Достапни линкови

Судот ѝ пресуди на „Белата палата“ на ВМРО-ДПМНЕ - државата ќе ја конфискува


ВМРО-ДПМНЕ

Поранешниот премиер Никола Груевски и партискиот генерален секретар Кирил Божиновски се виновни за незаконска изградба на новото партиско седиште на ВМРО ДПМНЕ и незаконски наплатиле пари од скопската фирма Бетон со чии пари купиле недвижен имот, пресуди денеска Кривичниот суд во предметот Талир 2.

Неокласичниот дворец со осум ката плус спорната тераса каде што сега е сместена политичката партија ВМРО-ДПМНЕ ќе биде конфискуван од државата поради незаконска изградба, пресече денеска Основниот суд Скопје 1 со пресудата за предметот на поранешното специјално обвинителство „Талир 2 “. Судот му одредени казна затвор од 6 години на првообвинетиот поранешен премиер кој е во бегство, Никола Груевски, додека на второбвинетиот поранешен генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Божиновски му одреди условна казна затвор од две години. Тие се прогласени за виновни затоа што незаконски, со злоупотреба на положба за партијата ВМРО-ДПМНЕ прибавиле нов објект вреден 7 милиони евра и дополнителни 2 милиони евра со кои купиле дополнителен недвижен имот.

Судијката Даниела Алексовска Стојановска по пресудата порача дека во конкретниот случај обвинетите како одговорни лица од највисок ранг во политичката партија се издигнале над законот.

„Теснопартиските и личните интереси биле водечки мотив за дејствијата кои во конретниот случај ги преземале првобвинетиот Никола Груевски како претседател и второобвинетиот Кирил Божиновски како генерален секретар на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ уривајќи ги на тој начин темелните вредности на една правна и демократска држава. Со самата судска разрешница на овој предмет Судот испраќа порака до јавноста дека во оваа демократска држава сите се еднакви пред законот, дека никој не е привилигиран и секој ќе одговара за последиците кои ги предизвикал со прекршување на законот“ изјави во судницата Алексовска Стојановска.

Таа додаде дека непомалку битна е пораката дека никој не може да ја задржи непосредната и посредната имотна корист со извршување на кривичното дело, нити пак да ги задржи или присвои предметите што настанале од извршување на кривичното дело.

„Пораката е јазна дека во иднина ниту еден одговорно лице во политичка партија не треба да се осмели да стори такво или слично кривично дело. во ова општество мора да владее правото како основен принцип“ вели Алексовска Стојановска.

Судијката при при читањето на пресудата посочи дека пазарната вредност на земјиштето кое партијата и го стави на располагање на скопската фирма Бетон која во замена за тоа требаше да изгради два објекта, еден хотел и партиско седиште вредело 800 илјади евра, а за возврат добиле објект вреден 7 милиони евра. Дополнително ќе им биде конфискуван имот кој бил купен со пари стекнати на незаконски начин.

„ Обвинетите Кирил Божиновски и Никола Груевски заедно во период од 2012 до 2016 година искористувајќи одредени прилики ја злоупотребиле својата положба и обезбедиле незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ и објект со договор за изградба со Бетон со што за партијата протовправно прибавиле имот објект и значителна противправна корист“ изјави судијката.

Во конфискацијата на имотот на партијата спаѓаат и околу 30-тина други штабови на партијата. Судијката објасни дека од доказите е очигледно дека првообвинетиот Груевски ја искористил состојбата на зависност на правното лице Бетон кое ја имало кон политичката партија на власт ВМРО ДПМНЕ затоа што вкупно 75 проценти од приходите на Бетон доаѓале од услуги кои ги извршувал за државните и општински органи со склучување на тендерски договори. Груевски со искористување на оваа состојба го склучил договорот за изградба на новото партиско седиште без да води сметка за цената на чинењето на објектот. Дополнително таа објасни дека од доказите е јасно дека „Бетон“ немал финансиски интерес нити остварил финансиски бенефит од договорот затоа што бил ставен во нерамноправна положба а хотелот кој што требало да го изгради се уште не е готов.

Правната застапничка на политичката партија ВМРО- ДПМНЕ Ружица Николовска по изрекувањето на пресудата изјави дека целата постака имала интенцијата е исклучиво кон имотот на партијата.

„Само ќе укажам на една работа, да се конфискува цел имот на една политичка партија поради некакви дејствија на две лица обвинети е надвор од секаква правна и здрава логика. Имено доколку постојат какви било дејствија и утврдена вина како тоа што денеска судот го стори можело да се конфискува и личен имот на обвинетите лица. Овој имот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ не може да се толкува дека целиот е заслуга на две лица. Во таа политичка партија има многу други луѓе кои допринеле за создавање на тој имот“, изјави Николовска.

Обвинителот Љубомир Лапе по пресудата изјави дека Обвинителството е задоволно од пресудата. Тој во завршните зборови за случајот „Талир 2“ тврдеше дека Груевски и Божиновски, биле тие кои ја дефинирале содржината на јавниот оглас, а не партиските органи, па со објавата на јавниот оглас, според него, е оставен простор за незаконско финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и стекнување на сопственост на имот, кој согласно закон политичката партија не ни можела да го стекне.

Во обвинението е посочено дека скопската фирма „Бетон“ не смеела да влезе во партнерство со ВМРО-ДПМНЕ бидејќи во 2011 и во 2012 година, пред да почне постапката за градење на објектот на местото на старата жолта куќа, градежната компанија дури 75 отсто од приходите ги добила од државни тендери, со што се прекршени Законот за политичките партии, Законот за финансирање на политичките партии и Законот за облигационите односи. Обвинетите спротивно на законските прописи прибавиле значителна имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во износ од 507.164.424 денари, односно 8.246.576 евра.

Според пресудата ВМРО-ДПМНЕ која до 2008 мата година беше сместена во таканречаната „жолта куќа “ имала сопственост на 200 метри квадратни, за веќе во 2009 година по прекројување на деталниот урбанистички план (ДУП) си докупила имот по 110 евра од метар квадратен со површина од околу 1.200 квадрати.

Продажбата се случила во 2009 тата година со потпис на Миле Јанакиески во име на Министерството за транспорт и врски кој ѝ го продал целото земјиште на ВМРО-ДПМНЕ по пат на непосредна спогодба. Од страната на партијата овој договор го потпишал Мартин Протоѓер во улога на тогашен генерален секретар.

Таканаречената „Бела палата“ е сместена во триаголникот меѓу сивите остроаголни згради на хотелот „Бест вестерн“ и на „Технометал-Вардар“.

Во наредните години со неколку промени на ДУП-от за Мал ринг, габаритот на објектот пораснал од почетните 700 квадрати на околу 1.200 или колку што е целата градежна парцела, скокнал од 25 на 29 метри со што се зголемил и бројот на катови од шест со приземје на осум со приземје и поткровје на кое подоцна му е доградена и тераса.

По отворањето на предметот Талир, поранешното специјално обвинителство побара од судот мерка за замрзнување на вкупно 69 недвижнини, меѓу кои и објектот во кој се наоѓа седиштето на партијата. Со оваа мерка се предвиде забрана за отуѓување на конкретниот имот како и давање под закуп на истиот.

„ Дејствијата се преземени во рамки на предметот „Талир“ со оглед на тоа што постои веројатност истиот имот да биде отуѓен до завршување на постапката“, беше наведено во соопштението на СЈО од ноември 2018 година.

Според СЈО овие 68 објекти биле купени во период од 2013 до 2015 година и проценети се на 3,5 милиони евра. Проценката на вредноста на зградата на штабот на ВМРО-ДПМНЕ, т.н. „бела палата“ е 14 милиони евра, а инвестициската вредност била 7 милиони.

Една од причините за оваа мерка на судот беше најавата за продажба или издавање под закуп на „белата палата“ и можното „посредно стекнување на имотна корист“. А втората причина е и тоа што во јануари 2018 година ВМРО-ДПМНЕ веќе продал еден стан во Кисела Вода во вредност од 100 илјади евра.

Според одбраната барањето за конфискација на седиштето на ВМРО - ДПМНЕ е неоснована. Адвокатите на екс премиерот Груевски и Божиновски, кои се обвинети во овој предмет, побараа ослободителна пресуда. Одбраната на Груевски, што ја доби по службена должност, кажа дека Обвинителството не презентирало било каков доказ за комуникација и договарање помеѓу експремиерот и претставници на БЕТОН АД Скопје, кое би донело корист на партијата, додека одбраната на Божиновски меѓудругото тврдеше дека при изградбата на седиштето биле запазени сите законски процедури.

Адвокатот Еленко Миланов во своите завршни зборови во случајот „Талир 2“ , пред судот рече дека обвинителството не прикажало докази дека Никола Груевски кој е првообвинет му наложил на тогашниот генерален секретар Кирил Божиновски да потпише договор со инвеститотор. Според Миланов обвинението за „Талир 2“ судот треба да го отфрли затоа што е поднесено од неовластен тужител.

„По 30.6.2018 година, Специјалното јавно обвинителство нема надлежност за постапување. Со тоа ова обвинение од 22.11.2018 е од неовластен тужител и судот тоа мора да го почитува, рече адвокатот Миланов во врска со датумот ( 22 ноември 2018 година) во кој е поднесено обвинението за „Талир“ во време на поранешното СЈО, а на кое стои потпис на поранешната обвинителка Катица Јанева, а мандатот на СЈО за поднесување обвиненија и за прибавување докази е 18 месеци“ изјави Миланов.

Кога СЈО во ноември пред четири години го поднесе обвинението објасни дека ја раздвоило постапката во предметот „Талир“. Едниот обвинителен акт се однесуваше на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, а вториот обвинителен акт се однесува на незаконската изградба на седиштето на партијата „Талир 2“.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG