Достапни линкови

Ќе има ли крај на серијалот за законот за јазиците?


Архивска фотографија - Собраниска седница.

Претседателот на Собранието Талат Џафери за утре во 13 часот ја закажа седницата на која ќе се гласа Законот за јазиците. Неделава законот ќе биде донесен, вели премиерот Заев. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски нуди соработка за реформите, ако СДСМ го отфрли законот.

Законот за јазиците утре ќе се најде на собраниска седница, се договориле координаторите на пратеничките групи на состанокот кај претседателот на Собранието, Талат Џафери. Од ВМРО-ДПМНЕ не учествувале на координацијата. Засега нема детали дали ќе се расправа по илјадниците амандамни поднесени од ВМРО-ДПМНЕ.

Минатиот вторник беше закажана седница за Законот за јазиците, но по неколку одлагања, претседателот на Собранието, Талат Џафери, даде една недела шанса за дијалог. Тој рече дека е подготвен да закаже уште една седница на која директно ќе се гласа за донесување на Законот за употреба на јазиците, без притоа да се прифати разгледување на 35-те илјади амандмани кои ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ.

Заев - Оваа недела законот ќе се донесе

Прашањето за Законот за јазиците ќе биде затворено оваа недела, рече премиерот Зоран Заев. Тој вели дека за законот се дебатирало девет месеци и сите си кажале сè што имаат да си кажат.

„Нека се донесе Законот, нека се спроведе и ќе видиме сите дека не било ништо толку тешко и трагично, туку ќе овозможи полeсно да се разбираме едни со други. Пораките што ги испраќа шефот на опозицијата се копи пејст на оние што ги испраќаше неговиот претходник Груевски “, рече Заев.

Тој рече дека чекорите ќе се движат согласно демократските процедури.

ВМРО-ДПМНЕ нуди соработка, ако се отфрли законот

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски преку видео обраќање уште еднаш му понуди соработка на СДСМ во Парламентот, доколку го отфрлат Законот за јазици. Тој вели дека ВМРО-ДПМНЕ нема да отстапи од поднесените амандмани.

Уште еднаш повторувам дека Зоран Заев ќе ја има поддршката на ВМРО-ДПМНЕ во обезбедувањето на парламентарно мнозинство, и стабилноста на владата само да не потпаѓа под уцените кои се на штета на државата, и да не го донесе неуставниот закон“, вели Мицкоски.

Тој повикува премиерот и сите субјекти на власта да размислат пред да влезат во нов процес, кој, според Мицкоски, ќе значи нова политичка криза.

Од СДСМ преку соопштение реагираа дека ВМРО-ДПМНЕ го користи законот единствено како изговор за блокада на реформскиот процес. Од партијата остануваат на ставот дека законот е целосно во согласност со Уставот и во интерес е на сите граѓани.

Османи - опозицијата ја става земјата во ризик

Вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи вели дека опозицијата со своите постапки ја става земјата во ризик.

Изјавата „да се собереме моноетнички за да спречиме“ една можност која ни ја нуди рамковниот договор е толку анахрона и толку ризична за државата што не сум размислувал дека може да ја каже некој во 2018-та година“, вели Османи.

Собранието го донесе законот за јазици на 11 јануари во отсуство на опозицијата. Претседателот Ѓорге Иванов не го потпиша законот, зашто, како што рече, бил донесен без јавна расправа, без научна дебата, без вклученост на академската и стручна јавност и без опозиција. Откако Собранието повторно го стави во процедура, ВМРО-ДПМНЕ поднесе над 35 илјади амандмани.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG