Достапни линкови

Амнестија за колективна амнезија или за Бугарите во Уставот?


Затвор Идризово
Затвор Идризово

Њузлетер 15.09.2023 - Амнестија, Кривечен законик и внесување на буггарите во Уставот. Има ли поврзаност?

За кого е новиот предлог закон за амнестија?

По измените во Кривичниот законик, односно членовите со кои се намалуваат казните за злоупотребите на функционерите, во Владата е подготвен и Закон за амнестија, со кој ќе се ослободат од затвор осудени за лесни кривични дела со затворска казна до 6 месеци. За тие кои што се осудени над 6 месеци се предлага намалување на затворската казна за 30 отсто. Амнестијата не се однесува на лица осудени за кривични дела против државата, против човечноста и меѓународното право“, се вели во текстот на предлог законот.

Од затвор ќе може да излезат околу 250 затвореници ако во Собранието се изгласа новата амнестија, велат од Управата за извршување санкции за Радио Слободна Европа. Министерот за правда, Кренар Лога тврди дека амнестијата не ги опфаќа осудените за „27 април“.
„Такво нешто воопшто не е на маса за преговори. Но и доколку СДСМ, ДУИ и ВМРО ДПМНЕ договорат и се обидат да го протнат, Алијанса за Албанците жестоко ќе се спротивстави и ќе го блокира со милион амандмани,“ изјави Лога.
По изгласувањето на измените на Кривичниот законик минатата недела, овој предлог за амнестија повторно ги подгреа шпекулациите дека зад неа има политички пазар во пресрет на гласањето за нови уставни измени со кои ќе треба да се вметнат Бугарите во Преамбулата.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе ги искористи сите алатки за да го блокира донесувањето на овој закон во Собранието, затоа што, како што велат, е селективен и оти власта сака да ослободи од затвор криминалци блиски до нив.

Стапија во сила измените на кривичниот законик

Сегашни и бивши функционери, од денеска можат „полесно да дишат“. Докажани злоупотреби на службената положба и овластувања и злосторничкото здружување, како и оние што се во процедура, а и некои идни, ќе се казнуваат минимално. Законот важи ретроактивно, па почнуваат процедурите за застарување и ослободување на многумина. Со други зборови, амнестија.

Тоа што од Европската Комисија критикуваат дека измените се донесени без консултација со нив, без јавна дебата и со злоупотреба на европското знаменце и оти директно ќе влијаат врз повеќе случаи за корупција на високо ниво и нивно застарување, за премиерот Димитар Ковачевски не е битно, казните биле уште од комунистичко време и повторува дека тоа било усогласување со ЕУ регулативите. Но, дали е баш така како што толкува Ковачевски?
„Некои од целокупните измени се дел од европското законодавство, меѓутоа, не се оние спорни делови за кои се крена јавноста. Тоа на некој начин е злоупотреба и мешање на тоа што навистина требало да биде донесено и она што е веќе донесено од некои други интереси, а сѐ уште не знаеме кои се тие интереси“, вели Димитар Николовски - извршен директор на Центарот за европски стратегии „Евротинк“.

Странски дипломати ги „туркаат“ Уставните измени, но и битката против корупцијата

По посетите на дипломатите од висок профил, како Мануел Сарацин од Германија и Габриел Ескобар од САД, на итноста на прашањето во врска со внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, укажа и Михаел Рот - претседател на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот.
На македонските пратеници Рот им порача да бидат повеќе амбициозни во однос пристапните проговори со ЕУ. Но, тој посочи и дека сите земји кои сакаат да се вклучат во ЕУ мора да ја продолжат борбата против корупцијата.

„Би сакал да ги мотивирам моите колеги тука дека вреди да се ангажираат повеќе во борбата против корупцијата, независното судство, зајакнување на владеењето на правото и демократската култура во земјата. Неопходните реформи не се обврска само на Владата туку и на парламентарците“, рече Рот.
Слични пораки имаа и другите странски дипломати.
И, како по обичај, власта го слуша и пропагира само првиот дел од нивните изјави, оној за уставните измени, додека опозицијата, само вториот дел оној за корупцијата.
Или, пак, преговараат и за двата проблеми во пакет – Уставни измени и колективна амнестија, како што се шпекулира во јавноста, иако и од двете страни ова категорично го отфрлаат.

Што всушност би добиле Бугарите со внесувањето во Уставот?

Во Северна Македонија живеат вкупно 3.504 лица што се изјасниле како Бугари на пописот што се спроведе во 2021 година. Математички, нивниот број е 0,19 отсто од вкупното население во земјава.
Според Законот за унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20%, Бугарите и во моментов, како неспомната заедница во Преамбулата на Уставот, имаат права како и сите малцинства во државата. Тоа значи, на пример, дека имаат право да добиваат пари за проекти на нивните организации од државниот буџет, но, можат да аплицираат и за државно вработување.

Со евентуалното донесување на уставните измени и внесување на Бугарите, покрај другите малцински заедници, законски ќе добијат и други, поголеми права отколку што имаат сега. Како на пример:
- Бугарската заедница во Македонија ќе добие редакција во националниот јавен сервис МРТ по принципот на другите малцинства.
- Ќе имаат право на основно образование на нивниот мајчин јазик
- Ќе добијат свој претставник во Комитетот на односи меѓу заедниците во Собранието
- Државата ќе се обврзе да овозможи и загарантирана процентуална застапеност за вработувања во државната администрација за Бугарите.
- Бугарите би добиле и празник како неработен ден.

Без уставните измени, Северна Македонија не може да ги почне преговорите за влез во Европската унија.

Сите права предвидени со Законот за заштита на правата на заедниците со нивното евентуално внесување во Уставот, освен Бугарите ќе ги добијат и Хрватите, Црногорците, Словенците, Евреите и Египќаните кои живеат во Северна Македонија.

Државна болница – чекална за пациенти, преку „Мој Термин“ прегледи само со упорни матични лекари

Внесени или не во Уставот, сите што живеат во државава се соочуваат со истите проблеми, а се чини, корупцијата и злоупотребите се секојдневие и во здравството. Аферата во Клиниката за онкологија со наводите за крадење и препродавање на лекови за болни од рак, го покажа дното до каде сме дојдени. Таму е најдрастично, но проблеми има и во сите други клиники во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Со месеци се чека за специјалистички преглед.
Колони возила, сообраќаен хаос, свирежи.. тоа се првите пречки со кои ќе се соочите ако треба да одите на преглед на некоја од клиниките во државната болница. И кога конечно ќе успеете да влезете во внатрешноста на клиничкиот центар, тогаш започнува вистинската голгота. Посебно е тешко за пациентите од внатрешноста, кои доаѓаат од други градови, а овде чекаат часови. За ова во видео прилогот подолу.

Државна болница – чекалница за пациенти, до редовен термин само најупорните
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:45 0:00


Зошто подкаст „Зошто“ и како да го слушате

Од 20-ти септември Радио Слободна Европа започнува со емитување на подкастот Зошто?
„Зошто“ нуди одговори на состојбите, на проблемите, на темите кои ве мачат. Овој подкаст не е како другите. Тука, вие ќе ги поставувате темите што ќе сакате да ги слушате секоја среда. Ние ќе ги повикуваме оние кои се одговорни, или оние кои можат да кажат како да се реши прашањето, што да се направи за да биде подобро. Ги бараме одговорите на вашите прашања од одговорните функционери, од политичарите, од граѓанските здруженија, од адвокатите, архитектите, професорите, професионалците од сите области.
Можете бесплатно да се пријавите на нашата интернет страница слободнаевропа.мк и на апликациите за подкаст како Spotify, Apple и Google Podcasts. Како? Погледнете во видето.

Како да слушате Поткаст „Зошто?“
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:22 0:00

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG