Достапни линкови

Бришење траги, забрзана амнестија и бавна конфискација


Њузлетер 27.10.2023 - „Легална“ неказновост на криминалот. Бришење траги за евентуалните малверзации на Државна лотарија. Ќе помине ли Предлог законот за амнестија во Парламентот по скратена постапка? Конфискуван имот од криминал без реализација поради бавното судство.

Матните зделки на Државна лотарија под тепих

Една недела по истражувањето на РСЕ за милионскиот договор за закуп за деловни простории меѓу „Хеј ДООЕЛ“ и Државна лотарија, веб сајтот на компанијата закуподавач е надвор од функција. Во меѓувреме, променет е и сопственикот на доменот www.hej.mk. Ако до 20 октомври се појавуваше името на Шабан Хамза, односно Шабан Амзовски, кој е член на Управниот одбор на Државна лотарија, сега како регистрант на доменот го пишува Армин Машовиќ, сопственик на „Хеј ДООЕЛ“.

Од неодамна, името на Армин Машовиќ стана познато во јавноста како поранешен бизнис партнер на Ерџан Сулкоски, каде до 5 февруари 2020 година заеднички биле косопственици во фирмата „Пацифик Петролеум“. Од тогаш, Машовиќ ја напушта сопственичката структура со што Сулкоски останува единствен нејзин сопственик и управител. До скоро, 23 август 2023 година, Сулкоски му беше и бизнис партнер на Куштрим Смајлај, зет за ќерка на лидерот на ДУИ, во фирмата „К.С.А. Интернешнл“.
Истражувањето на РСЕ, објавено на 18 октомври 2023 година откри дека Државна лотарија закупила деловни простории во поранешен ресторан за свадби во скопско Визбегово за сума од 2,6 милиони евра. Во оваа сума не влегува и планираното реновирање на просториите за потребите на Државна лотарија.

По истражувањето на РСЕ, реагираа најголемата македонска опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и албанската опозиција (Деморатско движење, Алтернатива и Движењето Беса).
Според портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, полицијата, обвинителството и судот „спијат за да не падне владата“, нарекувајќи го огромен скандал склучениот милионски договор на Државна лотарија за закуп на деловни простории.
За градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, кој воедно е и дел од Демократското движење, „индустриската зона Визбегово која еснафите макотрпно ја развиваа со децении, Артан Груби преку ноќ ја претвора во коцкарски центар и во центар на валкани бизниси“.

Радио Слободна Европа се обрати и до Обвинителството. Од таму велат дека ако Финансиската полиција не постапи во однос на објавените наводи, обвинителството самото ќе оформи предмет.

РСЕ истражуваше и за тендери во Државна лотарија за блиски и роднини на „Арбериа“ и „Арс Ламина“. Прочитајте ТУКА.

Амнестијата влегува во Парламентот

По измените во Кривичниот законик, со кој функционерите си обезбедија неказнивост, идната недела и Предлог-законот за амнестија, по скратена постапка, ќе се најде на дневен ред пред пратениците. Но, прашање е дали тој воопшто ќе помине ако се има предвид дека власта и опозицијата имаат крајно спротивни ставови.

Зошто и дали е потребна амнестијата?
Според власта, затворите се пренатрупани, па амнестијата ќе опфати правосилно осудени сторители на „лесни кривични дела“. Целосно би се ослободиле осудениците на кои им е изречена затворска казна до шест месеци, а оние со над шест месеци ќе се ослободат од издржување на 30 отсто од казната.
Опозицијата обвинува за „предизборно амнестирање криминалци“, а и дел од правната фела упати остри критики за предлог-законот.
Меѓу последните беше професорот по уставно право Светомир Шкариќ кој оцени дека ова се прави од нужда, а не од рационалност и претставува уништување на судството.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавува дека ќе го блокира Законот за амнестија со илјадници амандмани, а власта тврди дека нема да ја заобиколува блокадата со ставање европско знаменце, туку ќе се обиде да ги убеди сите пратеници во оправданоста на законот.

Конфискација има наплата нема

И досегашниот криминал, оној крупниот, поминува речиси без казни. Проблеми има и со конфискуваниот имот. Од Агенцијата за одземен имот велат дека од почетокот на минатата година до сега, во државната каса влегле речиси 9 милиони евра, од кои 6 милиони евра биле конфискувани пари, а остатокот од продажба на запленетиот имот за кој со правосилна пресуда е докажано дека е стекнат со криминал.

Но, Агенцијата е многу „побогата“ и со имоти и со предмети, ако се земе предвид што се е конфискувано.
Со измените на кривичниот законик се поставува прашањето и дали воопшто ќе биде конфискуван имот во предметите за кои дел од кривичните дела „застаруваат“ во судските фиоки.
Во пракса, досега се покажало дека често осомничените за организиран криминал и корупција, уште пред да почне постапка против нив, или додека трае, го префрлале имотот на членови на семејството, пријатели или го оптовариле со хипотека, па државата го поседува на хартија, ама не може да го продаде.
„Ако го погледнете тој проблем во корелација со сите други случувања во изминативе неколку години, може да се каже дека заложбите на државата за борба против организиран криминал и корупција се само празна демагогија и популизам за политички поени“, вели Дарко Аврамовски од коалицијата „Сите за правично судење“.
Во меѓувреме, голем дел од овие предмети завршуваат во еден од четирите магацини на Агенцијата за одземен имот. И токму тука почнуваат дел од проблемите на Агенцијата која не може да ги продаде затоа што со години чека на правосилност на пресудите.
Магацините се трупаат со предмети кои ја губат својата вредност на пазарот, па не му вршат работа ниту на сопственикот на предметите, ниту пак, на државата.


Опасен отпад „на диво“ во општина Ѓорче Петров

Без казни поминуваат и еколошки катастрофи. Опасниот отпад од стотици тони олово од топени акумулатори, откриен во скопската населба Ѓорче Петров, е сличен на отпадот од топилницата во Велес каде има складирано 3 милиони тони ваков отпад. Надлежните уште собираат докази за одговорност на една фирма и физички лица во чија сопственост била парцелата каде што се складирал.

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Стојковски за Радио Слободна Европа вели дека инспекторите од општината први го информирале државниот инспекторат дека на локацијата е складиран отпадот.
„Проблем е каде ќе се исчисти тој отпад, бидејќи ние во Македонија депонија за таков тип на отпад немаме. Немаме депонија со А-интегрирана дозвола и претпоставувам дека таква депонија треба да се најде некаде во соседството. Еве ме информираа дека во Велес има милиони тони таков отпад којшто стои на отворено претпоставувам од истата причина и тука се усложнува целата работа“, вели Стојковски.

И додека се создаваат нови депонии со илјадници тони опасен отпад, земјава со децении не може да ги реши депониите со историски опасен отпад кои се дефинирани како жешки точки.
Иако е започнато чистење на депонијата со илјадници тони линдан во фабриката Охис во Скопје, се уште стојат депонии со милиони тони индустриски отпад од топилницата за олово и цинк во Велес, депониите на Бучим и Лојане, рудниците за олово и цинк Саса и Тораница, Макстил во Скопје, Злетово во Пробиштип, термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј...

Владата не ги есапи невладините

Соработката меѓу Владата и невладините организации (НВО) буквално е на стаклени нозе. Иако во земјава имаме и Совет за комуникација на Владата со граѓанското општество, сепак тој речиси две години практично е во бојкот, а недостатокот на комуникација меѓу Владата и граѓанскиот сектор си го зема данокот на терен, се жалат невладините со кои разговаравме.
Причина за нефункционирањето на Советот, што пак, е директна причина зошто сега Владата и НВО се послабо соработуваат, всушност лежи во тоа што Владата при прераспределбата на буџетските средства за 2022 година, донесе одлука парите за Невладиниот сектор од таа година да ги прераспределува Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а не Генералниот секретаријат на Владата, како што тоа било случај од формирањето на советот.

Невладиниот сектор на неколку седници на Советот барал одговори од владините функционери за ваквата одлука, а откако не добиле одговор, тие решаваат да го бојкотираат Советот. Се жалат и дека премиерот Димитар Ковачевски воопшто не комуницира со претставниците на граѓанскиот сектор и покрај дописите да се разговара за проблемот.
Дека меѓу граѓанските организации и Владата навистина „врие“, пример е и повлекувањето на Блупринт групата на граѓански организации за реформи во правосудството од давање на свој придонес во процесот на изработка на новиот Кривичен Законик.
Главна причина поради која овие граѓански организации јавно соопштија дека излегуваат од подготовката на овој закон, всушност истакнаа дека е поради последните измени на Кривичниот законик од 6 септември 2023 година, а за кои измени од Блупринт групата велат дека се донесени со заобиколување на работната група која работи на нов Кривичен законик.

„Алопецијата ми ја зема косата, но веќе не се кријам“

Триесетичетиригодишната Катерина Андова веќе 20 години живее со автоимуното заболување алопеција, поради кое нема коса, ниту трепки и веѓи. Во јавност се криела под марамите. Последниве шест месеци излегува од дома без марама, сигурна во себе и подготвена да се соочи со љубопитноста на сограѓаните. Оваа економистка живее во Неготино, каде, вели, редовно се среќава со зачудени погледи на кои веќе навикнала.

„Алопецијата ми ја зема косата, но веќе не се кријам“
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:44 0:00


Директор ли е, „супермен“ ли е?

Гаси пожари, спасува повредено момче од Водно носејќи го во раце, открива опасни локации и најново – Владата го задолжи да го координира спасувањето на мечките. Сето тоа е еден човек – Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи. „Супермен“ од нашето маало или човекот кој во поткастот „Зошто“ на радио Слободна Европа објаснува колку државниот систем е нефункционален, но и како може да функционира и да се подготви за справување со големи кризи.

„Супермен“ од наше маало
please wait

No media source currently available

0:00 0:19:46 0:00
Директен линк

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG