Дури ни по 100 пополнети апликации на огласи за вработување, по кои следувале десетина интервјуа, млада докторка од Скопје не успеала да добие постојано работно место. Нејзиното име ѝ е познато на редакцијата, но таа анонимно раскажа за затворените врати на кои наишла по дипломирањето на Медицинскиот факултет откако положила над 60 испити.
„Аплицирав на еден конкурс за вработување во јавна здравствена установа, но безуспешно. За жал, не ги познавав вистинските луѓе. Но ситуацијата е слична и во приватниот сектор, не само во ординациите туку и во фармацевтските компании. Ми се случувало да ми кажат дека местото е веќе договорено, но мора да се пушти оглас“, вели за РСЕ, 27-годишната докторка.
Иако месецов навршуваат две години од добивањето на лиценцата, таа наместо секој ден да третира пациенти, белиот мантил го облекува само повремено.
Вели дека единствениот приход го добива од настани и училишни екскурзии каде е потребен медицински персонал.
„Се трудев да бидам првенец и во основно и во средно, а факултетот освен што исто така бара многу труд, носи и големи трошоци. Ние имаме 61 испит. Тоа се безброј книги и материјали неопходни за да стекнеме знаење, ама по дипломирањето, ако немаш врски нема да се вработиш“, вели докторката која има само хонорарни ангажмани.
Но како што додава таа, овде не е проблем само исполитизираноста во здравството, туку и меѓучовечките односи.
„Многу е жално еден лекар да е во ситуација да не може да најде работа, а сите добро знаеме дека насекаде во државата има недостиг. Тука ако познаваш некого, сѐ ти е решено. Не се цени ниту знаењето, ниту вложениот труд. А нашиот печат носи преголема одговорност, затоа што ние сме тие кои се грижиме за здравјето на нацијата“, вели соговорничката на Радио Слободна Европа.
Демотивираат и ниските плати
Освен врските и непотизмот, демотивирачки според неа, се и платите кои се потпросечни.
„Срамота е еден лекар да зема плата од триесетина илјади денари. Овие примања се прениски, особено за колегите кои веќе имаат и деца“, вели докторката која најмногу ја интересира психијатријата, но веќе е скептична дека воопшто би добила државна специјализација.
Ваквата состојба пак, уште повеќе го демотивирала младиот лекар, Благојче Дишоски кој воопшто не ни аплицирал на оглас за работа од областа на медицината.
Незадоволен од повеќе аспекти, тој решил кариерно да се насочи кон граѓанскиот сектор, каде работи како координатор на финансии.
„Во приватните амбуланти платите најчесто се движат од 25 до 30 илјади денари за почетници за полно работно време. А во државното здравство не сум аплицирал поради неправилностите што ги гледам во повиците и селекцијата, како и недоволните и лоши работни услови“, вели за РСЕ, 29-годишниот лекар кој пред повеќе од една година дипломирал на Медицинскиот факултет во Штип.
Сомнежи за креирањето на ранг листите
Но како всушност, „врските“ фрлаат сенка врз правичното вработување во здравството?
Законски, директорите на јавните здравствени установи имаат дискреционо право при вработувањата. Оттука, тие го имаат и последниот збор независно од тоа кој каде се позиционирал на ранг листата. Еснафските здруженија сега бараат ова право да се укине, како и да се промени начинот на креирање на листата.
Така, од максималните сто поени кои може да ги освои кандидатот, 60 се добиваат преку писмено тестирање со кое, како што велат соговорниците на РСЕ, лесно може да се манипулира.
Д-р Бојан Трајковски смета дека рангирањето не секогаш е релевантно, сомневајќи се дека испитаниците ги добиваат прашањата однапред.
„Станува збор за одреден прашалник за којшто на лекар специјалист би му биле потребни час, час и половина да го реши. Но, младиот колега тоа го решава за три минути, што е релативно тешко“, вели д-р Трајковски, претседател на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.
Сепак, дури и некој заслужено да се најде на првото место на ранг листата, може да не го добие работното место, ако директорот одлучи така.
„Во медицината немаме праведно вработување. Можеби има само некое инцидентно вработување каде што сѐ било како што треба“, вели д-р Трајковски за Радио Слободна Европа.
Барање за потранспарентни конкурси
Укинувањето на дискреционото право според него, е исклучително важно за конкурсите да бидат потранспарентни.
„Главниот проблем со оваа ситуација е што остава можност за корупција, мито и останати нелегалности коишто би довеле до нерегуларно вработување. Зависиме од желбата на лицето коешто во таа ситуација одлучува, односно директорот на таа институција“, додава д-р Трајковски.
Наместо тоа, неговата колешка д-р Александра Георгиева предлага покрај дискреционото право, и писменото тестирање целосно да се укине. На сметка на тоа пак, кандидатот би добил повеќе поени на основа на просекот на факултетот којшто го завршил и усмениот испит кој се полага пред вработени односно професори од институцијата каде има оглас за вработување.
„Сметаме дека иако укинувањето на дискреционото право на директорите е исчекор во позитивен правец, но тоа апсолутно не го решава целиот проблем. Треба пошироко и подетално уредување на законот за здравствена заштита“, вели за РСЕ, д-р Георгиевска, претседателка на Здружението на лекари специјализанти.
Ова здружение не е вклучено во работната група која ги подготвува измените на Законот за здравствена заштита, но учествува во Стратегијата за млади лекари 2025-2035. Сепак, д-р Георгиевска вели дека овој документ може, но не мора да повлече други законски измени.
Но хаотичниот процес на вработување не ги засега само лекарите, туку и сите останати здравствени работници кои исто така, се многу потребни, а без кои државата останува сѐ повеќе.
Д-р Александра Георгиева која работи како специјалист на Клиниката за кардиологија вели дека за време на ноќните смени во некои од установите, една медицинска сестра се грижи за повеќе од 30 пациенти.
За разлика од македонските стандарди, според европските и американските, една сестра е одговорна за четворица пациенти а понекогаш и за помалку. Но и покрај ова, како што вели кардиологот, тие имаат ниски плати, а особено се мали ноќните дневници.
Законски измени во тек
Токму фактот дека политизацијата го деградира целокупниот здравствен сектор, го поттикнал Мијалче Минов, кој е рендген технолог да се вклучи во иницијативата на организацијата „Солуција“ за реформата за фер вработувања во јавното здравство.
Иако Минов дипломирал на Медицинскиот колеџ во Пловдив, Бугарија пред повеќе од 20 години, неговото работно искуство во македонското здравство е кратко и својата кариера ја гради во Лондон.
Таму и ги завршил своите постдипломски студии со стипендија од Болницата Kings College каде што е вработен.
„Уште по моето дипломирање се судрив со хаосот во македонскиот систем каде мора да бараш врски или да дадеш услуга за услуга. Имав договор на дело кој траеше неколку месеци и потоа се откажав. Предизвиците од пред 20 години, за жал сѐ уште се исти, а нарачаните вработувања, актуелни. За жал, не успеавме да изградиме систем којшто ќе ги вреднува добрите и ќе ги форсира напред“, вели Минов за Радио Слободна Европа.
Тој заедно со еден правен консултант од „Солуција“ е вклучен во изготовката на новата верзија на Законот за здравствена заштита, а во нивните предлози пресликале искуства од бугарскиот, англискиот и португалскиот модел.
Одливот на медицински кадар вели тој, е алармантен, бидејќи сегашните услови за вработување само ја зголемуваат наклонетоста кон политичките партии како линк до кариерниот развој.
Освен укинување на дискреционото право на директорите, предлогот на здруженијата е и огласот за вработување, наместо пет дена, да трае 15. Во тој период, огласот би бил објавен на веб страницата на институцијата, на Министерството и на Агенцијата за вработување.
„Дискреционото право е архаична алатка која на директорот му дава ексклузивно право да одбере кој ќе биде вработен. Со новиот закон, тоа ќе биде одземено, а неговиот или притисокот од некои надворешни врски ќе биде комплетно исклучен“, објаснува Минов за РСЕ.
Во предлогот доставен до здравствените власти, се бара тројцата најдобри кандидати да бидат повикани на интервју од истата стручна комисија која претходно ќе ги провери сите документи и ќе ја направи стручната проверка.
Регистар на човечки ресурси за подобро скроени политики
Членовите на комисијата за избор на кандидатите, би биле одбрани од стручниот колегиум на самата здравствена институција.
„При однапред точно утврдена методологија ќе бидат опфатени стручните и практични вештини на кандидатите, етичките и моралните норми. Ќе се направи бодување и ќе се избере најдобриот кандидат којшто подоцна ќе се предложи за избор за да биде вработен. Директорот, според новиот закон, нема да може да го одбие овој предлог или ако веќе го одбие треба да има добро писмено образложение зошто е тоа сторено“, додава Минов.
Овие предлози односно препораки се резултат на дискусиите со неколкуте здруженија од медицинската област, каде членуваат не само лекари туку и останати профили.
И покрај бројните забелешки од оние кои веќе ги искусиле неправдите во оваа област, од ресорното министерство за РСЕ велат дека не се пријавени евентуални злоупотреби при вработувања на лекари во јавно здравство.
На прашањето, дали ќе го изменат или укинат дискреционото право на директорите да одбираат кого ќе вработат, од Министерството за здравство посочуваат дека се разгледуваат можностите за тоа.
Моментално во тек е постапка за законски измени на постапката за вработување на лекари, а конкретните решенија ќе се дефинираат по завршувањето на овој процес – наведуваат од Министерството во писмениот одговор до РСЕ.
Но покрај законските измени, лекарите бараат да се заострат и условите за запишување на медицинските факултети. Во разговор за РСЕ, тие коментираат дека иако нивните колеги постојано заминуваат, имаме хиперпродукција на кадри без да се види кој каква предиспозиција има.
За да се утврди каде и колку здравствени работници недостигаат, министерот Азир Алиу најави Е-регистар за човечки ресурси.
Тој на властите ќе им послужи како алатка за усогласување на новите вработувања, со што ќе почне и редистрибуција на вишокот кадар.
Анализата што Алиу неодамна ја презентираше, покажува дека севкупно во јавниот и приватниот здравствен сектор, се вработени 32.383 лица.
Од нив, на јавниот, му „припаѓаат“ 18.536 од кои речиси пет илјади се се лекари и медицински соработници на секундарно и терциерно ниво. Во јавните здравствени установи има 7.003 медицински сестри, како и останат медицински и немедицински кадар.