Достапни линкови

Референдумот за власта успешен, за опозицијата дебакл


Маж излегува од гласачко место на референдум
Маж излегува од гласачко место на референдум

Околу една третина од регистрираните гласачи гласаа на референдумот за промена на името и за членство во ЕУ и НАТО. Премиерот Зоран Заев рече дека огромното мнозинство граѓани кои гласаа го избрале европскиот пат за Македонија. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека референдумот е неуспешен.

Првичните неофицијални резултати говорат дека од обработените над 97 отсто од гласовите, излезноста е 36, 79 отсто. Од нив над 91 отсто гласале „за“.

Државната изборна комисијата претходно оцени дека референдумскиот ден поминал добро, во мирна атмосфера, со исклучок на некои инциденти, кои се санирани или се работи на нивно расчистување.

Заев - Ако не обезбедиме мнозинство во Собрание, ќе одиме на избори

Време е пратениците да го следат гласот на народот, изразен на референдумот, но доколку не се обезбеди мнозинство од 80 пратеници, опцијата што останува се предвремени избори што е можно поскоро, изјави премиерот Зоран Заев нешто пред полноќ, по завршувањето на референдумот. Тој им се заблагодари на сите што гласале, без разлика каков глас дале, а им се заблагодари и на членовите на ВМРО-ДПМНЕ што гласаа. Гласот на тие што гласаа денеска е сериозен влог во иднината на Македонија, вели Заев.

„Да не се играме играчки, да не се играме со иднината, да ги ставиме нашите интереси настрана, националните интереси се над сè, оваа прашање е поголемо од сè и од нашите партиски интереси, имаме обврска да ја направиме Македонија подобро место, во спротивно друго што преостанува се предвремени парламентарни избори веднаш“, рече тој.

Заев вели дека сега не знае колку пратеници во Собранието би гласале за, но знае дека требаат 80 пратеници. Смета дека изборите не се неопходни, па затоа ќе се обидат да обезбедат мнозинство, но ако нема, веднаш ќе се оди на избори, дури би можело и до крајот на ноември да се одржат.

„Ќе направам сè, ќе побарам и средба со Мицкоски, со раководствата на политичките партии и со пратениците да поразговараме. Во едни вакви околности, зошто немаше директен одговор од Мицкоски тоа само потврдува дека не треба да си играме играчки и дека треба сериозно да засукаме ракави и дека треба да работиме за доброто на граѓаните. Парламентот е на ред, знаејќи дека Уставот предвидува повеќе од 30 дена од распуштање на Парламентот, но дава можност и за 45 за предвремени избори, крајот на ноември е примамлив датум, секако тоа ќе го дискутирам и со правниците, со стручните служби”, рече Заев.

Џафери: Институциите имаат легитимитет да го спроведат процесот

Собранието треба да обезбеди дво-третинско мнозинство, односно 80 пратеници за да може да го промени Уставот. Претседателот на Собранието, Талат Џафери вели ќе продолжат да работат за да обезбедат мнозинство.

„Не се работи за тесни партиски интереси, туку за интересите на државата, односно на граѓаните кои во големо мнозинство го поддржуваат зачленувањето во ЕУ и НАТО и во тој контекст институциите имаат легитимитет да го спроведат процесот до крај“, вели Џафери.

Тој не гласал на референдумот, оти го немало на избирачкиот список.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој е и коалиционен партнер во Владата, вели дека референдумот беше само консултативен, а Македонија има многу поважни прашања отколку предвремени парламентарни избори.

Мицкоски: Пораз за власта

Претседателот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, оцени дека тие кои апстинирале од гласањето ја испратиле најважната порака – ова е Македонија, тука живеат Македонски, идентитетот и јазикот се македонски. Мицкоски вели дека власта е таа што треба да ја почитува волјата на граѓаните.

„Ова денеска е пораз не само за Договорот, туку и за криминалот на власта, за уништената економија, неостварените ветувања, народот е на нозе, а никој до сега не победил народ, денеска народот даде вредносен суд, Заев е делегитимиран, неговите политики паднаа. Луѓето саакат во ЕУ и НАТО, но се против договорот на Заев и Ципрас“, вели Мицкоски.

На новинарско прашање дали овие резултати од референдумот се најава дека ќе побараат предвремени парламентарни избори, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ рече дека бројките се немилосрдна категорија која многу јасно го одразувала расположението на граѓаните.

Ова беше битка за Република Македонија, не беше битка за предвремени или какви било други избори, ВМРО-ДПМНЕ продолжува со нејзините активности за пронаоѓање вистински решенија за подобар живот на нашите сограѓани“, рече Мицкоски на прес-конференцијата во партиското седиште во кое поддржувачите на партијата постојано извикуваа Македонија и ВМРО-ДПМНЕ.

Пред Собранието,пак, бојкотирачите на референдумот прославија што нема цензус, со игра, песна и македонски знамиња.

Излезноста на денешниот референдум до 18 и 30 часот, е 34, 09 отсто,изјави претседателот на ДИК Оливер Деркоски, на прес-конференција. Според ДИК, од обработените податоци, над 90 отсто од тие што гласале, гласале „за“.

Мирен ден, со изолирани инциденти

Комисијата оценува дека референдумскиот ден поминал добро, во мирна атмосфера, со исклучок на некои инциденти, кои се санирани или се работи на нивно расчистување.

„Ние како ДИК, доколку има основи, понатаму ќе преземеме постапки кон сторителите на тие инциденти, посебно ако зад нив стојат избирачките одбори, како учесници на овој процес, но генерално можам да кажам дека референдумскиот ден помина добро и мирно “, рече Деркоски на прес-конференција

Претседателот на ДИК рече дека триесетина приговори што биле доставени до Комисијата, се отфрлени, оти немало основа да ги прифатат.

„Се работеше за луѓе што не се нашле на избирачкиот список, меѓутоа не ни можеле да се најдат тие или менувале лични документи, или не поседувале важечки лични исправи, што значи дека немаат основ да бидат на избирачкиот список“, рече Дерковски.

МВР информира за дваесеттина попречувања на гласањето. Полицијата забележала луѓе пред гласачки места како враќаат гласачи за да не гласат, а имало и такви кои ги навредуваат луѓето кои сакале да гласаат. Регистрирано е неовластено фотографирање гласачи. Забележани се и кинење на гласачко ливче,навредување на полицајци. Полицијата приведе, а ОЈО покрена кривична пријава и за момче кое на почетокот на референдумскиот ден во Ново Лисиче навредувал граѓани и физички нападнал полициски службеници.

Од Основното јавно обвинителство, кое формираше Комисија за референдумот соопштија дека е симболична бројката на пријави за евентуално противправности при спроведувањето на референдумот.

„Генерално можам да заклучам дека атмосферата беше мирна, немаше поголеми нарушувања на редот и мирот за време на гласањето во текот на денешниот ден. Можеме да заклучиме дека денешното гласање на референдумот е едно од најмирните денови на гласање во последните изборни циклуси, било да се парламентарни или локални избори“, рече вечерва на прес-конференција јавниот обвинител на РМ и претседател на Комисијата, Џељаљ Бајрами.

Набљудувачите регистрирале неколку технички проблеми

Од граѓанската асоцијација МОСТ соопштија дека нивните набљудувачи јавуваат за неколку технички проблеми. Тие забележале случаи на кои им било вршено притисок да не гласаат, имало штаб на „ЗА“ пред гласачко место, имало проблеми со Избирачкиот список, имиња на гласачи биле читани на глас, набљудувач се мешал во работата на избирачкиот одбор.

„Член на избирачки одбор на глас ги читал имињата на гласачите што гласале и повикувал по другите да не одат на гласање, нарекувајќи ги предавници“, вели Дарко Алексов од МОСТ.

Набљудувачите на Цивил – Центар за слобода, јавуваат за нерегуларности и несоодветно однесување на некои набљудувачи.

Претседателот на организацијата, Џабир Дерала, вели дека е референдумскиот ден изминува без сериозни инциденти, но со голем број помали и поголеми нерегуларности.

Овој ден ќе го запомниме по масовното кршење на изборниот молк и попречување на гласачите да ја изразат својата волја на референдумот. На стотици избирачки места ширум земјата стојат групи на активистки и активисти на опозицијата и на „Бојкотирам“, и на начин неприфатлив за кој било демократски процес го попречуваат гласањето, ги навредуваат и им се закануваат на гласачите“, рече Дерала.

Од Цивил забележуваат и дека на социјалните мрежи се врши груба кампања со стигматизација на тие што гласаат, со објавување на нивни фотографии. А имаат и сериозни забелешки поврзани со Избирачкиот список.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG