Резиме
- Подароците, неформалните плаќања и „врските“ најмногу ги има кај лекарите специјалисти
- Истражувањето на здружението ЕСЕ, кое анкетирало над 1000 граѓани, заклучува дека е толку нормализирана што се препознава како „снаоѓање“.
- 40% од учесниците во фокус групите изјавиле дека дале поткуп или подарок за да добијат здравствена услуга
Корупцијата и натаму го „забрзува“ доаѓањето до услуги во јавните здравствени установи во земјава. Граѓаните даваат поткуп и за да дојдат до болнички кревет или за да го намалат времето на чекање за операција. Истражувањето на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ покажа дека сепак корупцијата често останува непријавена поради стравот од одмазда.
Таа е најзастапена кај специјалистите, односно колку услугата е посложена, толку корупцијата е поприсутна.
„За мене значи дека ако треба да одиш на болница да се оперираш, ќе треба да платиш за да ја добиеш услугата. Најчесто е проблемот во термините. Ако имаш пријател ќе успееш да добиеш термин и да бидиш прегледан“, изјавила жена од Прилеп која учествувала во фокус групите во рамките на истражувањето.
Видете и ова: Промените каскаат, здравството заглавено во популизам и корупцијаДруга жена од Битола пак, раскажала искуство со операција на нејзиното дете кое имало коскен тумор.
„Одам во нервохирургија, докторот ми вели дека снимката не била добра, да го снимам во Скопје. Го прашав докторот ако треба да се плати, кажи ми. Потоа појдов кај друг доктор, и тој истото ми го рече и се вратив кај првиот доктор. Мажот ми појде во еден ‘кафич’ и му ги даде парите на докторот. Откако му ги дадовме парите, веднаш се најде термин за операција, а претходно ми велеа дека нема термин, нема анестезиолог“, споделила жената.
Жените поранливи на обидите за корупција
Токму жените, особено помладите се поранливи на неформални плаќања и притисоци за побрз пристап до здравствени услуги.
Една четвртина од нив пријавиле коруптивно искуство при користење на гинеколошко-акушерска здравствена заштита, од кои 21,9 % при користење на гинеколошки услуги, а 3,4 % при користење услуги поврзани со бременост и породување.
Овие наоди укажуваат дека корупцијата претставува дополнителна системска бариера во пристапот до гинеколошко-акушерска здравствена заштита, покрај веќе утврдениот недостиг на гинеколози и нивната нееднаква географска дистрибуција – се вели во истражувањето.
Од ЕСЕ предупредуваат дека овие состојби особено негативно влијаат врз жените од руралните средини и жените кои живеат во неповолни социоекономски услови.
„Секоја петта жена е спремна да плати односно да даде корупција во услови кога е бремена или при породување или пак, при грижа за дете или старо лице во рамки на семејството“, вели Дарко Антиќ, координатор за мониторинг и анализа на буџети при ова здружение.
Тој посочува дека корупцијата најчесто е во форма на давање пари или подарок, но понекогаш таа може да биде и упатување во приватна здравствена установа или во конкретна аптека за да се купи одреден лек односно помагало.
Сексуалната корупција особено останува непријавена
Д-р Борјан Павловски, координатор за јавно здравје и женско здравје вели дека жените овој проблем го перцепираат како двонасочен.
„Бидејќи има случаи каде пациентите нудат корупција за да добијат подобар третман, но и здравствени работници кои директно или индиректно побаруваат подароци за пациентите да добијат услуги кои им припаѓаат односно им следуваат“, додава Павловски од ЕСЕ.
Видете и ова: Стотици нови лекари, а вработувањата повторно доцнатОсобено загрижувачки се наодите од истражувањето кои покажуваат дека жените се изложени и на сексуална корупција, но поради срам и страв тие не ја пријавуваат.
„Некои го избегнуваат тој лекар, но не пријавуваат. Стравично е, затоа што лекарот има моќ“, изјавила жена од Тетово која била дел од фокус групите.
Од вкупниот број учесници во истражувањето, вакво искуство пријавиле две жени, но и еден маж. Иако од секој од нив била побарана интимна или сексуална услуга, сите случаи се однесуваат на различна здравствена услуга. Но, заедничко е тоа што во сите овие ситуации, сексуалната услуга ја барале мажи.
Начинот на побарување најчесто бил невербален, преку алузии или недвосмислени насоки (два случаи), додека во еден случај побарувањето било изразено вербално. Две лица одбиле да одговорат за последиците од одбивањето, додека едно лице изјавило дека не следеле никакви последици, се вели во истражувањето.
Здравството е еден од секторите каде разликата меѓу доживеаната и пријавената корупција е најизразена. Но, тоа не секогаш се должи на стравот од одмазда или недоверба кон институциите.
Жените, на пример, недоволно ја перцепираат како корупција незаконската наплата од страна на матичните гинеколози за услуги кои им следуваат бесплатно.
Контроли на УЈП и ФЗО во гинеколошките ординации
Ваквото наплаќање на услугите кои ги покрива државата, го откри и заедничката контрола на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и Управата за јавни приходи (УЈП). Надлежните ги соопштија резултатите од контролата на крајот од минатата година, по напливот на добиените претставки од пациентки.
Директорот на ФЗО, Сашо Клековски тогаш изјави дека гинеколозите истакнале оти не наплаќат за прегледите туку за „дополнителни работи“ како што се цедеата, извештаите и слично.
„Обврска на приватните здравствени установи е јавно да имаат истакнато дека овие работи не смеат да се наплаќаат, но воспоставена пракса е според претставките што стигаат кај нас, да се наплаќаат по 500 денари“, додаде тој на прес конференција.
Видете и ова: Гинеколошки ординации наплаќале ехо, брисеви, ПАП тестови и други прегледи кои се бесплатниЕден месец подоцна, здружението на приватните гинеколози и акушери алармираше за сериозни проблеми поради недефинирани стандарди и нејасни договорни обврски.
„Недефинирани се стандардите за бројот на потребни прегледи, индикациите за прегледи. Прегледи има многу на барање на пациентките, надвор од стандардите. Постојат медиумски промоции дека сите прегледи се бесплатни, а оваа правна и договорна нејасност со години создава различни толкувања и ја става одговорноста неправедно врз лекарите“, истакнаа тие на прес конференција пред Министерството за здравство.
Од здружението тогаш потенцираа и дека проблемот не е во самите превентивни прегледи, туку во недостигот на јасно дефиниран сет на услуги, што треба да биде покриен со капитацијата што ја плаќаат пациентките преку здравственото осигурување.
Наоди од други истражувања
Вакво искуство на плаќање за гинеколошка услуга споделила и една од жените кои пак, учествувале во фокус групите на истражувањето на корупција во здравството, кое лани го спроведе Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС).
Според ова истражување, граѓаните може да западнат во подлабока сиромаштија доколку се принудени да го продаваат својот имот или да се задолжуваат за да добијат здравствена услуга која би требало да ја добијат без дополнителен трошок.
Дури 40% од учесниците во фокус групите изјавиле дека дале поткуп или подарок за да добијат здравствена услуга. Тие споделиле различни искуства, а висината на поткупот варирала во зависност од ситуацијата - од 200 денари до 2.000 евра за конкретна услуга во јавното здравство.
Видете и ова: Како лекарите да се вратат во селата?Во поголемиот број на случаи испитаниците навеле примери за исплата на пари, додека во една ситуација бил даден пример каде е побарана услуга.
„Еве пример, мојот сопруг скрши нога, имаше прелом на нога. Докторот во Скопје кој требаше да прави операција, побара во рок од три часа ако дадеме 30.000 денари на некоја си сметка дека ќе го оперираат, ако не, ќе го врати во Куманово. Значи ти и да имаш и да немаш и да сакаш и да не сакаш мораш да ги дадеш, заради тоа ако сакаш да ти ја извршат услугата која ти е потребна“, раскажала 46-годишна жена која учествувала во фокус групите.
Друга жена пак, споделила искуство во кое семејството морало да се задолжи за да плати две илјади евра „на рака“ за операција.
„Сепак се работи за младо дете од 19 години, се оперира од тумор на јајниците за да се спаси живот и моите мораа да се задолжуваат за да земат 2.000 евра и едвај и докторот се нафаќа да ја оперира , но тоа е платено. Значи веќе се бара“, додава 53-годишната жена.
Корупцијата во јавното здравство не остана незабележана и во Извештајот за процена на корупцијата во Северна Македонија кој во 2023 го изработија Македонскиот центар за меѓународна соработка и SELDI.
Според ова истражување, 50% од граѓаните сметаат дека речиси сите или повеќето доктори се вмешани во корупција. Сепак, овој процент е значително помал во споредба со другите професии опфатени во истражувањето - на пример 83% од граѓаните сметаат дека сите или повеќето судии се корумпирани, а 82% го изразуваат истото мислење за пратеници.
Алиу: Корупцијата како пораз на медицинската етика
Министерот за здравство, Азир Алиу е свесен за недовербата на граѓаните кон институциите. Сепак, според него уште позагрижувачка е недовербата кон „општествениот морал“.
Во колумна објавена на Инбокс7, Алиу вели дека „секоја злоупотреба не го понижува само пациентот, таа го компромитира и чесниот лекар и пожртвуваниот здравствен работник, како и севкупниот углед на професијата, граден со децении“.
Тој додава дека одговорот мора да биде двоен бидејќи и самите граѓани очекуваат построги санкции и поголем транспарентност.
На почетокот на мандатот, Алиу ја промовираше и алатката „Пријави неправилност“ која е достапна на веб страницата на Министерството за здравство. Пријавувањето е анонимно, а граѓаните може да приложуваат и фотографии и документи како докази. До сега не се објавени податоци колку пријави има за корупција во здравствените установи.