Достапни линкови

Бизнисмените бараат поголем дел од колачот од автопатите на Бехтел и Енка


Вицепремиерот Артан Груби на дебата за „Бехтел и Енка - можности и предизвици“, 25 април 2023
Вицепремиерот Артан Груби на дебата за „Бехтел и Енка - можности и предизвици“, 25 април 2023

Повеќе од половина од работите на автопатитштата што ќе ги градат Бехтел и Енка ќе ги прават домашни комапнии, што значи дека кај нив ќе завршат околу 600 милиони евра, вели координаторот на проектот Артан Груби. Домашните бизнисмени бараат да не се „измеќари за свои пари“.

Домашните бизнисмени прашуваат - Зошто македонските компании не се вклучени повеќе во проектите за изградба на автопатиштата од Коридорите 8 и 10 Д , што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка. Проектот е вреден најмалку 1,3 милијарди евра.

Бизнисмени од Стопанска комора отворија дилеми и за тајните клаузули, ризиците, бенефициите...

Комората еднаш месечно организира дискусија на актуелни теми, а на 25 април се разговараше за автопатиштата што треба да ги гради американско- турскиот конзорциум Бехтел и Енка.

Темата за автопатиштата е актуелна во последните месеци. Овој проект од самиот почеток го следат контроверзии. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали со фирмите за надзор.

Но и покрај сомнежите, Владата и Бехтел и Енка го потпишаa договорот. По што опозицијата, медиуми, антикорупциска, синдикатите и дел експерти отворија многу дилеми за можна корупција, криминал, а негодуваат и што се менуваат низа закони по брза постапка и се отвора можноста за, како што велат, експлоатација на работници.

Договорот го бранеше првиот вицепремиер и координатор на проектот Артан Груби од ДУИ, владиниот коалиционен партнер.

„Ако се проневери еден денар од народните пари, ние политичарите да скапеме доживотно во затвор“, изјави Груби.

Катица Николова од Државната комисија за спречување корупција на настанот во Стопанската комора посочи дека Антикорупциска е тука да бара одговорности и дека будно ќе следи што се случува, а дека тоа ќе го остават и во наследство на следниот состав, оти на овој му останува помалку од една година мандат.

Антикорупциската комисија отвори предмет за овој случај, но досега не го добила договорот што Владата го потпиша со конзорциумот „Бехтел и Енка“. Членовите на оваа Комисија имаат безбедносни сертификати.

Груби вели дека доколку има согласност од изведувачот на работите, деловите што се доверливи може да се објават. Од Владата веќе најавија дека Договорот ќе го презентираат во Собранието, пред пратениците кои поседуваат соодветен безбедносен сертификат.

Груби вели дека склучениот договор со конзоциумот Бехтел и Енка не е државна тајна, но содржи доверливи информации и клаузули поради кои не може да се објави, затоа што се однесуваат на технологии кои конзорциумот ќе ги користи при изведбата, што за секоја фирма е деловна тајна.

Токму тие доверливи информации може да бидат ризик за домашните компании, реагираат бизнисмените, оти подизведувачите вообичаено преземаат разни ризици, обврски и рокови.

Првиот човек на Стпанска комора, Бранко Азески, вели дека не сакаат да го рушат „Бехтел“ кој има над 160 години традиција, ниту пријателот „Енка“, туку сакаат да го видат интересот на домашните компании.

Поставување камен - темелник на проектот Коридор 8, Артан Груби и американската амбасадорка Анџела Агелер, 04.04.3023.
Поставување камен - темелник на проектот Коридор 8, Артан Груби и американската амбасадорка Анџела Агелер, 04.04.3023.

Измеќари за сопствени пари

Договорот предвидува 51 процент од работите да ги изведуваат домашни фирми. А тоа ќе значи дека половина од парите или околку 600 милиони евра, ќе завршат кај домашни фирми, вели Груби. Бизнисмените прашуваат зошто да не бидат вклучени и повеќе?

„Многу ми е криво што не најдовте начин некои домашни компании да бидат мангупи на европскиот пазар, па заеднички да седневме да утврдиме кои се тие критериуми и тие 1, 3 милијарди евра да завршеа во портфолиото на некоја домашна компанија или конзорциум на компании. Тогаш немаше да бидеме измеќари за сопствени пари“, рече Ангелка Пеева – Лауренчиќ од маркетинг индустријата.

Таа му честиташе на Груби за енергијата со која го брани проектот, но изрази жалење што тоа не го направил порано, пред да почне.

Груби, пак, одговори дека две години се зборува за овој проект и сите што сакале можеле да се информираат.

Груби - Сакам да возам по овој автопат додека имам дозвола да возам

Тој вели дека автопатиштата ќе се градат по „брза патека“ за да не чекаме со години да се изградат, како што е случај со автопатот Кичево - Охрид кој се гради безмалку една деценија.

„Сакам да возам по автопатиштата сега, дури имам дозвола, а не на 70 години, кога ќе ми ја одземат возачката“, рече Груби.

Градежните работи на автопатот Кичево -Охрид започнаа во февруари 2014 година за време на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, и тој требаше да биде готов до 2018 година.

За да се изградат побрзо автопатиштата од Коридорите 8 и 10 Д по скратена постапка во Собранието ќе се носат измени на осум закони. Со нив треба да се олеснат административните процедури што ги имаат институциите за да можат фирмите без проблеми да работат. Бизнисмените прашуваат и дали овие услови и поволности што ќе ги имаат Бехтел и Енка ќе важат и за другите фирми и бизниси.

Првиот вицепремиер и координатор на проектот за автопатиштата, вели дека измените ќе важат и за други проекти за градба за автопатишта, железница, гасовод.

Што се однесува пак до загриженоста дали со овој проект, ќе запрат другите што веќе ги прави Јавното претпријатие за државни патишта, од таму велат дека токму затоа формирала посебна единица која ќе се грижи само за автопатиштата на Бехтел и Енка.

Во однос на Измените на законот за работни односи со кои се предвидува работниците да работат повеќе од 40 часа неделно, Груби вели дека тоа не значи експлоатација на работниците и дека законот и досега предвидувал можност за дополнителни работни часови.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) претходно реагираше дека станува збор за катастрофалните предлози за измени на закони по работничките права.

„Владата продолжува со намерата докрај да ги понижи македонските работници, да им го одземе достоинството и да ги направи робови во сопствената држава за сметка и интерес на странски компании и корпорации“, реагираа од ССМ.

Бизнисмените се загрижени за висината на платите, односно дека тие нема да можат да даваат толку високи плати колку што сега се нудат на огласите за работници кои ќе бидат ангажирани за изградба на автопатиштата од Коридорите 8 и 10 Д.

Министерот за економија Крешник Бектеши им одговори дека и домашните компании треба да се прилагодат на висината на платите, особено за струки за кои недостасуваат работници.

Четирите автопатски делници – три од коридорот 8 - проширување на автопатот Тетово – Гостивар со по уште една лента, па автопат од Гостивар до Букојчани и автопат Струга – Ќафасан, како и дел од коридорот 10, односно автопат од Прилеп до Битола, ќе чинат 1,3 милијарди евра. Претставници на институциите брифираа дека за експропријација на земјиште се предвидени дополнителни 238 милиони евра од буџетот, кои не влегуваат во оние 1,3 милијарди евра.

Предвидено е автопатите да бидат изградени за 4 години и 7 месеци. Во пракса, фирмата треба „во од“ да прави проект за изградба и паралелно да работи на терен на 4 делници за кои ќе треба да експроприра земјиште од кое 55 проценти е во приватна сопственост.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG