Достапни линкови

Вести

Виновникот за експлозиите во Загреб во болница

Загреб
Загреб
Лицето кое изминатата ноќ било рането во експлозијата во западниот дел на Загреб, признало дека го поставило експлозивот, како и бомбата од пред два дена што експлодира крај железничката станица Подсусед, јавуваат хрватските медиуми, повикувајќи се на извори блиски до истрагата. Загрепската полиција не ја потврди оваа информација, ниту информацијата за приведувањето на распит на 14 лица по експлозијата од изминатата ноќ, за да не влијае на истрагата.

Разговорите за Сирија, без резултат

Лакдар Брахими
Лакдар Брахими
Меѓународниот медијатор за Сирија Лакдар Брахими и претставниците на Соединетите држави и на Русија Вилијем Барнс и Михаил Богданов побараа брзо политичко решение на граѓанската војна во Сирија. Во соопштението по нивната денешна средба во Женева се наведува дека не постои воено решение на конфликтот. Сепак, новинските агенции јавуваат дека на средбата американските и руските ставови останале различни, особено околу тоа дали претседателот Башар ал Асад треба да замине од функцијата или не.

20 години затвор за маскарот во Сребреница

Босанскиот суд за воени злосторства денеска го осуди на 20 години затвор поранешниот српски полицаец, 41 годишниот Божидар Кувеља за неговата улога во масакрот на 8 илјади босански муслимани во Сребреница во 1995 година. Тој е осуден за злосторства против човештвото, но не и за геноцид, како што бараше обвинителството.

Протести против ирачкиот премиер Малики

Илјадници сунитски муслимани и денеска протестираа во Багдад и во други ирачки градови против премиерот Нури ал Малики кој е припадник на шиитските муслимани. Веќе две недели траат овие протести на кои се бара оставка од Малики, ослободување на затворениците сунити и реформирање на антитерористичката легислатива.

Хоџај: почнува нова реалност за северно Косово

Хашим Тачи
Хашим Тачи
Косовскиот министер за надворешни работи Енвер Хоџај смета дека состанокот на премиерите на Косово и Србија Хашим Тачи и Ивица Дачиќ на 17 јануари во Брисел ќе биде меѓу најважните средби, бидејќи во фокусот на разговорите ќе биде расформирањето на паралелните структури на северот, со што, како што рече, ќе почне новата реалност за северно Косово. Тој најави дека косовската Влада ќе излезе со агенда за социјален и економски развој на северот и додаде дека планот за реинтеграцијата на тој дел е всушност план на Марти Ахтисари.

Во Чешка, први избори за шеф на државата

Дел од чешките претседталски кандидати
Дел од чешките претседталски кандидати
Во Чешка почнаа првите директни претседателски избори. Повеќе од 8 милиони граѓани со право на глас денеска и утре избираат сукцесор на сегашниот претседател 71 годишниот Вацлав Клаус. Нему му истекува вториот и последен петгодишен мандат на оваа функција. Според анкетите, фаворити се поранешните премиери Јан Фишер и Милош Земан по што следува Владимир Франц, композитор чие тело скоро целосно е покриено со тетоважи. Досега претседателите во Чешка беа избирани во парламентот.

ДИК го подготвува роковникот за локалните избори

Илустрација
Илустрација
Државната изборна комисија ги презема сите неопходни активности за спроведување на законските дејствија за одржување на локалните избори на 24 март, изјави денеска портпаролот на Комисијата Билјана Јовановска.
- Во ДИК се извршуваат сите неопходни активности за преземање на законските дејствија, а ќе следи донесување на роковник што ќе биде објавен, изјави Јовановска.
ДИК денеска одржува седница на која се разгледуваат датумите за подготовка на роковникот.

За прв пат жени во Саудијскиот Совет

Саудијскиот крал Абдула, денеска со декрет, за прв пат во историјата, наименува жени во највисокиот советодавен тим. Советот, во кој има вкупно 150 члена, ја советува владата за политички и законодавни прашања, а сите членови ги наименува кралот. Сепак, 30-те жените во советот ќе влегуваат низ посебна врата и за нив ќе има посебен простор за да не се мешаат со мажите. Во Саудијска Арабија сеуште има голем број рестрикции за жените, како на пример, забрана за патување, одење на работа или пак да отворат сметка во банка без дозвола од маж.

Нимиц: Има шанса да се реши спорот со името

Медијаторот во грчко-македонскиот спор за името Метју Нимиц по средбата со премиерот Никола Груевски изјави дека добил силно уверување оти решавањето на проблемот е врвен приоритет на македонскиот државен врв, што е охрабрување за него.
На новинарско прашање дали може да сe каже оти по две децении сега има шанса да се реши проблемот, експлицитно одговори „да“.
Нимиц на прес-конференцијата по средбата со премиерот Груевски во Владата не сакаше да прецизира за какви идеи и предлози станува збор за, како што вели, да не го попречува процесот.
- Инволвиран сум во ова прашање од 1994 година и не можам да кажам дека станува збор за сосема нови идеи. Но, работите се издигнуваат на други нивоа и во други контексти и сметам дека секогаш постои можност за креативност и да се дојде до позитивен заклучок, рече Нимиц.

Експлозијата во Загреб не е тероризам, смета полицијата

Хрватската полицијата и државното обвинителство сметаат дека во синоќешната експлозија во западниот дел на Загреб, како и во експлозијата на железничката станица Подсусед пред два дена, нема елементи на терористички акт и засега се сметаат како чин против општата безбедност.Експлозиите имале за цел да ја вознемират јавноста и да го доведат во опасност животот на граѓаните, како и оштетување на имотот.
Во вчерашниот инцидент едно лице е повредено, но нема опасност по неговиот живот. Хрватската полиција привела 14 лица. На загрепските улиици се наоѓаат пожарникари, полиција и специјални единици.
Полицајци со автомати ги запираат и претресуваат сите автомобили.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG