Достапни линкови

Вести

Уапсени демонстранти во Софија

Демонстрантите, кои веќе 35 дена протестираат во Софија против владата на премиерот Пламен Орешарски денеска блокираа дел од центарот на градот и повикаа на 24-часовна блокада на зградата на парламентот. Бугарската полиција уапси 14 демонстранти меѓу кои и маж кој се обидел да се самозапали. Демонстрантите, кои до сега ги блокираа улиците на Софија само во вечерните часови, утринава првпат преку ден блокираа дел од центарот на главниот град на Бугарија и предизвикаа хаос во време на пладневниот сообраќаен шпиц. Тие бараат распуштање на парламентот и свикување нови избори. Собраниската зграда е забарикадирана со железни огради.

Протести во Москва за подршка на Алексеј Навални

Властите во Москва апсат демонстранти кои протестираат против пресудата за опозицискиот активист Алексеј Навални. Припадници на специјалните полициски сили интервенираат на плоштадот Манежнаја во центарот на главниот град на Русија. Тројца демонстранти се уапсени за лепење на плакати за подршка на Навални. Околу стотина демонстранти и новинари се истуркани од плоштадот откако полицијата ја забарикадира јавната површина. Полицајците со мегафони бараат луѓето да не потпаѓаат на провокации и се закануваат со казнување на ненајавено протестирање. Претходно полицијата го затвори Црвениот плоштад. Навални беше осуден на пет години затвор под обвиненија за проневера на пари. Опозиционерот вели дека обвинението е политички мотивирано а 10.000 негови подржувачи преку социјалните мрежи најавија учество на масовни протести.

Филе: На Србија и претстои напорна работа

На Србија и претстои напорна работа и потребна и е одлучност во следните години за да ја постигне целта, изјави денеска пред српскиот Парламент еврокомесарот за проширување Штефан Филе. Тој додаде дека членството во ЕУ е прашање кое бара пред се, партиски консензус и дека Србија е добар пример за тоа. Филе изјави дека Белград постигнал добри резултатит во исполнувањето на критериумите за европска интеграција, но оти Европската комисија очекува продолжување на реформите. Еврокомесарот предвидено е денеска да се сретне со претседателот Томислав Николиќ а вчера имаше средби со српскиот премиер Ивица Дачиќ и со членовите на Владата.

Египет: Предлог за преговори со посредство на ЕУ

Муслиманското братство предлага рамка за разговори со посредство на Европската унија со цел решавање на политичката криза во Египет. Станува збор за прв официјален предлог за преговори од исламистичкото движење по отстранувањето на претседателот Мухамед Морси на 3-ти јули. Од организацијата велат дека станува збор за работна верзија на предлогот кој треба да послужи како основ за почеток на преговори.

Претседателот на Иран во посета на Ирак

Иранскиот претседател во заминување Махмуд Ахмадинејџад отпатува во официјална посета на соседен Ирак. За време на дводневната посета шефот на државата ќе се сретне со премиерот на Ирак Нири ал Малики и други претставници на иранската влада. Станува збор за втора официјална посета на Ахмадинејџад во Ирак во текот на неговите два претседателски мандати.

Парламентот на БиХ го дозволи двојното државјанство

Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина по итна постапка ги усвои предлог измените и дополнувања на Законот за државјанство , што овозможуваат остварување на правото на државјанство на друга земја без одрекување од државјанството на БиХ. „До мај 2012 година од државјанството на БиХ се одрекоа 54.454 лица. Според сите проценки, да го нема новото законско решение, милион граѓани на БиХ ќе беа присилени да се откажат од државјанството“ изјави претседавачот со Претставничкиот дом на парламентарното собрание на БиХ, Денис Бечировиќ.

МНР: Самарас не е расположен за фокусиран дијалог

Самарас не покажува расположение за фокусиран и интензивен дијалог за надминување на спорот во рамки на процесот дефиниран во ОН, а вината за блокирањето на Македонија ја префрла на сметка на ЕУ, реагираат од македонското Министерство за надворешни работи по одговорот од грчка страна на дописот на Никола Груевски. Премиерот предложи комисиски разговори на високо ниво со цел решавање на спорот со името. Според извори на „Дневник“, во одговорот што Самарас му го испрати на Груевски пишува дека нема потреба од средби бидејќи Грција не била таа што ги блокира македонските евроинтеграции, туку самата Европска Унија не дозволувала Македонија да оди напред.

Уапсен осомничен терорист во Австрија

Австриската полиција уапси член на турската организација „Револуционерна народноослободителна партија - фронт (ДХХП-Ц), која важи за една од најопасните терористички организации во Турција. Специјалната австриска полиција во вторникот во местото Габлиц го уапси 32-годишен државјанин на Турција, кој наводно е еден од лидерите на организацијата. Германската полиција има распишано потерница по уапсениот жител на Турција.

Четворица убиени на протести во Кашмир

Парамилитарните сили во Кашмир убија четворица селани и повредиа 25 лица. Индиските власти соопштија дека инцидентот се случил за време на протестите кои настанаа поради тоа што полицајци наводно кинеле копии на Куранот. Демонстрантите велат дека четворица полицајци искинале копии од муслимаксата света книга по претрес на исламско училиште во средата. Официјален Њу Делхи со децении се соочува со отпор на владеењето во Кашмир.

Кипар чека хемикалии за чистење на нафтената дамка

Стоте тони нафта што во вторникот се излеаја од танкерот во близина на недопреното крајбрежје во Северен Кипар, претставуваат закана за дивата природа и туризмот во земјата, соопштија денеска севернокипарските власти. Нафтата се изалеа од танкер која доставуваше гориво за електроцентрала во сопственост на производителот на струја „Акса енерџи“, со седиште во Истанбул, при што создаде нафтената дамка крај бреговите на полуостровот Карпасија која достигна големина од седум километри. Министерот за животна средина на Северен Кипар, Мехмед Харманч соопшти дека според „Акса енерџи“, истекувањето се случило поради проблеми со притисокот. „Но, тоа исто така може да е последица и на несоодветно поврзувањеж“ рече Харманч, додавајќи дека не е исклучена ниту можноста за човечка грешка. Локалните власти се обидуваат да го ограничат натамошното ширење на дамката, а Харманч додаде дека супстанци за прочистување, меѓу кои и хемиски раствори, се испратени од Турција, но дека се уште не пристигнале.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG