Два месеца по гласањето, законот за јазици во фиока

Архивска фотографија- Законот за употреба на јазиците беше донесен во тензична атмосфера, 14.03.2018

Претседателот на Собранието Талат Џафери не открива кога ќе го прати Законот за употреба на јазиците во Службен весник без потпис на претседателот Ѓорге Иванов. Дел аналитичари препознаваат калкулации и евентуални пресметки за тоа како тој би влијаел при предвремени парламентарни избори.

Кога претседателот на Собранието Талат Џафери планира да го испрати Законот за употреба на јазиците во Службен весник се уште не се знае. Во интервју за Радио Слободна Европа што во целост ќе го емитуваме в недела, Џафери на прашањето кога ќе го стори тоа не одговара конкретно.

“Имајќи предвид дека нема рокови во однос на објавувањето на законот, сметам дека во соодветно време, кога ќе проценам дека треба да се прати законот до Службен весник, тој ќе се објави” вели Џафери.

Инаку, речиси два месеца откога е изгласан и по втор пат, Законот за употреба на јазиците не е стапен во сила. Откако претседателот Ѓорге Иванов одби да го потпише, а како причини за тоа ги изнесе начинот на кој бил донесен, како и решенијата кои би предизвикале блокади на институциите, Џафери најави дека можно е тој да го испрати до Службен весник.

Според политичкиот аналитичар Џељаљ Незири, постојат неколку причини за ова одолговлекување. Едната, вели тој, е процената на политичката ситуација во моментов, односно, подобрената соработка меѓу власта и опозицијата за реформите. Евентуалното праќање во Службен весник само со потпис на Џафери може повторно да ги наруши односите, смета Незири.

Друга причина, според него, може да се партиските калкулации во случај на предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со претседателските идната година. Незири смета дека тие сигурно би се случиле, ако до крајот на годинава се реши проблемот за името со Грција.

“Ако сега се објави законот, тој ќе почне да се применува и ќе почнат проблемите со неговата имплементација и до избори тој може да се претвори од придобивка во минус за партиите. Мислам дека тие калкулации се прават со тоа кога да се објави со намера да се актуализира токму пред изборите” вели Незири.

Претседателот на Собранието пак, ја отфрла можноста дека се прават калкулации за евентуални предвремени избори.

“Сметам дека тоа не е став и калкулирање на ДУИ и на која било од политичките партии, затоа што законот е веќе донесен по втор пат и нема каква калкулација да се направи во однос на тоа” вели Џафери.

Законот за употреба на јазиците првпат беше донесен во јануари по што претседателот Иванов одби да го потпише указот оти како што рече законот бил усвоен без јавна расправа, без научна дебата, без вклученост на академската и стручна јавност, без опозицијата и дека не бил усогласен со Уставот.

Потоа ВМРО-ДПМНЕ поднесе околу 35 000 амандмани за законот со што се отежна неговото повторно гласање, па во март беше усвоен во второ читање без дебата за поднесените амандмани. Иванов повторно одби да го потпише, иако како што велат дел експерти, според Уставот, тој е должен да го стори тоа.