Достапни линкови

Стотици нови лекари, а вработувањата повторно доцнат


Илустрација
Илустрација

Стотици млади лекари уште чекаат вработување во јавното здравство каде напливот на пациенти е несразмерен со бројот на вработени, а исто толку ја напуштаат државата. Здруженијата и Лекарската комора бараат стратегија за специјализации, затоа што недостасуваат анестезиолози, педијатри, онколози...

Смената на министри во здравството и изборните процеси во последните две години, го одложија вработувањето на приватните специјализанти кои преку протест и штрајк лани побараа да им се регулира работниот однос.

Премиерот Христијан Мицкоски неколку месеци подоцна изјави дека Владата може да обезбеди вработување за 600 од нив. Тогашниот министер за здравство, Таравари најави дека 300 ќе бидат вработени до крајот на таа година, а преостанатата половина во 2025.

Но иако 2025-та, веќе е на самиот крај, властите не го реализираа ваквото ветување.

Вработувањето на првите 300 е во финална фаза – информираат од Владата за Радио Слободна Европа (РСЕ). Од Фондот за здравствено осигурување пак, велат дека годинава до нив се доставени барања за средства за вработување на вкупно 290 специјализанти.

Овие средства се обезбедени во целост, додаваат од Фондот за здравствено осигурување во писмениот одговор до РСЕ.

Така, оние кои требаше да бидат вработени во годината која веќе изминува, ќе треба да почекаат тоа да се случи во првото тромесечие догодина.

Од Владата велат дека тоа се должи на смената на министер во ресорот Здравство, но и на изборниот период кој следуваше по објавувањето на повикот во јули. Сепак, од владината прес служба потенцираат и дека базата на оние кои изразиле интерес веќе е комплетирана.

Хиперпродукција на кадри, а вработувањето оди тешко

Иако стотици млади лекари чекаат трансформација на моменталните договори на дело со кои земаат плата од 26.000 денари, образовниот систем постојано создава нови кадри. Тоа и го наметнува оксиморонот во македонското јавно здравство, во кое вработените ги нема во доволен број за да се испорачаат потребните здравствени услуги, а сепак во државата има хиперпродукција на кадри.

За да се образуваат, тие може да бираат меѓу вкупно три државни медицински факултети.

Само Медицинскиот факултет во Скопје во текот на оваа година, распишал три јавни огласи за запишување на приватна специјализација на здравствени работници со високо образование од областа на медицината, или еден повеќе од распишаните во 2024-та.

Токму во таа година, имало и најголем интерес па за 75 места, конкурирале 213 кандидати – информираат за РСЕ од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Ист број на огласи, односно два, биле распишани и во 2023 година.

Универзитетите во Штип и во Тетово не доставија одговори на прашањата на Радио Слободна Европа за тоа колку вакви огласи распишале медицинските факултети кои функционираат во нивни рамки.

А со оглед дека специјализацијата ја плаќаат од свој џеб, приватните специјализанти и самите ја одбираат областа во која сакаат да специјализираат, па во некои гранки недостигот на лекари е особено алармантен. Меѓу нив, се вбројуваат анестезиологијата, педијатријата, патологијата, радиологијата и онкологијата.

Податоците што Лекарската комора претходно ги достави до Радио Слободна Европа, покажуваат дека оваа година во споредба со претходната, бројот на специјалисти кои најмногу недостигаат, се намалил за 125.

Искуството од болничките ходници говори дека освен што се платени малку над минималецот, приватните специјализанти немаат здравствено и пензиско осигурување, а понекогаш со месеци чекаат на исплатата на ноќниот труд.

Ниту најавените вработувања нема да ја решат невработеноста

Д-р Александра Георгиева, претседателка на Здружението на лекари специјализанти вели дека ова го наметнува прашањето, дали и во каква форма, на државата ѝ се потребни приватни специјализации.

„Одливот на лекари највеќе е од делот на приватните специјализанти. Доколку тоа се лекарите кои ги губиме, можеби треба да се размислува во правец на укинување на приватни специјализации, а да постојат само државните како што било во минатото. Со тоа што, нели, државата би ги распределила колегите да работат согласно потребите на болниците односно здравствените домови“, вели д-р Георгиева за Радио Слободна Европа.

Нејзините колешки покрај наведените предизвици, немаат ниту платено породилно отсуство. Затоа, вели Георгиева, сите доктори треба да бидат вработени брзо по завршувањето на факултетот.

„Кога луѓето ќе бидат вработени и ќе потпишат договори коишто се обврзувачки, дека нели после завршување на специјализацијата ќе останат пет години, ние ќе се осигураме дека барем во наредните 10 години ќе имаме лекар во таа установа. Дека тоа 100% ќе ја спречи миграцијата, нема да ја спречи никаде во светот. Со глобализацијата секаде има миграција, но ние со тоа што го правиме, со неразумните политики, ги бркаме лекарите“, вели младата докторка кардиолог.

Впрочем, затоа и според неа, дури и кога целосно ќе се реализираат најавените 600 вработувања, многу лекари ќе останат невработени.

„Проблемот е што во меѓувреме има многу конкурси за приватни специјализанти. Тоа значи дека дури кога ќе се апсорбираат овие 600 луѓе во јавното здравство, ние пак ќе имаме огромна бројка на луѓе коишто ќе останат невработени и константно тој проблем се генерира од година во година. А нели, реално е дека државата не може да одговори на тој предизвик“, додава
д-р Георгиева за РСЕ.

Укажување на потребата од реформирање на системот на специјализации, претходно пристигна и од Лекарската комора. Оттаму сметаат дека само на овој начин ќе се регулира недостигот на доктори.

„Ние предложивме да се врати стариот систем според кој специјализациите траеја четири години, а потоа имаше можност да се супспецијализира уште две години, наместо по шест години како што се сега најголем дел од специјализациите. Сметаме дека така ќе се едуцираат доктори кои ќе можат да одговорат на здравствените потреби на пациентите во болниците низ градовите“, изјави за РСЕ, д-р Калина Гривчева Старделова, претседателка на Лекарската комора.

Д-р Трајковски: 10-годишна Стратегија наместо приватни специјализации

И покрај дипломата од Медицинскиот факултет, дел од младите лекари мора да работат и втора работа за да ја преживеат неизвесноста во секојдневието. Ваквото искуство на своите колеги го раскажа д-р Бојан Трајковски, претседател на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.

Тој говореше на оваа тема пред неколку месеци на панел дискусија во просториите на Медицинскиот факултет во Скопје. Тој порача дека „ако државата сака да направи промена, треба да ги укине приватните специјализации како квота“. Наместо тој, тој предлага да се донесе десетгодишна стратегија која секој министер би ја следел „без разлика на политичкиот амбиент“.

„Ако имате план и програма што правите, паралелно точно знаете колкав број студенти ви се потребни по медицина. Тоа е првиот чекор за да немаме хипер-продукција на кадар. Вториот чекор е вие да имате план точно на кое место и колку лекари ви недостасуваат. Ние точно знаеме колку луѓе годишно одат во пензија, колкумина продолжуваат лиценци, колкумина имаат во план за кое време да бидат во пензија. Согласно тоа, ние треба да имаме план колкав број колеги ќе одат на која специјализација“, изјави д-р Трајковски кој рече дека ако лекарите имаат соодветни услови, никој нема да си замине од државата.

Но, иако не се знае колку лекари точно се иселиле, факт е дека бројот на активни лиценци во Лекарската комора се намалува. За една година, евиденцијата на Комората нотирала 509 лиценци помалку, но нема конкретен податок дали тоа се должи на пензионирање, иселување, нивно заминување во друга установа, или пак на сите овие фактори заедно.



XS
SM
MD
LG