Достапни линкови

Вести

Заев: „Нема да дозволам криминалци, суетен новинар и педер да ја урнат Владата“

Зоран Заев
Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев коментирајќи ја аферата „Рекет“ вечерва изјави дека нема да дозволи некој да го инволвира него, ниту пак, како што рече „неколку криминалци, еден суетен новинар и еден педер“ да ја срушат Владата. Тој рече дека верува во транспарентен процес, а отфлра секаков вид шпекулации дека тој е вмешан во случајот каде осомничени се Бојан Јовановски и Зоран Милески.

“Шпекулациите кои одат до таму, обидувајќи се некој да ме инволвира мене, уште еднаш да напоменам. Јас сум Зоран Заев, дојдов благодарение на гласот на граѓаните, борејќи се за слобода, демократија, правна држава, нормална земја. Јас сум борец и ќе продолжам да се борам за ова до крај. Секако, нема да дозволам неколку криминалци, еден суетен новинар и да ми извини ЛГБТ заедницата, еден педер, да ја симнат оваа Влада од власт. Ќе се бориме до крај, а секој ќе си сноси одговорност“, рече премиерот Заев на свеченоста по повод одбележувањето 18 години од Охридскиот рамковен договор.

Заев додаде дека по доаѓањето на новата Влада, тие создале услови правосудството да работи непречено и го повика Обвинителството да ги изнесе сите докази кои ги има, дури и за него и Катица Јанева, доколку постојат, посочувајќи дека секој ќе сноси одговорност.

САД ги одложи царините за Кина до 15 декември

Вашингтон ја одложи примената на нови царини од 10 отсто за увозот на одредени кинески производи, вклучително мобилни телефони, лаптопи и видео игри до 15 декември, соопшти Министерството за трговија на САД. Како резултат на тоа, вредноста на акциите на берзите, која паѓаше веќе втор ден по ред, попладнето скокна за скоро два процента, а за „Епл“ за дури пет проценти.

Овој потег на Вашингтон ја намали загриженоста на пазарот дека заострувањето на трговските војни ќе го забави глобалниот економски раст откако американскиот претседател Доналд Трамп на 1 август објави дека од први септември ќе воведе нови царини од 10 отсто за кинески вреден 300 милијарди американски долари. Тој ја обвини Кина за „манипулирање со валутите“ и неправедни трговски практики кои ги погодуваат американските земјоделци и компании.

Заев одговори на обвинувањата на Беџети

Премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Владата
Премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Владата

Премиерот Зоран Заев преку фејсбук реагираше на коментарот на градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети, според кој Заев му вршел притисок за да влијае врз одредени членови на Судскиот совет за смена на еден претседател на суд.

„Со Беџети зборував по повод шпекулациите во јавноста дека некој го штити Јово Вангеловски во Судскиот совет. Ме интересираше дали има вистина во тоа и му укажав дека не е умесно такво однесување, доколку постои. Секој треба да ја понесе својата одговорност согласно закон, без оглед на функцијата која ја врши. Тоа му го кажав на Беџети, тоа го кажувам и јавно“, напиша Заев на фејсбук.

Претходно градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети, изјави дека премиерот Заев врштел притисок врз него за да влијае врз одредени членови на Судскиот совет за смена на еден претседател на суд.

Бесплатна вакцинација против грип за ризичните групи

илустрација
илустрација

Владата на денешната 149. седница ја усвои информацијата со акциски план за проектот „Бесплатна вакцинација против грип за ризични групи, без ограничување во однос на примањата“.

Како што соопшти Министерството за здравство, согласно препораките на Светската здравствена организација, како и Програмата за имунизација за 2019 година во категоријата ризични групи се опфатени: бремени жени во кој било период од бременоста, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, лица над 65-годишна возраст, лица со хронични заболувања, како и лица сместени во геронтолошки центри и вработени во овие центри и здравствени работници.

Со овој проект се планира Министерството за здравство по пат на јавна набавка да обезбеди околу 28.000 дози вакцини против сезонски грип, наменети за бесплатна вакцинација на лица изложени на зголемен ризик од тешки форми и компликации од грип.

Во Србија е потврден вирусот африканска чума

илустрација
илустрација

Вирусот африканска чума и официјално е потврден во Србија во близина на белградската општина Младеновац, изјави денеска српскиот министер за земјоделство, Бранислав Недимовиќ. Тој додаде дека се преземени сите превентивни мерки за да се спречи ширењето на вирусот. Како што прецизираше, вирусот се појавил на три точки во три села во околината на Младеновац и токму затоа денеска е донесена одлука да се прогласи областа околу Младеновац во радиус од три километри за заразна.

Недимовиќ за Радио-Телевизија Србија (РТС) изјави дека се подготвени упатства за земјоделците и ловците за борба против инфекцијата и дека на терен постојано ќе бидат ветеринарните служби.

"Морам да кажам дека дел од свинското месо сепак ќе може да се извезува затоа што се термички се третира. За овој дел што не се обработува термички потпишав наредба со која ќе се изврши регионализација на Србија. Таа подразбира дека од подрачјето на заразената област нема да може да се врши извоз на месото, а останатите области се слободни“, рече Недимовиќ.

Според него, Србија прво мора да докаже дека таму нема болест, а потоа и без проблеми, во договор со Светската организација за здравје на животните и ЕУ, овие области стануваат слободни и извозот може да оди.

Заев и Хан разговарале за случајот „Рекет“

Зоран Заев и Јоханес Хан
Зоран Заев и Јоханес Хан

Премиерот Зоран Заев вчера попладне телефонски разговарал со комесарот на ЕУ за преговори, добрососедство и проширување, Јоханес Хан. Како што соопштуваат од владината прес служба, премиерот Заев го информирал еврокомесарот Хан „за напорите и мерките кои Владата активно и интензивно ги презема за борба против корупцијата и организираниот криминал, вклучувајќи го и случајот „Рекет“.

„Премиерот Заев и комесарот Хан се согласија дека институциите на системот се должни во брза и ефикасна постапка да ги расчистат актуелните случаи, но и без одлагање да ги процесуираат предметите кои произлегуваат од незаконското прислушување од минатото. Премиерот Заев и комесарот Хан, исто така заклучија дека мора да продолжат напорите на политичките партии за усвојување на Законот за јавно обвинителство во Собранието на РСМ, како и дека заедничка цел на сите политички фактори треба да биде позитивна одлука за почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија во октомври оваа година“, се вели во соопштението од Владата.

Големи шумски пожари во Грција

илустрација
илустрација

Стотици пожарникари се борат против шумските пожари во Грција, на островите Евија и Тасос, како и во близина на Теба, северозападно од Атина. Според медиумските извештаи, густ чад ја прекри и Атина, која е оддалечена 110 километри. Повеќе од 227 пожарникари, пет хеликоптери и шест канадери се борат со огнената стихија на Евија.

Како што јавуваат агенциите, пожари неконтролирано избиле во четири грчки региони, а пожарникарските служби во последните три дена гаснеле 182 пожари.

Претставници на цивилната заштитна служба ги предупредија луѓето во погодените области, посебно повозрасните, децата и хронично болните, да останат во затворен простор и да ги подесат клима уредите така што ќе се користи само воздухот од просторијата. Активистите за заштита на животната средина оценуваат дека се поголемиот број пожари во светот претставуваат загрижувачки симптом на глобалното затоплување.

Владата им препорача на општините да го отстранат симболот на Сонцето на Вергина од јавните места

Владата им препорача на единиците на локалната самоуправа да пристапат кон отстранување на симболот на Сонцето на Вергина од сите јавни места и јавна употреба, односно да ја почитуваат обврската од член 8 став (3) од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните.

Како што соопшти владината прес-служба, на денешната седница Владата разгледала и усвоила информација за примена на член 8 став (3) од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните.

Иран го надмина дозволеното збогатување ураниум

илустрација
илустрација

Портпаролот на иранската нуклеарна агенција, Бехроз Камалванди изјави дека Иран збогатил 370 килограми ураниум на ниво од 4,5 отсто што претставува кршење на ограничувањата од нуклеарниот договор од 2015 година, склучен со светските сили. Според договорот, на Иран му е дозволено да збогати 300 килограми ураниум или максимум до 3,67 отсто.

Изминатите месеци, Техеран порача дека ќе се повлече од некои обврски, по напуштањето на договорот од страна на САД и воведувањето санкции против Техеран. Европските држави, кои се против американското повлекување, се обидуваат да го убедат Иран да го почитува договорот. Техеран пак истакна дека со третата фаза од повлекувањето ќе почне во септември и ќе збогатува ураниум на 20 отсто.

Амбасадите на „Групата Квинт“ ги повикaa Косово и Србија да ги обноват преговорите

Амбасадите на Соединетите Американски Држави, Франција, Германија, Италија и Обединетото Кралство во Приштина ги повикаа денеска властите во Косово и Србија да ги обноват преговорите, кои беа прекинати по воведувањето на таксата од 100 отсто на српскиот увоз во Косово, во ноември минатата година, јави дописникот на МИА од Приштина. Тие побараа Приштина и Белград да ги избегнат дејствијата кои би го попречиле постигнувањето конечен договор, кој, како што се наведува, „е неопходен за нивна поголема евроатлантска интеграција и за придобивките од тоа“.

„За Косово ова подразбира укинување на таксата воведена кон Србија. За Србија, ова значи прекинување на кампањата за повлекување на признавањата на косовската независност“, се вели во заедничката декларација на петте западни амбасади.

Дипломатските претставништва ја нагласуваат готовноста на нивните земји да ги зајакнат напорите во поддршка на процесот на Европската унија, која посредува во преговорите меѓу Косово и Србија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG