Достапни линкови

Сериозен ризик од мозочен удар - Младите сѐ повеќе на сомнителен кокаин


Заплена на кокаин (илустрација)
Заплена на кокаин (илустрација)

Мозочни удари и оштетувања на срцето се почести кај младите како последица од употреба на кокаин, предупредуваат лекарите. Полицијата најчесто запленува чист кокаин и други дроги, но дилерите ја продаваат мешана дури и со искршено стакло. Истражување на ХОПС покажува дека корисниците најчесто не знаат за што точно земаат.

Алкохолот повеќе не е единствениот начин за забава меѓу младите во кафулињата и клубовите. Настрана од диско светлата, во тоалетите, неретко се „микса“ со мархуана, кокаин, екстази...

Но, ваквото опуштање неретко знае да се претвори и во „лош филм“ - ако се претера со употребата на психоактивни супстанци или ако на сред забава тропне полиција и ги тресе џебовите.

Полицискиот билтен во тековната година бележи зголемување на заплената на мархуаната, кокаинот и другите видови дроги.

Во последните години, истражувањата на невладината организација „ХОПС – Опции за здрав живот“ покажуваат дека кокаинот го замени хероинот на второто место на најупотребуваните дроги во земјава, после канабисот.

Инфографика - Најкористени дроги во август 2023 меѓу испитаниците од истражувањето на ХОПС 2023
Инфографика - Најкористени дроги во август 2023 меѓу испитаниците од истражувањето на ХОПС 2023

Причина за зголемената употреба во последните години е непроменетата цена, која изнесува во просек околу 6.000 денари или 100 евра за еден грам чист кокаин, со одредени варијации, вели Влатко Деков од невладината ХОПС.

„Оние кои работат можат да си дозволат да купуваат, секако, не редовно. Но. таа висина на цената е некаква си стабилна за еден грам. Помладите генерации можеби немаат доволно пари, но, тие ги собираат парите како група до четворица луѓе и купуваат заеднички и ја делат таа количина. Вообичаено тоа го прават најчесто за викенд или еднаш или двапати во месецот. Ако порано заедно со канабисот една од најупотребуваните супстанци беше хероинот, сега тоа дефинитивно е кокаинот.“, вели Деков.

Во земјава се внесува чиста, потоа се продава мешана дрога

Неодамна, Министерството за внатрешни работи сподели со јавноста информации дека 90 отсто од дрогата што се „дила“ во Македонија е нечиста. Кокаинот се меша дури и со стакло од мелени неонки, а хероинот и со отров за глувци и бетон, алармирајќи дека од употребата на нечистите дроги има и смртни случаи.

Од МВР велат дека голем дел од дрогата што се запленува на влез во земјава е чиста. Но, онаа што успева да се внесе и се дистрибуира меѓу дилерите се меша за зголемување на количината и заработката.

„Мешањето на дрогата се врши најчесто во приватни објекти, скривалишта, депоа... Се бележи зголемување на заплената на кокаин, на амфетамини и на екстази, откриена е лабораторија за производство на амфетамини, како и за производство на марихуана. МВР презема повеќе оперативни акции во борбата против недозволената трговија со дрога, за што сведочат и секојдневните заплени и лишувања од слобода на лица – дилери и поднесување на кривични пријави до надлежното јавно обвинителство“, велат од МВР.

Но, како што велат од невладината ХОПС, мешањето на чистата дрога со некои психоактивни сусптанци не е воопшто новина и дека тоа е „вообичаено за домашниот пазар“.

Сите испитувања кои се правени, независно дали во лабораторијата на МВР, во рамките на Судска медицина или Факултетот за фармација, вели Деков, отсекогаш покажувале дека психоактивните супстанци кои нелегално се продаваат воопшто не се чисти.

Пола грам, четврт грам - од еуфорија до мозочен удар

Претерување со алкохол, консумирање на нездрава и храна со маснотии, недостиг на физички активности. Покрај овие ризик фактори за мозочен удар кај младите во последните влегува и злоупотребата на кокаинот и останатите видови дроги, посочија неодамна од Македонското невролошко здружение на Светскиот ден против мозочен удар.

Во последните две години кокаинот како опојна дрога е повеќе присутен на нарко пазарот во земјава, вели докторот Андон Чибишев од Клиниката за токсикологија во Скопје. Сепак, како што вели Чибишев на клиниката каде што работи - инциденти има, но, сепак, не е зголемен бројот на смртни случаи кои се јавуваат од предозирање со кокаин.

„Кокаинот го злоупотребуваат бидејќи предизвикува интензивна еуфорија, се зголемува будноста, ментално ги стимулира го зголемува либидото и предизвикува убави слики и нереални халуцинации. Она што им се случува на младите кои злоупотребуваат кокаин е токму тоа што оваа дрога има афинитет кон срцето. Кај срцето може да предизвика не само оштетување на срцевиот мускул туку и инцидентно пореметување на работата, а после тоа и пореметување на ритамот. Ги оштетува внатрешниот дел на крвните садови каде прострујува крвта и на крајот го пореметува и процесот на коагулација. Сите овие фактори - ослабено срце, пореметена работа на срцето, аритмија и оштетени крвни садови и коагулација многу често доведуваат до формирање на тромбови кои после тоа циркулираат низ крвните садови, ќе запушат крвен сад во мозокот и со тоа да предизвикаат мозочен удар со сите последици кои настануваат“, објаснува Чибишев.

Искуството од неговата работа на клиниката покажува дека во последно време помеѓу младите доминира злоупотреба на медикаменти - андидепресиви и седативи за подобро да функционираат.

„Тоа се фантастично добри лекови кои во праксата на нас многу ни помагаат, но ако се земат како што не е препорачано, добар дел од нив предизвикуваат зависност и тие што ги злоупотребуваат и земаат поголеми дози од пропишаните често пати стануваат зависници на тие лекови. Тоа е понов феномен и проблем со кој ние се соочуваме во последно време“, вели Чибишев.

Неодамна, од Токсиколошкиот информативен центар при Универзитетската клиника за токсикологија во Скопје посочија дека е зголемен е бројот на лица кои конзумираат алкохол и дрога, особено кај помладите. Кај злоупотребата на дрога забележано е зголемување од 281 процент споредбено со првата половина лани. Најголемиот број од труењата со дрога отпаѓа на употребата на кокаинот и тоа кога се користи заедно со алкохолни пијалаци.

„Алкохолот силно го потенцира дејството на кокаинот и ја прави клиничката слика на овие состојби уште посериозна, со потенцијал за развој на фатални компликации како акутен миокарден инфаркт или мозочно васкуларно страдање“, наведуваат од Токсиколошкиот информативен центар при Универзитетската клиника за токсикологија во Скопје.

Инфографика - Запленет кокаин во Западен балкан 2017 - 2020
Инфографика - Запленет кокаин во Западен балкан 2017 - 2020

Во Северна Македонија нема релеватно истражување на вкупниот број кои употребуваат дрога, вклучувајќи го и бројот на младите.

За нецела 2023 година, МВР има запленето околу 304 килограми марихуана, 7 килограми амфетамин, 3,2 килограми кокаин, околу 4000 парчиња екстази,46 стебла канабис, околу 5000 таблети трамадол.

Кампања за проверка и анализа на дрогите

Истражувањата на ХОПС кои ги спроведуваат меѓу корисничка популација на психоактивни супстаници покажува дека луѓето кои употребуваат дрога воопшто не се сигурни дали супстанцата која ја земаат е чиста или мешана.

Високи 67 % од испитаниците рекле дека земале супстанца за која не биле сигурни за каков тип станува збор.

Во моментов, актуелната законска рамка не забранува, но, и не нуди јасна можност за проверка/анализа на составот на супстанциите кои се употребуваат, а сè почесто се присутни на нелегалниот пазар на дроги и психоактивни супстанции.

Во октомври, ХОПС започна со кампања за измени на законската рамка, барајќи променета пракса од надлежните институции - да им се овозможи на луѓето кои употребуваат дроги да ја тестираат супстанцијата без да бидат кривично гонети. Целта е да се намали ризикот на луѓето кои употребуваат психоактивни супстанци, намалување на бројот на смртни случаи и други здравствени последици.

„Потребно е што побрзо да се отвори Програма за проверка и анализа на психоактивните супстанци кои во светот е позната под името на „drug checking“ програма. Ние само што започнавме со една таква иницијатива и имавме веќе првични состаноци со Министерството за здравство за да се најде и некој модел како овие супстанци да бидат тестирани бидејќи овие програми пред се се засновани на принципот на намалување на штети. Имаат за цел да ја откријат содржината на супстанцата и таа информација да ја врати до крајните корисници со намера да му се помогне да ја намали изложеноста на ризикот, но, без притоа да се осуди за неговата одлука дали тој ќе употребува или нема да употребува психоактивни сусптанци. Ова е во почетна фаза“, вели Деков.

Во истражувањето на ХОПС на прашањето „дали вие анонимно би ја провериле супстанцата во вакви програми доколку бидат отворени во Северна Македонија“, 84% одговориле потврдно, 10% одговориле дека не се сигурни, а само 6% дека тоа нема да го направат.

Главни патишта на дрогата во Западен Балкан
Главни патишта на дрогата во Западен Балкан

Бројките од истражување покажуваат и дека поради недостатокот од постоење на програми за намалување на штети од употреба на синтетичките супстанци влијае на недоволната информираност за ризиците од нивна употреба. Речиси половина од испитаниците (56 насто) биле сведоци на предозирање, а значаен е и бројот на луѓе кои употребуваат психоактивни супстанци се предозирале.

Во првите девет месеци од годинава се пресечени три транспорти на марихуана и сузбиени се 5 криминални групи коишто дејствувале меѓународно или национално во делот на недозволената трговија со марихуана и кокаин и во коишто членувале 28 македонски државјани. Запленети се 71 килограм марихуана и 1.5 килограми кокаин.

Од почетокот на годината до крајот на октомври за недозволена трговија со дрога МВР има откриени 576 кривични дела во коишто кривично се пријавени 674 сторители.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG