Достапни линкови

Вести

Јапонците создадоа "робот-астронаут "

Јапонската вселенска агенција соопшти дека го испратила првиот робот "астронаут" кој зборува во вселената. Името на роботот е Киробо, а е добиено од јапонските зборови "надеж" и "робот". Роботот со лик на дете е дизајниран за да биде придружник на астронаутот Којчи Ваката, кој пак се очекува да пристигне во вселенската станица во ноември. Програмерите на Киробо изјавија дека тој ќе комуницира со друг робот на земјата.
Околу пет тони залихи и машини беа однесени во Меѓународната вселенска станица. Роботот беше лансиран од страна на Јапонската воздухопловна истражувачка агенција од Танегашима во југозападниот дел на Јапонија.

Рохани: Сирија е пријател на Иран

Новиот ирански претседател Хасан Рохани изјавил дека Сирија ја смета за “пријател и брат” на Иран. Ова како што јави агенцијата Фарс, го изјавил за време на состанокот со сирискиот премиер Ваел Ал Халки кој во Техереан присуствуваше на свечената церемонија по повод инаугурацијата на Рохани. Ал Халки му го честиташе изборот на Рохани на претседателските избори и му предаде пишана порака од сирискиот претседател Башар Ал Асад. Во извештајот на агенцијата се наведува дека Ирaн ги осудува меѓународните интервенции и мешањето на терористите во сирискиот конфликт.

Беснеат пожари во Шпанија

Голем пожар за кој постои опасност да се прошири во околината на Мадрид избувна во регионот Авила, северозападно од Шпанија. Во гасењето на пожарот учествуваат околу 250 пожарникари, 14 хеликоптери и шест авиони, но засега пожарот се уште не е локализиран. Според извештаите, пожарот брзо се шири поради јакиот ветер, поради што луѓето кои живеат во близина буквално бегаат од огнот. Неделава пожари се појавија во неколку шуми ширум Шпанија. На западниот дел од Мајорка пожарот траеше една недела и уништи 2300 хектари борова шума. Околу 200 лица од провинцијата Гвадалахара мораа да ги напуштат своите домови, откако и таму избувна пожар и притоа уништи 1300 хектара земјиште.

Инаугуриран новиот ирански претседател

Новиот претседател на Иран Хасан Рохани положи заклетва на функцијата пред парламентот на земјата. Иранските законодавци и претставници на повеќе од 50 земји присуствуваа на денешната церемонијата во Техеран. Меѓу присутните странски дипломати кои присуствуваа на настанот беа поранешниот шеф на Европската унија за надворешна политика на ЕУ, Хавиер Солана и претседателите на Авганистан, Казахстан, Туркменистан и Пакистан, како и висок претставник на Северна Кореја. Претседателската функција на Рохани кој беше избран во јуни, вчера официјално ја потврди иранскиот врховен лидер Ајатола Али Хаменеи. На неговиот прв состанок како претседател, Рохани го назначени бизнисменот Мохамед Нахавандиан како негов шеф на кабинет. До крајот на денот се очекува да го именува целосниот состав на својот кабинет.

Вечерва протест пред хотелот „Бристол“

Пред хотел „Бристол“ вечерва во 20 часот ќе се одржи протест како реакција на одлуката на властите да го уништат паркот на оваа локација и покрај противењата на граѓаните. Иако е паркот уништен, граѓаните се испровоцирани од овој чин на властите, па својот гнев и очај ќе го изразат преку мирен протест на кој ги повикуваат сите оние кои не се согласуваат со уништувањето на зелените површини на сметка на барокни објекти, јавуваат македонските медиуми.
Таму сè уште се наоѓаат активистите на организацијата „Одраз“ и на „Плоштад Слобода“ кои преноќуваа на локацијата во неуспешниот обид да го заштитат паркот.
Инаку синоќа со полициско обезбедување околу 3:30 часот по полноќ, граѓаните кои кампуваа во паркчето пред хотелот „Бристол“, биле отстренети со цел да се обезбеди непречено сечење на неколкуте стари стебла и чистење на местото на кое се планира изградба на зграда на Советот за радиодифузија.
На местото пред пред повеќе од еден месец се одржа и протест на активисти на неколку граѓански здруженија кои се обидоа да го заштитат паркот од сечењето.

Поплави во Авганистан, во тек спасувачки операции

Авганистанските власти соопштија дека се во тек спасувачките операции во Кабул и неколку источни провинции, каде што во големите поплави загинаа десетици луѓе. Авганистанското министерство за одбрана информираше дека околу 500 војници учествуваат во спасувачките акции. Министерството соопшти дека Армијата префрлила со хеликоптери најмалку 225 луѓе од погодените села до безбедните области. Најмалку 19 луѓе, вклучувајќи жени и деца загинаа во поплавите што ја зафатија провинцијата Нангархар. Официјални лица велат дека десетици се уште се водат за исчезнати, а стотици куќи биле поплавени. Според временската прогноза обилните дождови ќе продолжат и во следниве две недели.

ИБТ го купува неделникот Њузвик

Медиумската група ИБТ соопшти дека ќе го купи американскиот магазин Њузвик. Договорот за купопродажба се очекува да биде потпишан во наредните денови. ИБТ медиа која е основана во 2006 година е сопственик на сајтовите
"International Business Times", "Medical Daily", "Latin Times" и "iDigital Times"кои месечно имаат повеќе од 30 милиони посетители.
Њузвик, вториот најтиражен американски информативен неделник, од крајот на 2012 година се откажа од своите печатени изданија и премина исклучиво на дигитална верзија.

Петгодишнина од руско-грузискиот конфликт

Дмитриј Медведев
Дмитриј Медведев
Рускиот премиер Дмитриј Медведев ги отфрли извештаите дека тој имал големи несогласувања со претседателот Владимир Путин во текот на војната на Русија со Грузија во 2008 година. Говорејќи во интервју за “Русија денес” a по повод одбележувањето на петгодишнината од конфликтот, Медведев рече дека немало поделени позиции по тоа прашање меѓу нив и дека тоа се само гласини. Медведев, кој беше руски претседател во тоа време,изјави дека одлуката да се оди во војна била негова. Тој рече дека со Путин, кој беше премиер во тоа време, не зборувале телефонски се додека руските сили не биле распоредени против грузиските војници во Јужна Осетија на 8 август 2008 година. Војната траеше пет дена, а руската морнарица привремено окупираше неколку грузиски градови.

СДСМ: Сечењето на зеленилото среде ноќ е кукавичлук и вандализам!

СДСМ го повика премиерот Никола Груевски да излезе и да го објасни насилието што се случи во три часот наутро кај хотелот „Бристол“.
“ Да се донесат моторни пили и полиција среде ноќ да го рамнат со земја паркот, без да се води сметка за вознемирувањето на граѓаните, е врв на покажувањето сила што сè е подготвена власта да направи за своите интереси,” реагира СДСМ.
„ Груевски уште еднаш по кој знае кој пат ја погази јавно изразената волја на граѓаните на Центар кои на локалните избори јасно се искажаа против уништувањето на зеленилото заради бизнис интересите на власта. Ако сте премиер, Влада, власт, дали тоа ви дава за право да ја користите полицијата за свој штит“, се наведува во соопштението.
СДСМ бара веднаш да престане бруталноста, зад која како што наведува, се крие „недостиг на капацитет, низ дијалог, дебата, меѓусебно разбирање, да се дојде до решенија за отворените прашања“.
СДСМ истакнува дека иако сака да се воздржи од нискиот речник својствен на оваа власт и ВМРО-ДПМНЕ, сепак, како што наведува, за жал, не постојат други зборови освен дека инцидентот со сечењето на зеленилото среде ноќ е чин на кукавичлук и вандализам.
„Народот гледа и народот ќе и пресуди на нецивилизираната политика на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ“, порачува најголемата опозициска партија.

Еден убиен, петмина уапсени во рација на туниската полиција

Официјални лица соопштија дека туниските сили за безбедност убиле еден осомничен милитант и уапсиле пет лица за време на денешната рација. Министерството за внатрешни работи информираше дека рацијата во раните утрински часови била насочена кон една куќа во јужниот дел на главниот град Тунис, каде што се криеле осомничените милитанти. Рацијата следува во период кога новата Влада предводена од исламистите се соочува со зголемени повици да се повлече по атентатот на опозицискиот политичар на 25 јули. Оттогаш земјата се соочува со улични протести од страна на поддржувачите и противниците на владата. Десетици илјади луѓе денеска излегоа на улиците во Тунис во знак на поддршка за владата. Опозицијата пак денеска планира да одржи митинг.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG