Достапни линкови

Неевропско работење и балкански изговори


Реален извештај на Европската Комисија и нереални изговори. Изговори и за неизборот на директор на ОТА, незавршениот автопат Кичево - Охрид, застојот во изградбата на гасводот Скопје - Тетово - Гостивар. Њузлетер 10.11.2023

Реален извештај и нереални изговори

Европската Комисија во средата, на 8 ноември, го објави извештајот за напредокот на земјава кон ЕУ. Уредно напишано ни го соопштија она што ние веќе го знаеме: распространета висока корупција, без напредок во судството, прекумерна употреба на европското знаме и политичката поларизација. Во една реченица е спомната обврската од уставни измени и спроведување на Преспанскиот и Договорот со Бугарија за добрососедство. Но, на над стотина страници се опишани сите други области каде што има мал или никаков напредок. Од клучните реформи, речиси ништо не е направено.

И наместо ова да биде аларм за домашните политичари, сите вината за ваквите состојби ја гледаат во спротивниот табор. Прв се јави со реакција министерот за надворешни работи Бујар Османи, според кого, опозицијата ги кочела реформите. И за вицепремиерот Бојан Маричиќ главен виновник е опозицијата. Дали опозицијата им ставаше европско знаменце на некои закони кои немаа врска со ЕУ? Дали опозицијата ги спречи измените во Кривичниот законик со кои функционерите си обезбедија неказнивост, а случаите почнати уште од Специјалното јавно обвинителство еден по еден паѓаат како кула од карти? Не. Си поминаа глатко во Парламентот. Кој ја спречуваше власта да го реформира судството? Слична како на Османи беше и реакцијата на СДСМ. За ВМРО-ДПМНЕ, за критичкиот извештај на ЕК, се разбира, виновна е само власта.
Премиерот Ковачевски го немаше, отиде во Париз, а претседателот Пендаровски, без коментар.
Добро е што Бујар Османи барем се воздржа од квалификација дека извештајот е анти-албански, бидејќи главно критиките се кон владата, а во неа е ДУИ со децении, а нели, кога се критикува ДУИ, според него, ДУИ тоа е анти-албански.

Кој е изговорот што нема директор на ОТА, а безбедносниот систем е во ризик?

Поминаа пет години откако министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес конференција го најави почетокот на работењето на Оперативни техничката агенција (ОТА) заедно со тогаш новоизбраниот директор Зоран Ангеловски. ОТА беше клучната реформа со која и беа одземени ингеренциите врз опремата и уредите за прислушување на Управата за безбедност и контраразузнавање и преминаа во новоформирниот независен и самостоен државен орган – Оперативно-техничката агенција.
Нo, по пет години, оваа институција, која беше клучна за да посредува при прислушувањето, веќе два месеци е без шеф. Изборот на нов директор е заглавен во Собранието. Собраниската комисија за прашања на изборите и наменувањата, вчера (09.11), ја предложила Марија Јаничевска за нова директорка, а овој предлог треба да помине на пленарна седница.

Не избирањето на нов директор на ОТА е сериозен проблем за безбедносниот систем на државата, вели професорот Владимир Пивоваров кој што и го напиша и законот за ОТА. Пивоваров објаснува дека ќе биде проблематично исполнувањето во целост на обврските на ОТА во однос на ПИ мерките, особено што, како што вели, сме влезени во турбулентно време со војни во неколку кризни подрачја.
Еден месец од Агенцијата не одговараат на новинарските прашања за тоа како во пракса функционира институцијата без директор и со какви последици се справуваат во работата поради вакуум просторот.

Бескрајни изговори за „историскиот“ автопат Кичево - Охрид

По овој автопат требаше да се вози уште пред 5 години. На новите рокови за изградба на автопатот Кичево - Охрид не им се гледа крајот. Неполни два месеца има до одлуката дали проектот ќе му се одземе на кинескиот изведувач Синохидро.
И да се прекине договорот за изградба на „вечниот“ автопат Кичево -Охрид и да се продолжи, тоа ќе ја чини државата. Ако се прекине договорот, фирмата што го гради автопатот, кинеската Синохидро, ќе ја бара правдата пред меѓународните арбитражни судови. Спорот може да трае со години, а изградбата на автопатот да не излезе од ќор сокак и на крај за сето тоа да плати државата.

Основниот договор, според кој, автопатот од 57 километри, требаше да се заврши до 2018, е надградуван уште со пет анекс договори. Петте анекси се склучувани од 2018 до 2020, кога на власт се СДСМ. Дел од анексите се однесуваат на пролонгирање на рокот, а дел на дополнително задолжување во кинеската банка.
За „кинеските автопати“, се водеше и судски процес, поради постапката за избор на компанијата за градба на автопатиштата – Синохидро.
Во случајот беа обвинети тогашниот владин врв - премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Владимир Пешевски, министерот за транспорт Миле Јанакиески и тогашниот директор на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски. Според обвинението за предметот, познат под името „Траекторија“, обвинетите ја искористиле својата моќ и овластувања при избор на компанијата и го оштетиле државниот Буџет за најмалку 155 милиони евра. Но, предметот застаре на десетгодишнината од склучувањето на договорот, па обвинетите нема да одговараат, исто како и тие што го продолжуваа овој договор и сега не се знае што натаму.


Има изговор и за незавршениот гасовод од Скопје до Тетово и Гостивар

Најдоцна за четири недели се очекува целосно да заврши изградбата на гасоводот од Скопје кон Тетово и Гостовар, според директорот на Акционерското друштво за вршење на енергетска дејност - пренос на природен гас НОМАГАС Скопје, Бајрам Реџепи.
Оваа делница сѐ уште не е пуштена во употреба, иако е завршена над 90 проценти уште во 2020 година. Реџепи објаснува дека долгото градење на останатите 10 проценти од проектот, повеќе од три години, е поради нерешени имотно правни односи и бројни предмети во судски постапки.

Изградбата на делницата „Скопје – Тетово – Гостивар“ беше започната во 2016-та, но гас низ цевките и натаму нема. Проектот тогаш предизвика незадоволство кај активистите за заштита на животната средина поради тоа што беше исечена шумата на Водно во Скопје, каде поминува гасоводот. Како компензација за штетите од гасоводот, беа одвоени 700.000 евра за пошумување на Водно од страна на НОМАГАС, но дрва засега не се посадени.
Северна Македонија нема сопствени наоѓалишта на природен гас. Се снабдува со природен гас само преку еден цевковод преку Бугарија.
Ако до крајот на 2023 година протече гас низ гасоводот Скопје – Тетово – Гостивар, прашање е дали и кога гасот ќе стигне до корисниците со оглед дека е потребна и изградба на дистрибутивна мрежа во самите градови. Но, дури и сите планирани гасоводи да бидат изградени, тешко ќе биде за домаќинствата да преминат на употреба на природен гас. Така е бидејќи приклучок на гас не се предвидува при изградбата на повеќето објектите, како што објаснува професор Константин Димитров.

Младите не ни знаат каква дрога земаат

Мозочни удари и оштетувања на срцето се почести кај младите како последица од употреба на кокаин, предупредуваат лекарите. Полицијата најчесто запленува чист кокаин и други дроги, но дилерите ја продаваат мешана дури и со искршено стакло. Истражување на ХОПС покажува дека корисниците најчесто не знаат за што точно земаат.
Во последните години, истражувањата на невладината организација „ХОПС – Опции за здрав живот“ покажуваат дека кокаинот го замени хероинот на второто место на најупотребуваните дроги во земјава, по канабисот.

Неодамна, Министерството за внатрешни работи сподели со јавноста информации дека 90 отсто од дрогата што се „дила“ во Македонија е нечиста. Кокаинот се меша дури и со стакло од мелени неонки, а хероинот и со отров за глувци и бетон, алармирајќи дека од употребата на нечистите дроги има и смртни случаи.
Она што им се случува на младите кои злоупотребуваат кокаин е токму тоа што оваа дрога има афинитет кон срцето. Кај срцето може да предизвика не само оштетување на срцевиот мускул туку и инцидентно пореметување на работата, а после тоа и пореметување на ритамот. Ги оштетува внатрешниот дел на крвните садови каде прострујува крвта и на крајот го пореметува и процесот на коагулација. Сите овие фактори - ослабено срце, пореметена работа на срцето, аритмија и оштетени крвни садови и коагулација многу често доведуваат до формирање на тромбови кои после тоа циркулираат низ крвните садови, ќе запушат крвен сад во мозокот и со тоа да предизвикаат мозочен удар со сите последици кои настануваат“, објаснува доктор Андон Чибишев од Клиниката за токсикологија во Скопје.

Поранешниот нарко зависник Драган: „Изгубив волја за живот, но најдов излез“
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:49 0:00

И мечките ги оставија без храна

Луѓето во дебарско живеат во страв и гнев заради мечките и бараат помош. Ловџиите обвинуваат дека концесионерите на ловиштата не ги прихрануваат доволно дивите животни, а скопскиот концесионер „Канеш-Стогово-Скопје“ не поставил ниту една хранилка. За концесионерите, обвинувањата се неосновани.
„Тие шетаат кога немаат храна. За жал, никој не води грижа за животните. Концесионерите си го гледаат нивниот интерес. Последните 7-8 години не сме виделе хранилица, нема пребројување за точна бројка на дивеч, нема контрола колку дивеч се тепа. Ова е земја на ловџиите, а ние во нашата куќа сме гости. Состојбата во Дебар ќе биде хаотична“, вели Роналд Војника, претседател на здружението на ловци „Стогово - 2“. Погледнете ја репортажата од Дебар.

Кој го брца рачето во медот во ловиштата околу Дебар?
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:20 0:00



Како политиката го полни Скопје со ѓубре

Ѓубре насекаде, преполни контејнери од кои се шири неподнослива смрдеа, диви депонии со планини од отпадоци. Тоа е секојдневната слика на Скопје. Зошто е највалкан главен град на Балканот? Дали решението се високи казни и комунална полиција која ќе може да казнува и приведува? За овој проблем на градот во поткастот „Зошто“ разговараме со Горјан Јовановски, еко активист и креатор на апликацијата „Мој воздух“, но и советник во Град Скопје.

Како политиката го полни Скопје со ѓубре
please wait

No media source currently available

0:00 0:17:46 0:00
Директен линк

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG