Достапни линкови

Вести

Хрватски војник загина во Авганистан, талибанците ја презедоа одговорноста

Деца ги собираат остатоците од возилото на бомбашот самоубиец во Кабул
Деца ги собираат остатоците од возилото на бомбашот самоубиец во Кабул

Талибанците ја презедоа одговорноста за нападот во Кабул, во кој загина еден, а двајца хрватски војници се тешко повредени, пренесува Ројтерс. Војникот, роден 1992 година, починал денеска околу пладне од тешките повреди здобиени рано утринава во нападот на возило на Хрватската војска во Кабул, соопшти хрватското Министерство за одбрана.

Тој бил однесен во американската болница во Баграм, но поради тежината на повредите, починал.

Претходно беше јавено дека тројца припадници на Хрватската војска во мировната мисија во Авганистан се ранети во нападот на нивното неборбено возило во Кабул. Според првичните информации, на возилото налетал бомбаш-самоубиец на мотоцикл.

Другите двајца војници се потешко повредени. Еден има повредена нога, а другиот повредена рака.

Во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан во моментов има 99 хрватски војници.

Повредените војници се припадници на Хрватските специјални сили. Во Авганистан има 23 хрватски специјалци кои работат на обука на авганистанските специјални сили.

Ова е прв хрватски војник кој загина во Авганистан. Во 2006 година беше ранет еден хрватски војник во провинцијата Кандахар на југот на Авганистан.

Бомбаш-самоубиец се разнел во канцеларијата на градоначалникот на Могадишу

Архивска фотографија: Бомбашки напад во Могадишу на 4 февруари 2019
Архивска фотографија: Бомбашки напад во Могадишу на 4 февруари 2019

Во бомбашки напад на бомбаш-самоубиец во Градската куќа во главниот град на Сомалија, Могадишу, неколку луѓе се убиени, а градоначалникот е тешко повреден, соопштува сомалиската полиција. Градоначалникот Абдирахман Омар Осман и неговиот заменик, кои имале сериозни повреди, итно биле пренесени во болница. Нападот се случил непосредно по посетата на пратеникот на ОН за Сомалија, Џејмс Сван, кој ја напуштил зградата помалку од еден час пред експлозијата. Не се знае како бомбашот самоубиец влегол во канцеларијата на градоначалникот за време на безбедносниот состанок.

Екстремистичката група Ал Шабаб, која е поврзана со Ал Каеда, често напаѓа државни згради и други истакнати цели во Могадишу. Таа група е истерана од Могадишу пред повеќе години, но и натаму контролира области во јужниот и во централниот дел од земјата и е често мета на американските воздушни напади.

Над 300 илјади луѓе минатата година се иселиле од Турција

Архивска фотографија: Плоштадот Таксим во Истанбул
Архивска фотографија: Плоштадот Таксим во Истанбул

Повеќе од 300 илјади граѓани се иселиле од Турција во други држави минатата година, соопшти денеска Националниот статистички институт.

Според официјалната статистика, во 2018 година се иселиле 323.918 луѓе што е за 27,7 проценти повеќе во споредба со 2017 година.

Во истиот период во Турција се населиле 577.457 луѓе, од кои најголемиот број се на возраст од 25 до 29 години. Повеќе од половината од нив се населиле во Истанбул, а потоа следат Анкара, Анталија, Бурса и Измир.

Демонстранти упаднаа во Националниот театар во Тирана за да спречат уривање

Илустрација: Албанско знаме во Тирана
Илустрација: Албанско знаме во Тирана

Албанскиот претседател Илир Мета попладнево достави барање до Уставниот суд да го прогласи за неуставен Законот за уривање на Националниот театар.

Мета рече дека одлуката за уривање на објектот на Националниот театар претставува криминален процес и додаде дека е неопходно запирање на овој чин.

На денешен ден пред две години Мета застана на чело на албанската држава, а денеска стана прв претседател во историјата на Албанија кој лично доставува приговор до Уставниот суд за неуставност на еден закон.

Албанија без Уставен суд е речиси две години, поради непоминување на осум од вкупно девет судии, колку што брои судот, на проверката за потеклото на имот, познат како ветинг. Има само еден судија и тоа со изминат мандат.

Во меѓувреме, демонстранти и претставници на опозицијата го запоседнаа Националниот театар во Тирана. Тие се противат на уривањето.

Актерите, кои со петни жили се борат против уривањето на театарот, со солзи во очи изјавија дека со жив штит ќе го бранат ова огромно културно наследство.

Премиерот Еди Рама, пак, на Твитер напиша дека ниту едно малцинство не може да држи во заложништво ништо и никого во Албанија. Тој рече дека Стариот театар ќе биде урнат и ќе биде изграден нов, како владин план и одговорност.

Казна од 5 милијарди долари за Фејсбук поради кршење на приватноста

Шефот на Сојузната трговска комисија Џо Симонс ја објавува казната за Фејсбук
Шефот на Сојузната трговска комисија Џо Симонс ја објавува казната за Фејсбук

Американското сојузно регулаторно тело го казни Фејсбук со 5 милијарди долари за нарушување на приватноста и воведе нови надзорни мерки и рестрикции во работење на компанијата. Генералниот директор на Фејсбук Марк Закерберг се смета само делумно лично одговорен за нарушувањата.

Тоа е најголемата казна која Сојузната трговска комисија ѝ ја изрекла на некоја технолошка компанија. Фејсбук лани имаше приходи од 56 милијарди долари.

Како дел од договорот со Комисијата, Закерберг мора лично да гарантира дека Фејсбук ќе ги почитува своите програми за приватност. Во спротивно му се заканува кривична или цивилна казна во случај на лажни гаранции.

Во рамките на овој договор, Фејсбук не признава каква било вина.

Истрагата беше отворена минатата година по откритието дека фирмата за прибирање податоци Кембриџ Аналитика собрала податоци од дури 87 милиони корисници на Фејсбук без нивна дозвола.

Претходно, највисоката казна за кршење на приватноста од „само“ 22,5 милиони долари ја плати Гугл во 2012 година, поради заобиколувањето на контролата на приватноста во броузерот Сафари на Ејпл.

Кралицата му го даде мандатот за состав на влада на Борис Џонсон

Британската кралицата Елизабета Втора му го даде мандатот за состав на влада на Борис Џонсон
Британската кралицата Елизабета Втора му го даде мандатот за состав на влада на Борис Џонсон

Британската кралицата Елизабета Втора му го даде мандатот за состав на влада на Борис Џонсон, кусо откако Тереза Меј ја поднесе оставката во Бакингемската палата. Со тоа, Џонсон ќе стане 14-тиот премиер за време на 67-годишното владеење на 93-годишната кралица.

Меј се повлече од челната позиција на Конзервативната парија и на владата, откако не успеа да добие зелено светло од Парламентот за нејзиниот договор со Брисел за излез на Велика Британија од ЕУ.

Претставници на ЕУ посочија дека нема да прифатат значителни измени на Договорот за излез на Британија од Унијата, по што Џонсон најави дека земјата ќе ја напушти ЕУ на 31 октомври, со или без договор. Многумина бизнис и политички лидери се загрижени дека излез без договор може да ја поремети британската економија.

Контроверзниот Џонсон во трката за лидер на Конзервативната партија по победи Џереми Хант.

Мицкоски го предлага Владимир Панчевски за прв човек на новото СЈО

Поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски
Поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека е дискутабилен кадровскиот ресор со кој располага сегашното Специјално јавно обвинителство и оти обвинителите не можат да се префрлат во новоформираното обвинителство, туку мора да се вратат во обвинителствата од кои дошле.

Во интервју за телевизија „Сител“, Мицкоски вели дека е дискутабилен кадарот со кој располага сегашното СЈО.

„Дел од обвинителите, вклучувајќи ја и главната обвинителка, гледаме дека се комплетно контаминирани со случајот „Рекет“. Според закон, тие не можат да се вратат во новоформираното обвинителство или одделение. Тие мора да се вратат во обвинителството од каде што дошле“, оценува Мицкоски.

За предлогот Вилма Русковска да биде на чело на новото обвинителство, Мицкоски вели дека тоа е исто како тие да предложат човек кој има репутација и кредибилитет и кој бил биран со години како најдобар во судската фела а, тоа е Владимир Панчевски.

„Зошто да не се размислува за таа идеја? Зошто да не го избереме него“, вели Мицковски.

На прашањето на новинарката дали тоа е нивни предлог, Мицкоски одговара потврдно.

„Зошто тој да не биде човекот кој ќе го води новото одделение или новото обвинителство“, вели Мицковски во интервјуто.

Околу 10 милиони Романци ја напуштиле државата

Илустрација
Илустрација

Романската министерка за дијаспора Наталија Интотеро изјави денеска дека 9,7 милиони Романци, според најновите податоци, ја напуштиле државата.

Главни причини се корупцијата, слабиот квалитет на политичката класа и сиромаштијата, јавија романски медиуми.

Податоците се испратени од 70 дипломатски мисии на Романија.

Таа во отчетот за работата нагласи дека основното барање на Романците во странство за татковината е инфраструктурата – патишта, автопати, болници, училишта.

„Сите тие нешта би ги натерале да се вратат“, вели Интотеро.

Меѓу причините за напуштање на Романија учесници во анкета ги нагласиле ниските плати, недостиг од работни места, стабилност, слаб квалитет на политичката класа и корупцијата.

Според министерката за дијаспора, бројот на Романци кои заминале во странство е „многу голем“.

Британскиот министер за финансии поднесе оставка пред Борис Џонсон да стане премиер

Британскиот министер за финансии, Филип Хамонд
Британскиот министер за финансии, Филип Хамонд

Британскиот министер за финансии, Филип Хамонд, денеска поднесе оставка, пред Борис Џонсон официјално да ја преземе должноста премиер.

„На Тереза Меј ѝ го врачив писмото со оставката. Ми беше привилегија да бидам министер за финансии во последните три години“, наведе тој на Твитер.

Хамонд, кој се противи на Брегзит без договор со Брисел, пред три дена најави дека ќе поднесе оставка доколку Џонсон стане премиер. Тој рече дека министерот за финансии треба да има многу слични ставови со премиерот и оти нема да чека да биде сменет, туку сам ќе поднесе оставка.

Рекордно високи температури во Холандија и во Белгија

Деца се разладуваат во фонтана во Брисел
Деца се разладуваат во фонтана во Брисел

Рекордно високи температури се регистрирани денеска во Холандија и во Белгија, со 38,8 и 38,9 целзиусови степени, што се највисоки температури регистрирани во тие земји, јавија тамошните метеоролошки институти.

Во воената база Клајне-Брегал во северозападна Белгија денеска биле измерени 38,9 степени, што е историски рекорд за таа земја, изјави главниот метеоролог во Кралскиот метеоролошки институт Давид Денехау. Тоа е највисока измерена температура во земјата од почетокот на мерењето во 1833 година, напиша тој на Твитер.

Во ек на топлотниот бран кој ја зафати Европа, во местото Гилзе-Ријен во јужна Холандија, околу 15 часот биле измерени 38,3 степени, наведе холандскиот Кралски метеоролошки институт. Последниот рекорд во Холнадија беше 38,6 степени измерени во 1944 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG