Достапни линкови

Вести

СДСМ ги поддржува институциите да се борат против криминалот

Генералниот секретар на партијата, Љупчо Николовски
Генералниот секретар на партијата, Љупчо Николовски

На Централниот одбор на СДСМ едногласно е донесена Декларација со која се дава поддршка на највисокото раководство на партијата, но и останатите институции да продолжат со бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата и за јакнење на правната држава, изјави вечерва генералниот секретар на партијата, Љупчо Николовски по завршување на седницата.

"Последните случувања покажуваат дека постои целосна заштита и нов механизам, кој функционира на релација граѓани-обвинителство-МВР, кој може да се справи со криминал и корупција", нагласи Николовски, додавајќи дека сите се еднакви пред законот.

Тој допопни дека ЦО го реафирмирал ставот дека СДСМ како одговорна партија нема да дозоволи закочување на реформите, напредокот и правдата, како што прават Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

Во врска со утрешната лидерска средба, генералниот секретар на партијата рече дека таа ќе се одржи и ќе се разговара за пописот, СЈО и изборниот законик.

Како што изјави генералниот секретар, Љупчо Николовски, на состанокот биле избрани повеќе нови членови на партиските комисии. За претседател на комисијата за внатрешни работи е избран Зоран Верушевски, за здравство Венко Филипче, за култура Роберт Алаѓозовски, за надворешни работи Едмонд Адеми, за транспорт Благој Бочварски, и за информатичко општество Драган Гоцевски.

Ахмети: Политичките противници да се оградат од „бомбите“ за ДУИ

Претседателот на ДУИ,Али Ахмети
Претседателот на ДУИ,Али Ахмети

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети ги повика сите негови политички противници да се оградат од „бомбите“ што се споделуваат за неговата партија.

Како што вели со тоа нема да добијат ништо, затоа што се само сервис во рацете на политичката полиција.

На првото собрание на ДУИ што се одржа во Сарај пред партискиот конгрес Ахмети имаше свое обраќање, на кое тој зборуваше за, како што рече, пропагандата која сите на див начин и како волци ја организираат против ДУИ.

„Каде им се фактите, нека покажат еден аргумент од десетиците илјади прислушкувања дека некој од ДУИ ја има злоупотребено власта и довербата, дали овие луѓе мислат дека Албанците пасат трева и ќе нè казнат нас поради приватни разговори, тие може да имаат краткотраен ефект, но подоцна граѓаните ќе почнат да размислуваат“, изјави тој.

Ахмети рече дека како претседател на ДУИ прв ќе ги поздрави издржаните докази против функционери од неговата партија.

ВМРО ДПМНЕ: Дали Јанева не доби притвор поради тоа што Заев ја штити?

ВМРО-ДПМНЕ лого, амблем
ВМРО-ДПМНЕ лого, амблем

Истрагата за случајот „Рекет“ мора да покаже дали лично Зоран Заев играл улога и учествувал во рекетирањето, таргетирањето и прикривањето на уцените врз бизнисмените, изјави денеска на пресс конференција претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска.

Според неа за да може случајот да се истражи до крај," Зоран Заев мора да си замине, зашто само така обвинителството и судството ќе можат да се ослободат од стегите на власта и да се дознае целата вистина".

Путин и Лукашенко разговараа за понатамошното интегрирање

Рускиот претседател Владимир Путин со својот белоруски колега, Александар Лукашенко
Рускиот претседател Владимир Путин со својот белоруски колега, Александар Лукашенко

Рускиот претседател Владимир Путин оствари разговори со својот белоруски колега, Александар Лукашенко, во Санкт Петербург околу понатамошната интеграција во руско-белоруската унија, групација која постоеше главно на хартија откако беше формирана во 1990-тите.

Во последниве месеци, Путин и Лукашенко одржаа неколку рунди разговори за интеграцијата, при што истакнаа дека партнерството треба да биде еднакво.

Путин на почетокот на разговорите рече дека Белорусија е "најблискиот партнер на Русија" и изрази надеж дека "ќе се зајакне интеграцијата меѓу Москва и Минск" и ќе се надминат "прашањата што се појавуваат од време на време".

Лукашенко рече дека двете земји треба да ги решат сите отворени прашања во нивните односи до 8 декември, кога ќе биде обележана 20-годишнината од сојузот. По разговорите, тој и Путин постигнаа "принципиелни договори за неколку прашања кои ја попречуваат интеграцијата меѓу двете земји", вклучувајќи ја и цената на рускиот гас.

АВМУ нема надлежност да го испитува потеклото на капитал

Македонски медиуми, микрофони поставени на прес конференција
Македонски медиуми, микрофони поставени на прес конференција

Законите за медиуми не му даваат надлежност на регулаторот да го испитува потеклото на капиталот, велат од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) во реакција на денешното соопштение на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

"Дејствувањето на Бојан Јовановски и евентуалната злоупотреба на медиумот од негова страна се предмет на постапување на обвинителството, судството, финансиската полиција, а не на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, којашто го следи почитувањето на законите за медиуми.Во овој контекст, Агенцијата врши континуиран надзор врз радиодифузерите, при што правилата за сопственичка структура не се исклучок"соопшти АВМУ.

Претходно од Здружението на новинарите по последните случувања со приведувањето на Бојан Јовановски, менаџер во кабелската телевизија 1ТВ, изразија загриженост за состојбата во која се наоѓаат новинарите и медиумските работници вработени во медиумот, кои поради скандалот може да останат на улица.

„ Оваа состојба нека биде последен аларм за итно спроведување на најавените и ветени реформи во медиумската сфера, но и во вкупниот медиумски бизнис, преку неопходен мониторинг во однос на начинот на кој медиумите се финансираат и во однос на сопствеништвото“, се наведува во соопштението од ЗНМ.

Талибанци нападнале полициска станица

Авганистански безбедносни сили.
Авганистански безбедносни сили.

Талибанските милитанти нападнаа полициска станива во јужниот авганистански град Кандахар, откако бомбаш-самоубиец активираше експлозив пред влезот од комплексот.

Бахеер Ахмади, портпарол на полицијата на Кандахар,за Радио Слободна Европа изјави дека неколку вооружени лица влегле во комплексот по самоубиствениот бомбашки напад и оти се бореле против полицијата и авганистанските безбедносни сили доцна попладнето.

Засега нема извештаи за жртвите од експлозијата или од нападот на милитантите. Портпаролот на талибанците, Забихулах Муџахид, изјави дека талибанските милитанти го извршиле нападот.

Авганистанските безбедносни сили низ целата земја се соочуваат со речиси секојдневни напади на Талибанците. Зголемувањето на насилството доаѓа и покрај напредокот во напорите на Соединетите Американски Држави да се стави крај на 18-годишната војна во Авганистан

За власта приходите во буџетот реализирани, за опозицијата ветувањата се неостварени

Собраниска седница.
Собраниска седница.

Заменик-министерката за финансии Ширет Елези, образложувајќи ја Завршната семетка на Буџетот за 2018 година што денеска беше на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет изјави дека приходите во минатата година во Буџетот се реализирани во согласност со очекувањата. Таа рече дека расходите се извршувале редовно и навремено, а дефицит бил помал од проектираниот и изнесува 1,8 отсто од БДП

"Вкупните приходи на Буџетот се реализираа во износ од 188,5 милијарди денари и истите се наменија за финансирање на расходите реализирани во износ од 200,1 милијарди денари. Остварувањето на приходите и расходите во наведените износи резултираше со дефицит на Буџетот во износ од 11,5 милијарди денари, при што истиот бележи помала реализација во однос на планираниот за 6,5 милијарди денари и е реализиран на ниво од 1,8% од БДП" рече заменик-министерката.

Таа потенцира дека минатата година имало одлична наплата на даночни приходи со 99,9 отсто реализација од проектираното или во споредба со претходната година наплатата била подобра за 9,4 отсто.

За опозицијата, 2018 година е една од најлошите години финансиски, со неостварени ветувања и потфрлања кај капиталните инвестиции.

Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека завршната сметка е вистинска слика каде власта ги потрошила парите на граѓаните и дека оваа завршна сметка треба да биде освестувачки документ дека повеќе не може вака да се продолжи.

"Ништо не остваривте. Имате само сомнителни тендери. Се нешто сомнително и се за што немате аргумент да го побиете. Од една страна направивте целокупната атмосфера и се ова дека ВМРО е криминално и дека има криминали. Вие за две години направивте ршум и граѓаните не знаат повеќе на кого да веруваат. навистина како политичари доволно е да се надмудруваме. Но, еве оваа завршна сметка од 2018 година нека ви биде документ за освестување дека не може повеќе така. Почна со 0,9 отсто првиот квартал, се стигна до 2,7 отсто" рече Кузмановска.

Таа оцени дека има слаба реализација и потфрлање на капиталните инвестиции во патната инфраструктура, образование, здравство и социјала, оценувајќи дека во 2018 година има целосно потфрлање кај капиталните инвестиции.

Жбогар ги повика институциите да соработуваат за препораките на УНЕСКО

Евроамбасадорот Самуел Жбогар
Евроамбасадорот Самуел Жбогар

Амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар порача дека сега е моментот за вистинска соработка меѓу сите институции на национално и локално ниво за да се исполнат препораките на УНЕСКО за Охрид. Според него, потребно е да се најдат нови начини за справување со проблемот.

„Секогаш верувам дека е подобро сами со сопствени сили да се справите со проблемите. Од 4 јули кога УНЕСКО ја даде препораката, до 1 февруари има 30 недели што можат да се искористат за да се реши проблемот. Од тогаш поминаа две недели и не гледаме никаков резултат, иако сметам дека навистина треба да се вложат сите напори за да дојде до тој резултат“, изјави Жбогар во Слатино.

Мицкоски нема да присуствува на лидерската средба

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски нема да учествува на лидерската средба в петок, потврди денеска претседателка на Унијата на жени на партијата, Благица Ласовска. Според неа, ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека ако воопшто се одржи лидерска средба на која ќе присуствува Мицкоски, тогаш таа ќе биде исклучиво за предвремени парламентарни избори.

Пендаровски потпиша нови укази за разрешувања, поставувања и отповикувања во Армијата

Стево Пендаровски, претседател на РСМ
Стево Пендаровски, претседател на РСМ

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски потпиша укази за разрешувања, поставувања и отповикувања во Армијата на Република Северна Македонија. Од Кабинетот на претседателот информираат дека Пендаровски постапил по одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата, која утврдила дека поранешниот претседател на државата, Ѓорге Иванов, со донесените укази за поставувања во Армијата на 25 февруари 2019 година, за време на изборниот период сторил дејствија што се забранети за време на изборниот процес и со тоа прекршил одредби од Изборниот законик и од Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

Извори од кабинетот на Претседателот објаснуваат дека од шесте укази за разрешувања и нови поставувања, само за еден институцијата претседател нема правна основа дадејствува. Указот се однесува на генерал мајор Васко Ѓурчиновски кој бил унапреден во чин генерал потполковник. Во Законот за одбрана нема законски основ за одземање на чин, освен доколку носителот на чинот е лично одговорен за определени противзаконски дејствија, како што се кривично дело или тешка дисциплинска повреда.

Од останатите пет укази, тројца ги задржуваат формациските чинови, а за новата позиција на другите двајца треба да одлучи Армијата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана.

Бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски кој беше поставен за воен претставник на Република Македонија при НАТО во Брисел, со новиот указ се отповикува од функцијата и ќе биде ангажиран во Армијата.

Полковникот Драган Ковачки кој беше поставен за командант на Механизирана пешадиска бригада во Здружената оперативна команда во Генералштабот на Армијата, се разрешува од оваа позиција и за него се очекува министерството за одбрана да му определи ново формациско место во Армијата.

Бригадниот генерал Орце Јордев, и полковникот Маријо Јуришиќ ги задржуваат позициите на кои биле унапредени, а полковникот Бесник Емини се разрешува од позицијата началник на Штаб на Здружената оперативна Команда во Генералштабот и се поставува за командант на Механизирана пешадиска бригада во Здружената оперативна Команда во Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.

Лицата на кои се однесуваат указите немаат право на жалба, објаснуваат правните експерти.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG