Достапни линкови

Денови се бројат до решение за името


Архива - Заедничка прес-конференција на премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас во Давос, Швајцарија

Изјавите на премиерот Зоран Заев и на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас упатуваат на тоа дека во следниве денови се очекува исход на преговорите за името. Во меѓувреме, за јавноста остануваат нејасни прашањата за опсегот на употребата, името и идентитетските одредници.

Денови се во прашање за одлуката поврзана со спорот за разликите за името. На ова упатуваат изјавите и на македонскиот премиер Зоран Заев и на министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас.

Заев претпладнево рече дека се во прашање денови кога ќе се случи телефонскиот разговор со грчкиот колега Алексис Ципрас.

„Верувам оти процесот е на самиот крај и оти крајот ќе биде среќен и успешен. Не треба да се избрзува, бидејќи се уште се создаваат околностите за да се случи телефонскиот разговор“, рече Заев.

Коѕијас, пак, во интервју за телевизијата ЕРТ кажа дека големото „да“ или големото „не“ Атина го очекува од Скопје деновиве. Тој рече дека неговото чувство е оти раководството на соседот сега, кога треба да завршеле со прашањето, ги сфатило големите тешкотии што постојат за имплементација на договорот.

„И тоа одигра улога да сака одново да го разгледа договорот, да разговара за одредени појаснувања за самиот договор, но длабоко сум убеден и се надевам дека ова, набргу, за неколку дена ќе се надмине“, рече Коѕијас во интервју за телевизијата ЕРТ.

Со слични најави излезе и поранешниот министер за надворешни работи на Македонија Антонијо Милошоски. Актуелниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ кој постојано објавува информации за името повикувајќи се на дипломатски извори, на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека „четврток или петок ќе се случи средбата Ципрас - Заев во грчката Мала Преспа и потпишувањето на Договорот за смена на името Република Македонија“. Овие пишувања на Милошоски од владата не ги коментираат.

Премиерот Заев, пак, денеска не сакаше да ја коментира и изјавата на Коѕијас дека во игра се три предлози - Република Северна Македонија, Република Горна Македонија и Република Нова Македонија, ниту пак информациите што во јавноста ги изнесе Артан Груби од ДУИ дека можни решенија се и предлозите Република Крушевска Македонија, Република Современа Македонија и Република Европска Македонија.

„Прашањето е сензитивно и ќе останам внимателен. Овие денови сакам да бидат денови на успешно завршување на процесот. Кога сите детали ќе бидат договорени веднаш ќе бидат споделени. На крајот ќе одлучуваат граѓаните на референдум“, рече Заев.

Загарантирани ли се идентитетските прашања?

Во меѓувреме, откако се одложи разговорот меѓу Ципрас и Заев кој, според првичните најави, требаше да се случи до крајот на минатата недела, некои медиуми повикувајќи се на свои извори, јавија дека проблем се појавило и со именувањето на јазикот. Како што се пишува Грција бара тој да биде напишан во оргиналната форма, со латинична транскрипција, како „makedonski“, а за македонската страна ова е целосно неприфатливо.

Заев, пак, минатата недела рече дека македонскиот јазик и идентитетот на Македонците се потврдени во договорот.

Она што останува нејасно е и што се случува со грчкото барање за ерга омнес употреба на името. Предлогот Република Илинденска Македонија, кој беше предлог на Македонија и за кој Заев рече дека е прифатливо ерга омнес, Атина веднаш го одби. Сега не се знае дали македонската страна е согласна севкупна употреба да има и за друго име.

Дали може да се оствари временската рамка?

Релативно појасна е временската рамка која беше договорена претходно на ниво на министри за надворешни работи, а по која работни групи од двете министерства се состануваа во Атина за да ги договорат деталите.

Според рамката, откако Заев и Ципрас би го потпишале договорот, ќе следува ратификацијата на договорот во парламентот, по што Грција би ги откочила поканата за зачленување во НАТО и датумот за почеток на преговорите со Европската унија. Наесен би имало референдум за решението на кој како што најави и самиот Заев граѓаните би го имале последниот збор. Потоа би следувале уставните измени кои ги бара грчката влада за компромисното име да стане и за внатрешна употреба.

За реализација на некои од овие точки, македонската страна може да се соочи со проблеми. Постои веројатност претседателот Ѓорге Иванов да не го потпише указот за ратификација на договорот со Грција кој би се изгласал со просто мнозинство, со што тој не би стапил во сила. За уставните измени, пак, потребно е двотретинско мнозинство но претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски стои на став дека нема да поддржат промена на Уставот се цел промена на уставното име.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG