Достапни линкови

Струја, „историски“ проекти и заборавени објекти


Колкави ќе бидат сметките за струја од наредниот месец? Можеме ли Чебрен да го градиме сами и зошто не сме го изградиле досега? Некои почнати објекти, заборавени. Хаос со вадењето нови лични документи. Њузлетер 29.12.2023

Сметките за струја - угоре удолу

Од идниот месец сметките за струја ќе изгледаат поинаку. Струјата поскапува, но мрежарината поевтинува, па како епилог на тоа, Регулаторната комисија за енергетика пресметала дека струјата во првиот блок ќе поевтини, во вториот останува иста, а во третиот и четвртиот ќе биде повисока. Се воведува и нова ставка „пристап до мрежа“ за сите корисници од 200 денари месечно, што ќе значи поскапување за куќите и становите во кои не живее никој или трошат многу малку струја.

Просечно семејство со просечна потрошувачка на струја и од нова година ќе плаќа исти сметки за струја како и досега, соопшти претседателот на регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски на 26 декември.
Околу 80 проценти од домаќинствата се во првиот и во вториот блок на потрошувачи. Но, во зимските месеци, оние кои се греат на струја, лесно може да преминат во третиот блок. Така во ноември во споредба со октомври, 10 илјади домаќинства од првиот и вториот блок преминале во повисоките блокови.
Компликувано, нели, а како ќе изгледаат сметките, ќе видиме кога ќе ги добиеме.

Инфорграфика - Цена на струјата од 1 јануари 2024, според РКЕ
Инфорграфика - Цена на струјата од 1 јануари 2024, според РКЕ


Хидроцентралата Чебрен – историски проект што никој не го реализира

Државата има пари за ја изгради хидроцентралата „Чебрен“, велат економистите и инженерите, само што ниедна Влада не се занимава со државниот интерес и профит туку со личниот, велат економските аналитичари.
За енергетски проект на Црна Река прв пат се прават планови уште во 1963 година, и оттогаш Електростопанство на Македонија е во игра за инвеститор, но само на хартија. Во 1964 година е изградена хидроцентралата Тиквеш додека другите две Чебрен и Галиште останаа само како проекти на хартија. Конечениот и ревидиран проект со инвестициска рамка е направен во 1990 година, кој остана нереализиран во наредните децении.
Првиот тендер за јавно-приватно партнерство за изградба на хидроцентралата Чебрен се појавува во 2006 година и до сега пропаднаа вкупно 13 тендери.

Сега, за помалку од една недела истекува банкарската гаранција од 1,4 милиони евра на грчката компанија „Архиродон“ која покажа интерес да ја гради хидроцентралата Чебрен вредна милијарда евра. Рокот за потпишување на договорот е продолжен до средината на јануари, додека да заврши жалбената постапка, по која, одлука ќе треба да донесе грчкото електростопанство дали ќе ја гради или не хидроцентралата.
Министерката за животна средина Каја Шукова неодамна изјави дека според македонските закони грчката фирма мора прво да добие концесија за вода. Токму тоа е предмет на жалбената постапка на грчката фирма.
Економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ вели дека и во сегашниот и следниот буџет има доволно пари за да се почне со градење на Чебрен, тие пари за кратко време ќе се вратат, затоа што производството на струја е многу профитабилен бизнис, кој ќе станува уште попрофитабилен во наредните години и децении.
„Токму тука мислам дека лежат причините зошто ниедна влада досега не сакала да го гради Чебрен како државен проект. Сите сакаат да влезат во проектот како приватни инвеститори, на еден или друг начин, за потоа тие лично да профитираат од него, наместо да профитира државата“, вели Јовановиќ.

Објекти за факултети почнати, па заборавени

Речиси деценија помина од почетокот на изградбата на објекти за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, кои се во дворот на УКИМ. Министерството за образование три години размислува како да го промени планираниот барокен изглед додека студентите учат во преполни простории или имаат предавања на други факултети, а нема услови ни за вежби.
Иако кон крајот на минатата година, министерот за образование и наука Јетон Шаќири даде мошне оптимистичка изјава дека во текот на 2023 година ќе продолжат градежните активности на терен за доизградба на овие факултети, а кон почетокот на оваа година, односно во јануари истото го најави и премиерот Димитар Ковачевски, сепак тоа не се случи. Градежни активности, нема.

Инвеститор на овие згради е МОН, но изградбата запре во 2019 година кога фирмата изведувач „Бетон“ од Штип отиде во стечај, а од тогаш се уште не е распишан ниту тендер за избор на нова фирма која би продолжила со градење.
Во Буџетот за 2023 годинава за оваа намена првично беа предвидени 21,6 милиони денари, за следната година за доизградба на овие објекти се предвидени само три милиони денари.
Од Владата побаравме одговори - Зошто има толкаво намалување на ставката за овие објекти во Буџетот, како и зошто годинава не се одвиваа никакви градежни активности на терен и покрај тоа што беа предвидени над 20 милиони денари за тоа, но оттаму не одговорија на нашите прашања.
Инаку, слична е ситуацијата и со новата спортска сала на УКИМ, која беше изградена, но е запуштена и руинирана, а кога ќе биде ставена во функција е тотално неизвесно.

Лични проблеми со промената на личните документи

Редици граѓани од раните утрински часови нервозно чекаат за промена на личните документи на единствениот пункт во Скопје, во полициската станица „Пролет“ во Општина Кисела Вода, каде оваа услуга можете да ја добиете и без закажан термин. Друг ваков пункт нема да има.
Доколку пак сега се јавите да закажете термин за промена напатната исправа, личната карта и возачката дозвола со новото уставно име на државата - „Република Северна Македонија“, првиот слободен термин ќе го добиете дури на лето, па поради ова голем број граѓани од Скопје брзаат да фатат ред на овој пункт, а таму се создаваат огромни гужви.

Доколку сте од Скопје и со часови сте чекале ред за да поднесете барање за промена на личните документи, подгответе се за ново измачување, бидејќи во зградата на Македонската радио телевизија (МРТ), каде треба да ги подигнете личните документи, ќе се соочите со ново повеќечасовно чекање.
Рокот за промена на документите е 12-ти февруари 2023.
На нашето прашање за тоа колку лични документи досега се променети, од МВР одговорија дека со новото уставно име, заклучно со 25 декември, променети се 1.151.628 патни исправи, 993.966 лични карти, како и 525.225 возачки дозволи.

Негувателки од Црвен крст за старост, за болест и за самотија
Младите се иселуваат, старите оставени сами на себе. Сепак, во некои градови, старите и немоќни лица бесплатно добиваат помош во домот од лиценцирани негувателки кои ги плаќа Министерството за труд и социјална политика. Ваква услуга е многу барана во држава во која населението старее, а државните старски домови немаат капацитет за сите заинтересирани.

Негувателки од Црвен крст за старост, за болест и за самотија
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:29 0:00


Младиот столар Филип: „Никој не треба да се срами од својата работа“
Некои од младите решаваат да останат дома и тука да си ја гледаат иднината. Кога 24-годишниот Филип Маневски бирал професија не му било важно тоа да биде некоја од професиите кои се актуелни меѓу младите денес, туку да го работи она што вистински го сака. Па вели, иако е можеби невообичаено некој на негова возраст да се занимава со столарија, тоа е неговиот пат. Тој порачува дека во денешно време вреди да се знае занает и дека никој не треба да се срами од својата работа.

Младиот столар Филип: „Никој не треба да се срами од својата работа“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:47 0:00


И на психолозите им треба психолог
„Земи си еден Дијазепам за да се смириш“ - ова е често споменувана реченица низ македонските семејства. Тоа е катастрофа, вели во Поткастот Зошто Тиана Ивановска психолог. Со неа разговараме и за најчестите причини да се посети психолог, за анксиозноста и депресијата.

На сите ни треба психолог
please wait

No media source currently available

0:00 0:16:21 0:00
Директен линк

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG