Достапни линкови

Вести

Бугарија пред техничка влада

Бугарскиот претседател Росен Плевнелиев
Бугарскиот претседател Росен Плевнелиев
Бугарскиот претседател Росен Плевнелиев по денешните консултации во Софија со претставници на четири парламентарни групи, а по оставката на кабинетот на премиерот Бојко Борисов, изјави дека се разговарало за можноста за формирање техничка влада. Тој соопшти дека согласно Уставот в понеделник на партијата на Борисов ГЕРБ, ќе и го додели мандатот за формирање влада, а ако не успее во тоа, шанси ќе добијат и социјалистите и Движењето за права и слободи. „Ако ниту една од трите партии не фомира влада, што е реално да се очекува, ќе биде создадена техничка влада која ќе раководи со земјата до завршувањето на предвремените избори“ изјави тој, додавајќи дека можен период за нивно одржување е од крајот на април до средината на мај. Редовен термин за парламентраните избори во Бугарија е јули 2013.

Расмусен: без одлука за авганистанските војници

Генералниот секретар на НАТО Андрес Фог Расмусен и американскиот секретар за одбрана Леон Панета
Генералниот секретар на НАТО Андрес Фог Расмусен и американскиот секретар за одбрана Леон Панета
Генералниот секретар на НАТО Андрес Фог Расмусен изјави дека се уште не била донесена одлука за бројноста на авганистанските безбедносни сили по повлeкувањето на Алијансата од таа земја. Според некои наводи, таа бројка до 2018 година би требало да изнесува 352 илјади војници. Ова тој го рече по дводневниот состанок во Брсиел на министрите за одбрана на членките на НАТО и на оние земји кои учествуваат во мисијата ИСАФ. Претходно американскиот секретар за одбрана Леон Панета ги отфрли извештаите дека во Авганистан по 2014 година ќе останат само американски војници. На состанокот учествуваше и македонскиот министер за одбрана Талат Џафери кој изјави дека Македонија останува доследна на придонесот во Авганистан и по 2014 година.

Американски војници во Нигер

Претседателот Барак Обама испратил 100 американски војници во Нигер да помогнат во сузбивањето на тероризмот во Северена Африка. Во писмото испратено денеска до Конгресот, Обама наведува дека војниците би помогнале во собирањето и разменувањето разузнавачки податоци со француските сили во борбата против исламистичките милитанти во соседната земја Мали. Пентагон соопшти дека разгледува планови за распоредување беспилотни летала во Нигер кои би ги надгледувале движењата на припадници на Ал Каеда во тој регион.

Вестервеле во Скопје апелира за разумност

шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле
шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле
Германија и дава целосна поддршка на Македонија во евоатлатантските интеграции за што потребно е да исполни услови кои важат подеднакво за сите. Ова го порача шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле по денешната средба во Скопје со македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски. „Јас навистина апелирам до сите да ја видат целта и да го согледаат националниот интерес, да ја осознаат својата сопствена одговорност, да мислат на судбината и на иднината на земјата и да покажат доволна мерка на подготвеност за компромиси, доволна флексибилност за да се вратат кон демократската соработка“, изјави Вестервеле.

Евроинтеграцијата, клучен приоритет за Македонија

евроамбасадорот Аиво Орав
евроамбасадорот Аиво Орав
Европската комисија го поддржува интегрирањето на Македонија во Европската унија, но важно е да се даде динамика на реформскиот процес, му порача евроамбасадорот Аиво Орав на новиот вицепремиер за европски прашања Фатмир Бесими. На денешната средба било потенцирано значењето во овој период да се покаже напредок кон започнувањето на преговорите со ЕУ, како и потребата сите релевантни фактори во државата да придонесат кон овој процес.

Писториус на слобода со кауција

Оскар Писториус
Оскар Писториус
Судот на Јужна Африка во Преторија реши параолимпискиот спринтерски првак Оскар Писториус со кауција да го пушти да се брани во врска со обвинението за убиство на неговата девојка. Според судијата кој го води процесот, обвинителството не успеало да докаже дека обвинетиот може да излезе од државата до почетокот на судењето кое ќе започне за неколку месеци. Писториус доби забрана да ја напушта земјата, а својот пасош им го приложил на властите. 26 годишниот Писториус кој е обвинет за убиство на својата девојка Рива Стинкамп, изјави дека ноќта кога се случила несреќата пукал во Рива по грешка мислејќи дека во куќата влегол провалник.

Проект: Мултиетничка интеграција во училиштата

илустрација
илустрација
Над 4.000 ученици и околу 500 наставници од основни и средни училишта од неколку општини во Македонија беа опфатени во едногодишниот проект за мултиетничка интеграција, финансиран од Норвешка, а спроведен од Министерството за образование и наука. Целта на проектот беше децата да ги запознаат јазикот и културата на свои врсници од другите етнички заедници, а наставниците да стекнат знаења и вештини за работа во етнички мешани средини, беше соопштено на денешното претставување на резулатите од проектот.

Чешката влада ќе и плаќа отштета на црквата

Чешката влада потпиша договор со претставници на 16 цркви и религиозни организации, според кој ќе им исплати стотици милиони како компензација за одземените имоти за време на комунистичкото владеење. По потпишувањето, чешкиот премиер Петр Нечас изјави дека ова е акт на правда. Според договорот, владата на Чешка ќе треба да им исплати на црквите околу 3 милијарди долари во наредните 30 години, а ќе им бидат вратени и околу 56 насто од имотите, кои сега се во сопственост на државата. Левичарската опозиција го оспори вој план пред Уставниот суд.

Црвенковски до Филе - Спремни сме за дијалог

Macedonia - SDSM leader Branko Crvenkovski, 09Jan2013
Macedonia - SDSM leader Branko Crvenkovski, 09Jan2013
Претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски денеска во одговор на писмото на еврокомесарот за проширување Штефан Филе, посочува дека наполно е свесен за делот на одговорноста што ја носи опозицијата во процесот на надминување на разликите и оти се подготвени за дијалог кој би довел до политички договор меѓу власта и опозицијата.
Како и во изминатиот период ние во деновите што доаѓаат сме подготвени за политички дијалог кој би довел до политички договор меѓу власта и опозицијата. За жал, таква политичка волја барем во претходниот период не беше демонстрирана од страна на премиерот Груевски, кој сите иницијативи и предлози ги одби, а за што се надевам Вие сте целосно информирани, наведува Црвенковски.
СДСМ и здружената опозиција, се вели натаму, остануваат целосно посветени на одбрана на демократијата, почитување на правото и европската интеграција на Република Македонија.

Драстично намалување на НАТО силите во Авганистан по 2014-та

Американскиот секретар за одбрана Леон Панета, на своите колеги од земјите членки на НАТО, им соопштил дека по 2014-та во Авганистан ќе останат меѓу 8 и 12 илјади американски војници. Ова денеска во Брисел го соопшти германскиот министер за одбрана Томас Де Мајцере. И генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен изјави дека по 2014-та, мисијата на Алијансата во АВганистан ќе биде значително помала и оти ќе има регионален пристап за подршка и обука на авганситанските безбедносни сили.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG