанушев, на скалите пред собраниската зграда, придружуван од опозициските пратеници, рече дека власта преку незаконска процедура, со грубо кршење на правните прописи, сама го носела договорот со Грција, кој во својата суштина бил противуставен и во спротивност со државните и национални интереси.

“Воедно очекуваме овој противуставен акт да не биде потпишан од страна на Претседателот на државата бидејќи негова прва должност е заштита на државните интереси и заштита на Уставот на Република Македонија. Предупредуваме дека објавувањето на овој договор без потпис на претседателот е кривично дело кое не застарува и за кое се одговара”, рече Јанушев.

Додека се одржуваше седницата помала група граѓани стоеја пред Собранието, извикуваа Македонија и капитулантски договор, а во еден период ја блокираа улицата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG