Болеста ѝ се појавила кога имала осум години. На 16 години бубрезите целосно ѝ откажале, па била ставена на дијализа. За среќа, мајка ѝ била сроден дарител, па ѝ дала бубрег. За несреќа, тој по десет години откажал па од 2019 година повторно е на дијализа по четири часа, три пати во неделата.
Бранкица Размоска од Вевчани сега има 32 години и животот ѝ зависи од машината за дијализа.
„Додека другите млади луѓе планираат иднина, ние планираме терапии. И многу е тешко“, вели таа за Радио Слободна Европа (РСЕ), опишувајќи ја голготата низ која поминува додека чека трансплантација на бубрег.
Татко ѝ е починат, браќа и сестри нема, па нема друг сроден дарител освен мајката која веќе ѝ дала бубрег. Затоа, следната трансплантација е можна само од кадаверичен (починат) дарител со мозочна смрт.
„Многу се надевам, секој ден се надевам дека еден ден ќе ме побараат и ќе ме викнат на трансплантација. Мојот апел е дека со донирање органи, вие не губите ништо, вие подарувате живот. Ако некој изгуби човек, тој човек може да живее и во друг човек – и да помогне многу“, вели Размоска.
Во Северна Македонија има околу 1.600 пациенти на дијализа и 23 центри за дијализа. Повеќето од нив чекаат кадаверична трансплантација, бидејќи немаат жив сроден дарител.
На листата на чекање органи има околу 200 пациенти. Од нив, 165 чекаат бубрези, на 30-тина им е потребно срце, а на останатите црн дроб или коски.
Некои пациенти чекаат со децении, а дел од нив никогаш не дочекуваат орган, вели Душко Ѓорѓиев, претседател на „Нефрон“, здружение на бубрежно болни пациенти.
„Имаме години кога воопшто не се прават кадаверични трансплантации, имаме години кога тој број е нешто зголемен, но во суштина е многу мал за да ги задоволи потребите на пациентите“, вели Ѓорѓиев.
Регулативата во земјава е „претпоставена согласност“ за дарување органи. Или - секој е дарител освен ако во тек на животот не се изјаснил поинаку. Сепак, по мозочна смрт, семејството го има последниот збор за тоа дали ќе ги донира органите.
Животот по трансплантација
За разликата меѓу животот на дијализа и животот со трансплантиран бубрег сведочи скопјанката Тања Павловска, која веќе 18 години живее со бубрег од жив донор – нејзината тетка.
Иако повеќе членови на семејството направиле испитувања, само тетката била компактибилен донор.
„Дијализата е физички и психички тежок момент. По трансплантацијата, животот ми се врати во нормала, имам повеќе енергија, подобро здравје, повеќе активност, повеќе време да посветам на фамилијата, пријателите, на работа одам најнормално, се вратив во колосек“, вели Павловска.
Таа смета дека свеста за органодарителството е недоволна и дека стравот и дезинформациите ги одвраќаат луѓето од хуманиот чин, донирање органи.
„Мислам дека повеќе треба да се разговара на оваа тема, да се разбуди свеста кај секој еден од нас. Претпоставувам дека најголемиот проблем е стравот кај луѓето, што може да се случи. Тетка ми се чувствува одлично, нема никакви последици, се надевам дека ќе ги нема и понатаму“, сподели Павловска со РСЕ.
Тројца починати биле дарители на органи во 2025
Во 2025 година имало 13 потенцијални донори на органи - луѓе кои доживеале мозочна смрт. Од нив, неколку биле исклучени од медицински причини. Семејствата на тројца донори се согласиле да ги донираат органите. Притоа се направени две трансплантации на црн дроб, шест на бубрези, десет пресадувања на коски и три пресадувања на мускулно - скелетни ткива.
Истата 2025 имало и пет трансплантации на бубрег од жив дарител, а почна и нова трансплантациона програма при што се трансплантирани девет корнеи (рожници), според податоците од Министерството за здравство.
Во 2024 и во 2023 година имало по два донори со мозочна смрт и уште шест живи дарители на органи.
Кадаверичната трансплантација останува предизвик - кога семејствата одбиваат да ги донираат органите на својот близок, тоа ги фрустрира и лекарите.
„Кога ние како координаторски тим ќе ги направиме сите тестови, ќе дијагностицираме мозочна смрт, ќе ги процениме органите, ќе заклучиме дека имаме потенцијален донор кој би дал живот на неколку пациенти и кога ќе се соочиме со одбивање од семејството, тука сме навистина немоќни. Ние сме законски обврзани да ја почитуваме желбата на семејството, кое има право да даде или да не даде согласност“, вели проф.д-р Билјана Кузмановска, национална координаторка за трансплантација, за РСЕ.
Обратна е ситуацијата кога лекарите ќе добијат согласност.
„Тоа се многу емотивни моменти и за нас и за семејствата. Ние сме исправени пред еден вулкан на добрина. Кога ќе видите пред вас луѓе кои губат некој кој им е најдрагоцен во животот и се согласуваат да дадат дел од телото на нивното најсакано да живее во тело на луѓе кои нема да не ги знаат, можеби никогаш нема да ги запознаат.... тоа навистина ја ве менува. Еве мене ме менува“, вели д-р Кузмановска.
Лекарите се горди дека кај пациентите немало компликации по трансплантациите, според д-р Кузмановска.
За 2026 година тимот за трансплантација се подготвува да воведе уште метод, пресадување на црн дроб од жив донор. Законскиот аспект е подготвен, а дали ќе се прави и таква трансплантација во Северна Македонија, ќе зависи и од тоа дали ќе има донор.
Над 500 трансплантации на бубрези во Северна Македонија
Северна Македонија се приближува кон 50-годишнина години од првата трансплантација на бубрег, направена во 1977 година – медицински успех што, според здружението „Нефрон“, покажува дека земјава одамна фатила чекор со современите здравствени системи.
Но, оценуваат дека бројот на трансплантации, околу 510, не е доволен.
„Имаме земји во регионот, како Хрватска, кои за година ипол прават толку трансплантации колку што ние сме направиле за 50 години. Во светот веќе има и ре-трансплантации. Кај нас тоа не е случај затоа што имаме премалку органи, а премногу пациенти на чекање. Вистинскиот број на луѓе кои чекаат органи е поголем од бројот на листата, затоа што во отсуство на кадаверична трансплантација пациентите не ги прават потребните испитувања и типизации оти однапред знаат дека во блиска иднина не можат да добијат орган, а испитувањата чинат време и пари“, вели Ѓорѓиев.
Според него, неопходна е континуирана целогодишна активна кампања за подигање на свеста за донирање органи и проширување или изградба на нов Центар за трансплантација кој не работи откако во пандемијата служеше како ковид-центар.
Националната координаторка Кузмановска најавува дека Центарот се реновира и дека ќе има пет бокса и дијализен дел. Исто така, отсега пациенти со мозочна смрт ќе може да се идентификуваат и од интензивната нега на ГОБ „8 септември“, за разлика од досега, кога тоа се правеше само на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување(КАРИЛ).
Се подготвуваат и измени на законот за трансплантација со кои ќе се дозволи живи дарители на органи да бидат и први братучеди. Досега тоа беше ограничено на мајка, татко, брат, сестра, баба, дедо, вујко, чичко, тетка, деца и внуци.