Достапни линкови

Вести

Путин со предупредување до Вашингтон за нуклеарното оружје

Рускиот претседател Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека Русија ќе биде принудена да започне да развива нуклеарни ракети од краток и среден дострел доколку САД го направат истото, откако се повлекоа од историскиот договор за контрола на нуклеарно оружје.

Соединетите американски држави официјално се повлекоа од Договорот за нуклеарни сили од среден опсег (ИНФ) во петокот, откако тврдеа дека Москва го крши договорот, обвинување коешто Кремљ го негира.

Путин ги обвини САД за распад на договорот, но рече дека е неопходно Москва и Вашингтон да продолжат со разговорите за контрола на вооружувањето, за да спречат трката за вооружување.

Опозицијата тврди дека милион сириски мигранти работат нелегално во Турција

илустрација
илустрација

Околу еден милион сириски мигранти работат нелегално во Турција за многу ниски плати, се истакнува во анализата на главната опозициска Народнорепубликанска партија за која информираше нејзиниот заменик претседател Вели Агбаба. Според него, 20 отсто од нелегално вработените Сиријци се под 15-годшина возраст. Од почетокот на оваа година 31.185 сириски мигранти добиле дозволи за работа.

„Власта затвора очи за тој проблем поради кој се зголемува невработеноста во државата. Во исто време го користи проблемот за да создаде нетрпеливост меѓу локалното население против сириските мигранти. Иста политика се спроведува и спрема мигрантите од други држави кои се во Турција“, изјави Агбаба.

Индустријата за свинско месо на ризик поради африканската чума

илустрација
илустрација

Повеќе од 120.000 свињи се заклани во Бугарија во обид да се ограничи бројот на случаи на свинска чума. Африканскиот вирус во моментот се шири низ фармите во Источна Европа. Во Романија, во јули се пријавени 300 нови случаи, а експертите за здравствена заштита на животните се загрижени дека вирусот има потенцијал да ја уништи свинската индустрија на континентот.

И Романија и Бугарија презедоа мерки за да спречат понатамошно ширење на вирусот. Стотици илјади свињи се убиени, иако некои фармери во јужна Бугарија не беа подготвени да го направат тоа, одбивајќи да ги убијат своите незаразени животни.

Властите во двете земји се соочуваат со значителен предизвик да ги натераат земјоделците да преземат превентивни мерки. Речиси 130.000 свињи се убиени на шест фарми во Бугарија во последните две недели. Властите досега откриле 30 инциденти на неизлечивата болест.

ВМРО-ДПМНЕ: Бараме откривање на нарачателите и проширување на истрагата за „Рекет“

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев

,,Реформи во правосудството со аболициран криминалец нити имало, нити ќе има. Не постои поголем апсурд од тоа човекот кој го спасија од одговорност за криминалот во „Глобал“ тежок 7 милиони евра да повикува на правда еднаква за сите. Не постои поголем апсурд за реформи да говори аболицираниот Заев кој бараше едно евро за Вице. Неговите судии не успеаја да го видат криминалот кој го виде целата јавност, а сега треба да веруваме дека тие треба да делат неселективна правда и да се однесуваат професионално”, изјави денеска Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, Рускоска обвинителството и Кацарска судството се сѐ, само независни не.

Изјавата на Јанушев следува откако преку видео обраќање премиерот Зоран Заев денеска ја повика опозицијата да ги поддржи реформите и го охрабри Јавното обвинителство да продолжи, до последно во оваа борба, без разлика до кого ќе стигне низ истрагата за случајот „Рекет“.

Премиерот вели дека ова е време во кое правдата стапува на сцена, време во кое не смее да има штедење во борбата против криминалот и корупцијата и време во кое никој не е привилегиран и никој нема да биде амнестиран.

Над 40 мртви во воздушен напад во Либија

Припадници на Либиската Национална Армија
Припадници на Либиската Национална Армија

Во воздушен напад на беспилотно летало во јужниот либиски град Мурзук загинале најмалку 43 лица, изјави локален претставник. Според истите извори во нападот се повредени уште 51 лице.

Либиската национална армија (ЛНА), командувана од Калифа Хафтар, ги потврди информациите за нападот, но ги негираше таргетите на цивилите. Таа посочува дека на удар се„опозиционите борци на Чад“, што е вообичаена фраза што се користи за припадниците на племето Тебу, кои се борат со војската на Хафтар. ЛНА го зазеде Мурзук на почетокот на годината, но подоцна ги повлече трупите и се концентрираше на јужниот дел од земјата богат со нафта.

Ова е втор најголем воздушен напад за кој е обвинета ЛНА. Во првиот, во јули, 44 мигранти беа убиени во прифатниот центар на периферијата на Триполи. ЛНА го негираше тоа, но призна дека ги засилила воздушните напади врз либискиот главен град.

Во Србија потврден првиот случај на западнонилска треска

илустрација
илустрација

Во Србија лабораториски е потврден првиот случај годинава на лице заболено од западнонилска треска, болест што ја пренесуваат комарците. Се работи за 85 -годипна жена со хронични болести, соопштија од Институтот за јавно здравје.

Западнонилската треска е вирусна се пренесува со убод на заразен комарец. Преносителот е комарецот „Culex pipiens“. Главен резервоар на зараза се различни видови птици, додека човекот е случаен „слеп домаќин“ и инфекцијата од него не се пренесува понатаму.

Поголемиот број од заразените околу 80 проценти немаат никакви симптоми, додека кај останатите инфицирани лица симптомите потсетуваат на грип. Само кај помалку од еден процент инфицирани со западнонилска треска може да дојде до тешки компликации како што се менингитис и енцефалитис.

Експлозија во складиште за муниција во Русија

илустрација
илустрација

Четири лица се повредени во експлозијата што се случи денеска во складиште за муниција во воена база во рускиот регион Краснојарск. Министерството за вонредни состојби нареди евакуација на населението во радиус од 20 километри, соопшти прес-службата на министерството.

Како што пренесува ТАСС, евакуирано е населението што живее во близина на воениот магацин во Ачинск. Според шефот на округот, Евгениј Розанчугов, експлозиите продолжуваат и на никого не му е дозволен приод кон магацинот. Пожарот избувнал на две локации во кои биле складирани 40.000 куршуми.

Раскол во албанската опозиција или нова тактика?

Фотографија од еден од последните протести на албанската опозиција во Тирана.
Фотографија од еден од последните протести на албанската опозиција во Тирана.

Албанската јавност се прашува дали се работи за раскол во албанската обединета опозиција или е нова тактика последната одлука на три политички партии да пријават учество на локалните избори закажани со последната уредба на претседателот Илир Мета и не пријавувањето на Демократската партија, која ја предводи опозицијата, објави МИА.

Од третата по големина политичка партија во земјата и втора во обединетата опозиција, Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ), не сакаа да коменираат дали опозицијата е поделена околу локалните избори на 13 октомври.

„ЛСИ поднесе барање за регистрација за учество на локалните избори на 13 октомври. Она што е важно е дека 13 октомври е легитимен ден на изборите за локалната власт според уредбата на претседателот Илир Мета и го почитуваат сите“, изјави за новинарите генералниот секретар Ендрит Браимлари по доставувањето на пријата во Централната изборна комисија (ЦИК).

Влада: Не сме потпишале документ за соработка со Меѓународен сојуз

Ни Владата, ни премиерот ниту Генералниот секретар не потпишале документ за соработка со Меѓународен сојуз, тврдат од Владата
Ни Владата, ни премиерот ниту Генералниот секретар не потпишале документ за соработка со Меѓународен сојуз, тврдат од Владата

Во врска со изјавата на Бојан Јовановски - Боки 13, осомничен во случајот „Рекет“, дека со премиерот Зоран Заев било договорено да се потпише документ за соработка со невладината организација Меѓународен сојуз, од Владата одговорија дека немаат потпишано таков договор.

„Владата, премиерот и генералниот секретар на Владата немаат потпишано меморандум за соработка со Меѓународниот сојуз“, одговориле од Владата за МКД.мк

Бојан Јовановски, како прв претседател на невладината организација Меѓународен сојуз, во јули 2017 година изјавил дека со премиерот Зоран Заев се договорил за соработка и директна поддршка и дека било договорено да се потпише и таков меморандум за соработка.

Заев побара поддршка за реформите и расчистување на „Рекет“

Премиерот Зоран Заев ја повика опозицијата да ги поддржи реформите и го охрабри Јавното обвинителство да продолжи, до последно во оваа борба, без разлика до кого ќе стигне низ истрагата за случајот „Рекет“.

„Ние сме пред конечниот чекор за ослободување на правосудството од стегите на режимот кој е зад нас. Огромна е одговорноста кај политичките субјекти во оваа борба за правната држава. Но, најголема одговорност има партијата што и донесе неправда на земјата и Мицкоски како прв човек на таа партија. Знам дека вие, граѓаните сте изморени од политички бојкотирање и одлагања и дека барате одлучни чекори. Затоа јас ќе продолжам уште порешително да ја повикувам и убедувам опозицијата да ги поддржи реформите", изјави Заев во видео обраќање.

Премиерот вели дека ова е време во кое правдата стапува на сцена, време во кое не смее да има штедење во борбата против криминалот и корупцијата и време во кое никој не е привилегиран и никој нема да биде амнестиран.

„Го охрабруваме Јавното Обвинителство да продолжи, до последно во оваа борба, без разлика до кого ќе стигне низ истрагата. Ова е време на конечен пораз на „заробената држава", рече Заев.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG