Достапни линкови

Гинеколошки ординации наплаќале ехо, брисеви, ПАП тестови и други прегледи кои се бесплатни


Илустрација/Фотоархива
Илустрација/Фотоархива

Резиме

  • Наместо да ги добијат бесплатно, пациентки плаќаат за услуги за кои нивните матични гинеколози веќе имаат склучено договор со Фондот за здравствено осигурување.
  • Заедничката контрола на Фондот за здравство и УЈП откри низа неправилности во 23 гинеколошки ординации во шест градови.
  • Граѓанските организации повикаа на посоодветна здравствена заштита за сите категории на населението, особено најранливите.

За прегледи кои им следуваат бесплатно, пациентки плаќале кај своите матични гинеколози. Иако ехо прегледот, колпоскопијата и земањето микробиолошки брис, согласно договорната обврска со Фондот за здравствено осигурување, следуваат бесплатно, пациентките за нив плаќале по 500 денари. Овие неправилности ги откри заедничката контрола на ФЗО и на Управата за јавни приходи (УЈП).

Најмногу неправилности во Струмица

Ова е прва ваква контрола од 2012 година па досега и следува по напливот на претставки кои пристигнале до Фондот од пациентки. Контролите се извршени во 49 приватни здравствени установи – матични гинеколози во Скопје, Прилеп, Битола, Штип, Тетово и Струмица.

Контролата открила неправилности кај 23 од нив.

Од овие 23 установи, осум им наплаќале на своите пациентки за услуги за кои веќе имаат средства од Фондот, а останатите неправилности се поврзани со фискализацијата.

И Фондот и УЈП веќе имаат изречено глоби, односно парични казни – информираше денеска (26 декември) директорот на ФЗО, Сашко Клековски . Повторувањето на истиот тип прекршок ќе значи и поголема казна за установите, кои по одреден број прекршувања би можеле да се соочат и со раскинување на договорот со ФЗО.

„Најнизок степен на уредност има во Струмица каде од пет контролирани ПЗУ само една била со уредни наоди, а со висока неуредност е и Скопје каде од 16 контролирани установи, 9 се неуредни. Највисока уредност имаат Битола и Прилеп, каде 71 процент од контролираните установи биле со уредни наоди и со Фондот и со УЈП“, изјави Клековски.

Како што рече, „изговорите“ на гинеколозите биле дека не наплаќат за прегледите туку за „дополнителни работи“ како што се цедеата, извештаите и слично.

„Обврска на приватните здравствени установи е јавно да имаат истакнато дека овие работи не смеат да се наплаќаат, но воспоставена пракса е според претставките што стигаат кај нас, да се наплаќаат по 500 денари. Во наредниот период и тоа ќе го појасниме, но тоа е пакетот на бесплатни здравствени услуги“, истакна Клековски.

Тој додаде дека со казните нема да се „наполни“ Фондот, но сепак ќе се застане во одбрана на осигурениците. Тие пак, неправилностите освен со претставка до ФЗО, може да ги пријават и во УЈП по пат на електронска пошта или на бесплатната телефонска линија 198.

Директорката на Управата, Елена Петрова објави дека нешто повеќе од една третина од субјектите кои биле предмет на контрола, имаат неправилности во делот на фискализацијата односно регистрирањето на готовинскиот промет. Ова, според неа, остава простор за стекнување личен имот од неоданочен доход, што директно ја „храни“ сивата економија.

„Иако здравствените услуги се ослободени од ДДВ, а најголем дел од овие установи плаќаат симболичен годишен данок на вкупен приход од еден процент или се ослободени од оданочување, тоа не значи дека неевидентирањето на прометот е без никаков даночен ефект. Ова создава нефер предност на оние што работат незаконски“, посочи Петрова и најави засилени контроли.

И мониторингот на невладините откри пропусти

Но наплаќањето на услугите кои всушност се бесплатни, е „јавна тајна“ која граѓанските организации ја констатираа во заедничко истражување минатата година. Тие нотираа дека дел од жените не се ни информирани дека одредени здравствени услуги им следуваат на овој начин, а следствено на ова, иако плаќаат, не добиваат фискална сметка.

-Ова укажува на системски проблеми и недостаток на транспарентност во наплатата на услугите, како и недостаток на контролни механизми – предупредија во своето ланско истражување четири граѓански организации.

Меѓу нив, е и Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари, од каде за РСЕ велат дека оваа пракса продолжува и во 2025 година, иако кај одредени прегледи е забележан прекин на наплатата.

Со нивната работа на терен, организациите откриле дека сумите што се наплаќаат се движат од 200 до 2.000 денари.

Ања Симоновска од ова Здружение, за Радио Слободна Европа, вели дека износите варираат од еден до друг матичен гинеколог, дури и за ист тип на преглед.

„Поради ова, произлегува препораката за системско дефинирање на пакет на услуги за жени во репродуктивен период и бремени жени, со посебен фокус на жените во социјален ризик, со цел елиминација на незаконската и нееднаква наплата од страна на одредени матични гинеколози“, вели Симоновска.

Така, во „сликата“ за тоа кои услуги на колку жени им следуваат бесплатно, предничи податокот дека дури 40 жени наспроти 10 добиле бесплатен ехо преглед.

За микробиолошки брис, им било наплатено на 41 жена, а девет ја добиле услугата бесплатно.

Слична е статистиката и кај ПАП тестовите, за кои само 10 жени успеале да го добијат ова како услуга бесплатно, наспроти 39 кои платиле.

Понатаму, следуваат лабараториски анализи за бременост, одредување Rh фактор, следење и мерење на крвен притисок, како и мерење на телесна тежина. Дел од пациентките, овие услуги воопшто не можеле да ги добијат кај својот матичен гинеколог.

Дополнително, Иницијативата е загрижена бидејќи во општината Шуто Оризар има само еден матичен гинеколог, па оттука е и стравот, дека поради недоволна финансиска одржливост и мал број на пациенти, ординацијата може да престане со работа.

„Затоа упатуваме апел до заедницата – жените и девојчињата по навршени 12 години да изберат матичен гинеколог и да ги користат достапните здравствени услуги“, додава Симоновска за Радио Слободна Европа.

Покрај ова, таа смета дека финансискиот и стручниот надзор кај матичните гинеколози треба да бидат уште поредовни, за да се елиминира проблемот.

„Овој пропуст најчесто се јавува поради недоволен институционален надзор, нејасно дефинирани обврски на матичните гинеколози. Дополнително, финансиските притисоци врз поединечни ординации придонесуваат кон нееднаква и незаконска наплата“, порачува Симоновска.

Зголемен капитационен бод

Директорот на ФЗО, Клековски вели дека имало „негодувања“ за време на неодамнешната заедничка контрола, но потенцираше дека институцијата има договор со овие приватни здравствени установи.

„Ако не чини, треба да се договориме за договорот да одговара на сите договорни страни. За жал, има пракса да не се почитуваат преземените обврски. Ако има проблем со договорените обврски треба да разговараме. Мене ми е жал ако е повредена честа или суетата на одредени доктори или ординации, но мора да се придржуваме. Особено капитациите се зголемени, зголемено е вреднувањето на работата на докторите“, истакна Клековски.

Матичните гинеколози, покрај матичните доктори од општа медицина и стоматолозите, добија зголемување на капитациониот бод во април годинава.

Матичните доктори од општа медицина и гинекологија добија зголемување за 33 проценти, а стоматолозите за 23.

XS
SM
MD
LG