Достапни линкови

Вести

Во Грција за 13 часа регистрирани 44 шумски пожари

Архивска фотографија: Пожар во Грција
Архивска фотографија: Пожар во Грција

Во текот на вчерашниот ден, од шест часот наутро заклучно со 19 часот по локално време во цела Грција биле регистрирани 44 шумски пожари, а интервенирале 382 вкупно пожарникари со 156 возила, пет големи и четири мали авиони и пет хеликоптери, соопшти грчката Противпожарна служба.

Како што jави дописничката на МИА од Атина, сè уште е активен и не е ставен целосно под контрола пожарот што изби вчера во близина на античка Олимпија, а пожарникарите и во текот на ноќта се справуваа со огнените јазици.

Според картата за прогноза на опасност од пожари на Генералниот секретаријат за цивилна заштита, за денеска се предвидува голема опасност за областите Евија и Атики.

Во Белград одржан 35. протест „Еден од пет милиони“

Протест „Еден од пет милиони“ во Белград
Протест „Еден од пет милиони“ во Белград

Во Белград како и секоја сабота, синоќа се одржа 35. протест „Еден од пет милиони“. Протест се одржа неколку дена откако почна дијалогот на Факултетот за политички науки меѓу претставниците на власта и опозицијата за изборните услови, јави дописникот на МИА од Белград.

Претседателот на Движењето за пресврт и еден од лидерите на Сојузот за Србија (СзС), Јанко Веселиновиќ, на протестот порача дека СзС ќе ги бојкотира изборите доколку не бидат слободни, истакнувајќи дека останат е само еден месец и половина за властите да ги исполнат барањата за изборите да се одржат во регуларни услови.

Протестот започна со минута молчење за жртвите од акцијата на хрватската армија пред 24 години наречена „Бура“.

Учесниците на протестниот марш запреа пред зградата на Претседателството, каде студентот Мома Ковачевиќ, еден од организаторите на протестите, посочи дека дијалогот меѓу власта и опозицијата е успех на протестот, но дека беа „потребни 35 недели за да се постигне дијалог и дека тоа е показател да овде нема демократија“.

Тој ја повика академската заедница да не молчи додека министрите се осомничени за плагијат и фалсификување на дипломи и најави дека студентите во септември повторно ќе го блокираат Ректоратот.

Учесниците на протестот пред црквата Свети Марко запалија свеќи за жртвите од хрватската акција „Бура“.

Мицкоски – Владата не троши за капитални инвестиции, за со тие пари да корумпира гласачи

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска обвини дека премиерот Зоран Заев, како неформален министер за финансии, намерно не ги троши сите пари за капитални инвестиции за потоа тие пари да ги префрлува како трансфери до граѓаните и да ги користи за поткуп на гласачите.

„Преку буџетот има намера да ги корумпира граѓаните и гласачите“, рече Мицкоски прес-конференција во партиското седиште, додавајќи дека според нив, избори може да се одржат во април или во мај.

Тој додаде дека иако не се трошат пари за капитални инвестиции, задолжувањата за таа намена продолжуваат. Тој рече дека опозицијата нема да дозволи ваков поткуп.

Мицкоски вели дека еврообврзницата која Владата ја планира за изградба на новиот Клинички центар во вредност од 500 милиони евра ќе биде всушност наменета за „ситно корумпирање“.

Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, пак, рече дека маката на Мицкоски е што сега парите завршуваат кај граѓаните, преку поврат на 15% од платениот ДДВ, укинување на радиодифузната такса, евтината тарифа на струјата, намалување на казните, зголемување на платите, зелена нафта и многу други мерки.

„Порано парите одеа во стиропор, бели дворци, исушени палми и жални врби, во џебовите на фамилијата. После економската катастрофа што ја остави 11 годишното криминално владеење на ВМРО-ДПМНЕ по демократските промени имаме реален, вистински и силен економски напредок“, рече Костадинов.

Варвициотис - Атина ќе го следи секој чекор на Скопје

Атина ќе го следи секој чекор на Скопје, грижејќи се дека е во рамките што сме ги поставиле, вели алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис во интервјуто за неделното издание на весникот „Етнос“, jави дописничката на МИА од Атина.

Одговарајќи на прашање за европската перспектива на земјите од регионот, Варвициотис објаснува дека потребно е да се исполнат критериумите.

„Грчката влада има цврст и позитивен став кон перспективата за проширување на Унијата кон поширокиот регион со земјите од Западниот Балкан. Меѓутоа, за нивна интеграција, сметаме дека е неопходно почитување на принципите на владеењето на правото и секако градењето на добрососедски односи. Ова значи усогласеност со воведените уставни измени и напуштање на било кој елемент на иредентизам. Атина ќе го следи секој чекор на Скопје, грижејќи се дека се наоѓа во рамките што сме ги поставиле“, вели Варвициотис.

Алтернативниот шеф на грчката дипломатија во интервјуто за „Етнос“ ги споменува и трговските ознаки за производите, вели дека освен билатералниот институционален дијалог и меѓународната комисија на експерти, грчката Влада одбра дополнителна политичка и технократска димензија.

„Од една страна, ги поставивме основите за спроведување на колку е можно пошироки активности за промовирање на „брендот“ на македонските производи, а од друга страна, целиот овој сплет ќе помине во Европската унија, со главен критериум за европската интегративна перспектива на соседната земја“, објаснува Варвициотис.

Иран заплени странски танкер во Персискиот Залив

Илустрација
Илустрација

Иранската Исламска револуционерна гарда заплени странски танкер во Персискиот Залив, кој шверцувал нафта за некои арапски држави, објавија денеска иранските државни медиуми.

Државната новинска агенција ИРНА, повикувајќи се на Гардата, објави дека танкерот, кој преведувал 700 илјади литри нафта, бил запленет кај островот Фарси. Според агенцијата, танкерот бил запленет по судска наредба.

Минатиот месец Иран заплени британски танкер поради наводни прекршување на поморските закони. До тоа дојде откако Велика Британија заплени ирански танкер кај Гибралтар поради сомнеж дека ги прекршува санкциите на ЕУ. Инцидентот ги зголеми тензиите меѓу Лондон и Техеран. Британија ја отфрли идејата да го ослободи иранскиот танкер во замена за ослободување на британскиот брод.

Ѓоргиев – Ако се инсистира да се договори идентитетот на Гоце Делчев, преговорите ќе пропаднат

Драган Ѓоргиев, историчар
Драган Ѓоргиев, историчар

По најавите од претседателот на Комисијата за историски прашања од бугарска страна, Aнгел Димитров дека ќе побара вонреден состанок до крајот на август, историчарот Драган Ѓоргиев, шеф на македонскиот тим во заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, вели дека такво нешто не прифаќа, зашто дел од членовите се на одмор.

„Не прифаќаме вонреден работна средба. Редовниот работен состанок ќе се одржи на 12 и 13 септември“, вели Ѓорѓиев во изјава за Телевизија 24.

Според него, доколку се отвори идентитетското прашање за Гоце Делчев, односно ако се инсистира да се договори неговиот идентитет, тогаш најверојатно преговорите ќе пропаднат.

„Барањето да се реши прашањето за Гоце Делчев веднаш и инстант со цел да се задоволи некоја, во овој случај политичка потреба, може негативно да влијае на работата на комисијата“, смета Ѓоргиев.

Пожарот во Португалија во гасат 500 пожарникари

Архивска фотографија: Пожар во Португалија
Архивска фотографија: Пожар во Португалија

Околу 500 пожарникари се борат со пожарот кој изби на околу 100 километри североисточно од главниот град на Португалија, Лисабон, соопштија тамошните власти. Во гаснењето учествуваат над 100 противпожарни возила и три авиони, информира Службата за цивилна заштита.

Пожарот изби вчера во близина на градот Томара, а на еден пожарникар му е укажана лекарска помош поради изгореници. Портпаролот на противпожарната служба Марио Силвестре изјави дека „пожарот 90 отсто е под контрола“.

Минатиот месец пожарникарите четири дена гаснеа голем пожар во кој беа повредени 39 луѓе. Во пожарите во 2017 година во Португалија загинаа најмалку 106 луѓе, што ги поттикна властите да воведат построги мерки за превенција. Минатата година немаше загинати во пожарите.

Од вторник повторно пеколни горештини

Илустрација
Илустрација

Сончево време со постепен пораст на температурата, најавува УХМР од вторник.

По утрешниот ден со максимални 34 степени, следува зголемување на температурата до 39 степени, особено кон крајот на неделата. УВ индексот повторно ќе биде 9.

Повисоки температури ќе има од средината на работната недела кога и облачноста краткотрајно ќе се зголемува. Особено топло ќе биде на југоистокот.

Утре температурите ќе се движат од минимални 11 до 34 степени, во вторник од 10 до 36, а од среда до петок од 12 до 39 степени.

Десетмина убиени во второ масовно убиство во САД за помалку од 24 часа

Илустрација
Илустрација

Десет луѓе во американската сојузна држава Охајо се убиени во второто масовно убиство во САД за помалку од 24 часа. Полицијата во Дејтон, Охајо, на Твитер соопшти дека меѓу убиените е и осомничениот и дека најмалку 16 луѓе се повредени во денешното пукање.

Полицијата не соопшти други детали, освен дека нападот се случил околу 1:20 ноќеска по локално време, во стариот дел на градот, каде што се сместени ноќните клубови, барови, уметнички галерии и продавници.

Нападот во Охајо се случи неколку часа откако вооружен млад маж пукаше во луѓето во трговски центар на Волмарт во граничното гратче Ел Пасо во Тексас, при што уби 20 луѓе, а неколку десетици се повредени. Полицијата соопшти дека осомничениот напаѓач, кој е уапсен, оставил „манифест“ со антиимигрантска содржина.

Ел Пасо е град со 680 илјади жители во Западен Тексас на границата со Мексико, каде што живее голема латиноамериканска популација. Полицијата соопшти дека во трговскиот центар во моментот на нападот имало околу 3000 луѓе, многумина од нив жители на Мексико, кои редовно доаѓаат на шопинг.

Масовните убиства стануваат сè почести во САД, што ја предизвикува дебатата за леснотијата на набавка на оружје во земјата, иако се преземаат активности тоа да се ограничи.

Потонаа три траекти на Филипините – Најмалку 25 загинати

Најмалку 25 луѓе загинаа, а шестмина се водат како исчезнати на Филипини, каде што поради невремето потонаа три траекти, соопштија тамошните власти.

Филипинската полиција наведе дека жртвите претежно се од два траекти кои потонаа вчера во ненадејното невреме за време на превоз на патници меѓу два острови.

Подоцна тргнал и трет брод, но без патници и само со посада која преживеала.

Околу 20 тајфуни и бури секоја години ги погодува Филипините, една од земјите најмногу изложени на природни катастрофи.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG