Достапни линкови

Синови и блиски на политичари во бизнисот со брзи кредити


Љубчо Георгиевски, Зоран Заев, Борис Стојменов, Зоран Верушевски
Љубчо Георгиевски, Зоран Заев, Борис Стојменов, Зоран Верушевски

Блиски роднини на поранешни функционери и актуелни политичари во земјава се дел од сопствениците на фирмите кои заработуваат од брзи кредити. Од вкупно 35 финансиски друштва, 60 проценти, односно 23 компании, се основани од македонски државјани.

Во бизнисот со брзи кредити „тежок“ 150 милиони евра, каде што се регистрирани 35 фирми за брзи кредити, 23 компании се основани со домашен капитал. Кратката процедура за овие брзи кредити од половина час и со еден документ ги прави примамливи за граѓаните, кои често не се информирани дека зад ова стојат високи каматни трошоци.

Дел од македонските сопственици на овие продавници за пари се роднини или блиски соработници на важни политички фигури во земјава, покажуваат податоците од Централниот регистар. Меѓу нив и блиски на двајца поранешни премиери.

Едно презиме во сопственичката структура кое го привлекува вниманието е роднина на поранешниот премиер Зоран Заев од СДСМ, неговата стрина Убавка Заева. Таа е сопственик на финансиското друштво Пеон од Струмица. Управител на оваа фирма е нејзината ќерка Катерина Бојовиќ Заева. Убавка Заева е и мајка на Трајче Заев, кој и е познат на јавноста по бизнисите со производство на медицински канабис, кои ги стартуваше додека неговиот братучед, Зоран Заев, беше на власт. Зоран Заев беше премиер од 2017 до 2022 година.

Фирмата Пеон е основана уште во 1996 година како штедилница, а со лиценца за брзи кредити и издавање на гаранции се стекнува во 2013 година. Оваа компанија е основана со 800 илјади евра и со годишни приходи по околу 400 илјади евра. Во изминативе две години прави добивка од 170 до 270 илјади евра.

Поширокото семејство на поранешниот премиер има бизнис за преработка на овошје и зеленчук, компании за градежништво и градежни материјали, трговски друштва, а откако тој стана премиер влегоа и во бизнис со марихуана, преку фирмата на неговиот братучед Трајче Заев.

Синот на поранешниот премиер Георгиевски во бизнисот со брзи кредити

И синот на поранешниот премиер од ВМРО-ДПМНЕ сега претседател на ВМРО Народна партија Љубчо Георгиевски е влезен во бизнисот со брзи кредити. Љубчо Георгиевски беше прв лидер на ВМРО-ДПМНЕ од нејзиното основање во 1990, до мај 2003 година, а премиер беше од 1999 до 2003 година.

Синот на Георгиевски, Лав во време на пандемијата со Ковид – 19 отворил продавница за пари во центарот на Скопје „ Премиум Фајнанс“. Со основачки влог од сто илјади евра и приходи од 40 до 75 илјади евра, оваа фирма остварувала добивка од по пет илјади евра годишно, покажуваат завршните сметки. Неговиот татко, Љубчо Георгиевски освен со политика, се занимава и со градежен бизнис, тој е косопственик на две градежни фирми.

И синот на поранешниот разузнавач Верушевски лани отвори продавница за пари

Минатата година во овој бизнис влегол и синот на поранешниот прв разузнавач и советник за национална безбедност во кабинетите и на поранешниот премиер Зоран Заев и на актуелниот премиер Димитар Ковачевски, Зоран Верушевски.

Неговиот син, Александар Верушевски лани ја отворил фирмата „Генерал Фајнанце“ во Струга со подружница во Скопје, која се занимава со издвање брзи кредити. Само во 2022 имал 43 илјади евра приход, а заработил 20 илјади евра, односно половина од приходите е заработка.

Еден месец по отворањето на новиот бизнис, Верушевски ги затворил двете фирми од областа на игри на среќа и една чија дејност била производство на фармацевтски препарати, покажуваат документите од Централниот регистар.

Името на Александар Верушевски често беше поврзано со скандали. Синот на поранешниот прв разузнавач, Александар, во неколку наврати имаше проблеми со законот, беше осомничен за тешки кривични дела, а на крај обвиненијата завршуваа за полесни кривични дела.

Во 2005 година Александар Верушевски беше и осуден на една година затворска казна поради „обид за изнуда“ во кафе-барот „Адмирал“ во Струга, а ослободен од обвиненијата за недозволено поседување огнено оружје. Во 2007 година тогашниот претседател Бранко Црвенковски го помилува Верушевски, односно го ослободи од одлежување на затворската казна.

Инаку, неговиот татко, поранешниот разузнавач и советник на Заев, Зоран Верушевски, стоеше зад операцијата за обелоденување на аферата со масовното прислушување во 2015, по што практично почна падот на децениската власт на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски.

Пет години по почетокот на објавување на прислушуваните материјали, и младиот Верушевски на платформата „јутјуб“ објави сниман разговор меѓу него и тогашниот премиер Заев. Заев јавно потврди дека разговорот го снимил младиот Верушевски.

Од „ТАТ“ до фирма за брзи кредити

Од градоначалник на СДСМ во Битола, преку судски инволвиран во најголемата пирамидална финансиска измама „ТАТ“ кон крајот на 90-тите, до сведок во судските процеси на поранешното Специјално обвинителство за поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Станува збор за најпознатиот битолски бизнисмен Силјан Мицевски.

Бизнисменот Силјан Мицевски во 2016 под име „Пелистер“ ја основа и фирмата за брзи кредити со седиште во Битола. Тој има уште една фирма со истото име, но таа се занимава со градежништво. Минатата година со остварени речиси сто илјади евра, ова финансиско друштво пријавило загуба од речиси 300 илјади евра. Претходната 2021 година со приход од речиси 300 илјади евра, пријавила загуба од 80 илјади евра.

Тој беше градоначалник на Битола во период од 1996 до 2000 година, од редовите на СДСМ. Тој со неговата сопруга за време на мандатот на СДСМ беа дел од приведените седуммина за аферата ТАТ , но во судскиот процес беа ослободени од обвиненија.

Неговиот глас се слушна во т.н. бомби кои одекнаа во 2015 година, а ги објавуваше тогашната опозициска партија, СДСМ, на прес-конференции. Потоа стана еден од клучните сведоци во предметот „Талир“ кој се однесува на незаконито финансирање на ВМРО-ДПМНЕ каде што првообвинет беше поранешниот премиер Никола Груевски. И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, низ годините го посочуваа дека ја финансира спротивната партија.

Мицевски пред Суд во 2019 сведочеше дека лично му однел 10.000 евра на Никола Груевски.

„Плативме не по наша иницијатива, туку по барање на одредени луѓе од партијата”, сведочеше Мицевски.

Една година подоцна на прес-конференција, тогашниот генерален секретар на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев обвини дека бизнисменот Мицевски ја финансирал владејачката партија СДСМ, и дека за возврат добил тендер од 6,2 милиони евра за ископ на јаглен од РЕК Битола.

Фирмата Пелистер на Мицевски, која не е иста со таа за брзи кредити, во 2021 година добила уште еден тендер од 12 милиони евра, за ископ на јаглен, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки.

Но, тоа не се првите тендери кои оваа фирма ги добива од РЕК Битола. Во 2012 и 2014 година кога на власт беше ВМРО - ДПМНЕ градежната фирма „Пелистер “ беше ангажирана со работници и градежна механизација за ископ на јаглен во вкупна вредност од речиси сто милиони евра.

Стојменови со години во бизнисот со брзи кредити и милионски добивки

Од фирмите кои им нудат заеми на граѓаните основани од македонски државјани најголема добивка во изминативе две години направила фирмата „Кредитен центар БС“, покажува анализата на завршните сметки на Радио Слободна Европа.

„Кредитен центар БС“ лани направила приход од брзи кредити во вредност од 3,7 милиони евра од кои прокнижила добивка од 1,5 милиони евра, со што годината ја завршила со сто илјади евра повеќе од претходната.

Сопственици на оваа фирма се синовите на познатиот бизнисмени и политичар Борис Стојменов, Марјан и Емил Стојменови, покажува дата базата на вистински сопственици. Нивните имиња се појавуваат и во сопственичката структура на финанското друштвао ЕУРО МК, основано 2013 година со 130 илјади евра.

Претходната фирма работела со добивка, додека другата од приход над 30 илјади евра годината ја завршила со загуба од 5 илјади евра.

Борис Стојменов стана министер за финансии во владата на Георгиевски во 1998 година, а пратеник во Владата на поранешниот премиер Никога Груевски во 2011 година.

Тој и неговите синови во изминативе две децении правно се менуваа во сопственичката структура на една од најголемите национални телевизии Канал 5. Семејството Стојменови освен во медиумски и финансиските услуги се занимаваат и со градежен бизнис и хотелиерство.

Стојменови ја продаваат и минералната вода „Давина“, а за изворот поседуваат концесија до 2044 година. Тие ја управуваат прилепската печатница „11 Октомври“, која од осамостојувањето на државава ги изработува македонските банкноти.

Колку заработуваат?

Според калкулаторите кои се објавени кај дел од финансиските друштва, каматите за овие брзи кредити изнесуваат од 10 до 20 проценти, додека казнените пенали за доцнење со уплата на рата се од 900 до 1500 денари во некои од овие друштва. Тоа значи дека ако побарате на заем 60 илјади денари како краткорочен кредит на една година исплата, на картичка ќе ви бидат префрлени 58 илјади денари, а ќе треба за 12 месеци да вратите 70 188 денари, покажува калкулаторот на една „продавница за пари“.

Од вкупно 35 финансиски друштва, 60 проценти, односно 23 компании, се основани од македонски државјани. Податоците од Централниот регистар покажуваат дека изминатата година во овие 22 компании влегле вкупно 12 милиони евра како приходи, од кои 3,6 милиони се чиста добивка. Претходната 2021 години овие компании имале за речиси два милиони евра помал прилив, но заработката изнесувала 3,2 милиони евра.

Но, ова добивка е само една петтина од вкупната добивка која ја заработиле лани сите финансиски друштва заедно.

Во продолжение ќе читате кои фирми основани со странски капитал најмногу заработиле од бизнисот со брзи кредити во Македонија...

Брзи кредити - Профити
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:33 0:00

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG