Достапни линкови

Студентите изгубија 18:0 од бирократијата за спортската сала


Архивска фотографија, Спортската сала на УКИМ
Архивска фотографија, Спортската сала на УКИМ

Поминаа 18 години од ветувањето дека студентите на УКИМ ќе добијат спортска сала. Две влади се сменија, се потрошија над 2,5 милиони евра од државната каса, а студентите не влегоа во спортската сала, затоа што немала сопственик на хартија. Во меѓувреме демолираната сала цела година чека реновирање.

Шест години беа потребни да поминат од ветување до првата лопата на камен темелникот на новата спортска сала во дворот на Универзитетот „Св.Кирил и Методи“, - Скопје (УКИМ), a уште четири години за да се стигне до речиси готова градба која требаше, според ветувањето, да се изведе за две.

Но, и по една деценија помината во изградба и договори, студентите од четирите факултети во овој кампус чекаат уште дополнителни осум години, изградената сала да добие сопственик на хартија, па тие да можат да спортуваат во неа.

Во изминативе неколку години Агенцијата за млади и спорт (АМС ) која во 2006 година ја добила задачата да изгради спортска сала се „влечеше“ по судови со фирмата што ја изградила и која се спасува од стечај поради неисплaтена последна рата. Но, поради судскиот спор кој настана помеѓу фирмата и Агенцијата, салата не доби технички прием и никогаш не профункционира. Пресудата од Врховен суд стигна, но на терен реновирањето не почна.

Ѝ додека се чека одлуката во чија сопственост е салата изградена со над 2,5 милиони евра-народни пари, „зјае“ празна и демолирана.

Државниот ревизор утврдил дека УКИМ и АМС до 2022 година не успеале да се договорат кој е надлежен и кој треба да ги санира штетите направени при кражбата во 2018 година. Ниту УКИМ ниту АМС не презеле мерки за санирање префрлајќи си ја топката околу одговорноста за салата.

Се распаѓа новата спортска сала на УКИМ
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:11 0:00

УКИМ една година подоцна формирал работна група и утврдил дека „поради вандализиран објект не постојат безбедни услови за анализи и проценки на состојбата“.

„Согледувајќи ги горенаведените состојби утврдивме дека до денот на ревизијата од страна на АМС не е извршен технички прием и предавање на објектот во владение на УКИМ, како што е предвидено со член 3 од договорот, а УКИМ не располага со документација за текот и степенот на довршеност на изградбата на спортската салата.

Ревизор - несоодветно постапување

Според државниот ревизор, неизвесноста од довршување и ставање во употреба на објектите во кампусот на УКИМ укажува на несоодветно постапување и непреземање на навремени мерки за завршување на објектите, со што им се намалува вредноста и можноста да се стопанисува со нив, односно да се зголеми вредноста на инвестираните државни пари.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски кој лани вети дека салата годинава ќе биде ставена во функција, сега за РСЕ вели дека по одржани десетина состаноци со професори од УКИМ е договорено решение за реновирање. Предвидени се пари за реновирање во програмата на Агенцијата за 2024 година во вредност од 250 до 350 илјади евра.УКИМ треба да утврди и да направи анализа колку и што е потребно да се реновира.

„Така се договоривме, они се најдобри во таа работа, професорите од градежен и машински, си зедоа за обврска да го направат тоа, за да дојде салата во првобитната положба, а јас да ги обезбедам парите“, вели Мојсовски.

Изградбата на оваа сала во кампусот на УКИМ е дел од проектот на владата на ВМРО – ДПМНЕ „Проект за изградба на 35 спортски сали“ со потпис на поранешниот премиер Никола Груевски во 2006 -тата година.

„Поради ненавремено обезбедени и доставени проекти од страна на Агенцијата за млади и спорт до Универзитетот барањето за одобрение за градба до Министерството за транспорт и врски е испратено 5 (пет) години по склучување на договорот“, се вели во ревизорскиот извештај.

Тендерот го презеде Алконпроект, од неодамна во стечајна постапка

Тендерот во 2013-тата година му припадна на Друштвото за градежништво, трговија и услуги „Алконпроект“ од Скопје, фирма која неодамна отворила стејачна постапка и сега се труди да се реорганизира, а надлежна институција за градбата е Агенцијата за млади и спорт. Сопственик на оваа компанија е Александар Милошевиќ кој ја основал во 2006-тата година.

Во текот на градбата Агенцијата утврдила дека изведувачот градел врз основа на измени на Основниот проект без согласност од Проектантите на основниот проект и инвеститорот.

Судското вештачење, пак, утврдило дека за градежните работи што фирмата ги извела постеле записници кои биле потпишани од инвеститорот односно Агенцијата за млади и спорт.

„Алконпроект“ во 2018 година ја тужеше АМС дека не ја платила сумата за последната фаза.

Основниот суд во Тетово, а потоа и Апелациониот суд во Гостивар тогаш пресудија во полза на фирмата со што ја задолжила Агенцијата да исплати 440.000 евра, кои со камата, парнични трошоци и извршителска награда, на крајот стана сума од околу 810 илјади евра. Во 2020 година застапувана од Државното правобранителство, Агенцијата поднесе ревизија на судската одлука, за парите кои со извршител си ги наплатила фирмата, пишуваше порталот 360 степени.

Последната одлука на Врховниот суд е донесена во мај година, се одбива жалбата на Агенцијата и од неа се бара да исплати дел од штетата што ја бара фирмата.

„Судскиот процес заврши, јас веќе имам побарано нова ревизија, чекавме да заврши судскиот спор кој ние го изгубивме, јас не знам како го изгубивме, само кај нас може да се случуваат вакви работи. Дури во 2024 ќе имаме увид во тоа што како било и зошто сме го изгубиле овој спор кој датира од 2014, 2015 година. Исплатена е оштета, мислам дека останаа уште околу 20 милиони денари да доисплатиме. Не сум сигурен точно колку остана, затоа што имаше промени. Прво проценија само во наша корист, па после во нивна корист, и ова нема да заврши така, сакам до крај да се истражи ова, како се водела постапката“ изјави Мојсовски.

Судското вештачење утврдило дека за градежните работи што фирмата ги извела постоеле записници кои биле потпишани од инвеститорот односно Агенцијата за млади и спорт.

Салата беше изградена со капацитет од 1.100 гледачи, а приспособена беше да се користи за кошарка, ракомет, одбојка, мал фудбал, пинг-понг, гимнастика, боречки спортови и сите останати дисциплини поврзани со физичкото образование и спортот на студентите.

Ова не е единствена сала за која „Алконтпроект“добила тендери за изградба. Во нивни раце била и изградбата на затворена сала до Државен Универзитет во Тетово во вредност од речиси 600 илјади евра, потоа адаптација на спортската сала во село Велгошти во општина Охрид за 400 илјади евра, како и адаптација и санација на веќе постоечка сала во основното училиште „Даме Груев“ во село Смилево.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG