Достапни линкови

Безбедносниот систем во ризик додека се чека нов директор на ОТА


Илустрација
Илустрација

Клучната институција со која се оневозможи директно прислушување во УБК, два месеци чека пратениците да ги разгледаат биографиите на кандидатите за нов директор, а тоа е ризик за безбедноста, велат безбедносни експерти. Ќе има ли двотретинско мнозинство во Собранието да се избере новиот директор?

Поминаа точно пет години откако министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес конференција го најави почетокот на работењето на Оперативни техничката агенција (ОТА) заедно со тогаш самошто избраниот директор Зоран Ангеловски. ОТА беше клучната реформа со која и беа одземени ингеренциите врз опремата и уредите за прислушување на Управата за безбедност и контраразузнавање и преминаа во новоформирниот независен и самостоен државен орган – Оперативно-техничката агенција.

„Денеска сум среќен што може да ви соопштиме заедно со новоизбраниот директор Зоран Ангеловски дека новиот закон за следење на комуникациите и законот за оперативно – техничката агенција започнуваат со својата примена. Заедно со законот за кривична постапка се дел од пакетот за реформа на системот за следење на комуникациите. Во минатото добивавме негативни извештаи за слабостите кои беа детектирани во претходниот систем кои доведоа до злоупотреби и тешка политичка криза,“ изјави во ноември 2018 година министерот Спасовски.

Нo, по пет години, оваа институција која беше клучна реформа во безбедносните системи за да посредува при прислушувањето веќе два месеци е без шеф. Изборот на нов директор е заглавен во Собранието, затоа што во Комисијата за избори и именување не е ставена на дневен ред точката за разгледување на листата со 21 кандидат колку што се јавиле на огласот.

Директор на оваа институција чија цел е да оневозможи незаконско прислушување на телефонските разговори се бира во Собранието со двотретинско мнозинство, што во услови на сериозна политичка поларизираност е тешко остварливо.

Но, пред да биде ставено ова на пленарна седница пратениците од Комисијата за избори именување имаат задача да одлучат кој од тие 21 кандидат е соодветен за избор на директор во наредните 5 години.

Процедурата за избор почната, биографиите на кандидатите неразгледани

Претседателката на Комисијата Марија Георгиевска вели дека процедурата е започната, но сега на потег се координаторите на политичките групи кои треба да ги разгледаат апликациите на кандидатите затоа што изборот се прави со двотретинско мнозинство во самата комисија и со двотретинско мнозинство на пленарна седница.

„Нема поента да закажувате седница на која што немате веќе направена претходна координација затоа што зборуваме за двотретинско гласање“ изјави таа за Радио Слободна Европа.

Таа објаснува дека службите досега утврдиле дека дел од пријавените не ги исполнуваат условите, но додава дека за сите апликации треба да се разговара на ниво на пратенички групи. За тоа колкав е ризикот да не се избере нов директор до февруари, рок до кој Собранието ќе биде активно, затоа што после тоа почнуваат изборните кампањи, Георгиевска вели дека не може ниту да потврди ниту да го негира.

„ Но, очекувам колегите, особено координаторите на пратеничките групи да седнеме заедно со членовите на комисиите, еве не мора ни со членовите, нека биде со пратеничките групи, да се договориме и да видиме со што располагаме од кандидатите и да почнеме со конструктивна дебата“, вели таа, додавајќи дека се обидува да ги забрза работите за во најкус можен рок да стартува дебатата по оваа точка.

„Обезглавеноста “ на Агенција носи безбедноси ризици

Не избирањето на нов директор на една од најважните институции која се занимава со посредување при законското прислушување е сериозен проблем за безбедносниот систем на државата, вели професорот Владимир Пивоваров кој што го напиша и законот за ОТА.

Доколку во наредните 4 месеци не се избере нов директор до почетокот на изборните кампањи кога Собранието се става во мирување, ризикот цела година оваа институција да биде „обезглавена“ е голем. Пивоваров објаснува дека ќе биде проблематично исполнувањето во целост на обврските на ОТА во однос на ПИ мерките, особено што, како што вели, сме влезени во турбулентно време со војни во неколку кризни подрачја.

„Од друга страна ние сме веќе членка на НАТО, и нашето членство не значи само воено членување, тука влегуваат и безбедносни ризици, ние сме олганска (преградна ) врата на Балканот. На пример мигрантите кои што доаѓаат, кој вели дека можеби нема инфилтрирано некој од некоја терористичка организација од каде што доаѓа, од некоја земја, и да се инфилтрира во Европа. Тие не остануваат во Македонија, заминуваат, но времето додека престојуваат во Македонија е предмет на интерес на нашите служби, но и во интерес на службите со кои имаме соработка, кои се наши партнери, за да го одработиме својот дел“, вели Пивоваров .

Според поранешниот министер за внатрешни работи и опозициски пратеник во Собранието Павле Трајанов, пратениците во ваквата вакум состојба треба да изнајдат решение со назначување на в.д директор од редовите на вработените во Агенцијата, затоа што глобалните безбедносни закани се во пораст.

„Војната во Украина, состојбите во северно Косово и можните рефлексии врз Македонија, војната на Блискиот Исток, сето тоа бара да се штитиме од можни закани од тероризам, нема друг начин ако не работат и оперативните служби, мора да се следат комуникациите. Вработените без директор колку што знам не можат да земат плата, натаму се усложнува постапката за следење на комуникациите, кој да потпише налози, кој да ги прифати, кој тоа да го следи. Сето тоа дава една слика дека ние несериозно ги сфаќаме овие сложени состојби во државата и да оставиме да може да работи оваа Агенција без директор што апсолутно не е прифатливо,“ вели Трајанов.

Пивоваров апелира до политичките партии во Собранието итно да се посветат на решавање на ова прашање.

„Час поскоро да се избере директор за да не се најде државата во безбедносно ризична ситуација“, вели тој.

ПИ мерките по барање на Кривичен се спроведуваат

Од Кривичниот суд за РСЕ одговорија дека без проблем соработуваат со ОТА каде што се спроведуваат наредбите за посебни истражни мерки.

„Истите се издаваат по предлог на Јавниот обвинител и се доставуваат согласно Законската процедура до надлежните служби во агенцијата, а не лично до директорот на агенцијата“, велат од Кривичниот суд.

Огласот за нов директор на ОТА беше распишан на 5 септември година, на само два дена пред истекот на мандатот на актуелниот директор. Пред еден месец пратеникот и член на комисијата за избори и именување од ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев за РСЕ изјави дека ваквата ситуација ја прави ОТА нефункционална институција, поради несериозноста и неодговорноста на Владата на секое поле.

Тој објаснува дека овластувањата за потпишување на акти за делување на инсттуицијата, но и плата за вработените, се црпат од мандатот на директорот, што значи дека по истекот на мандатот се доведува во прашање легитимноста и легалноста на одлуките и мерките на оваа институција.

„Да, претпоставувам дека од судот и обвинителството пристигнуваат наредби за нови ПИ мерки, претпоставувам дека започнатите ќе продолжат, нема причина зошто да запрат доколку се исполнети сите законски услови. Но прашањето е што по престанокот на мандатот од 7 септември, па понатаму во овој целиот период и период што престои до избор на нов директор“, вели Јанушев.

Еден месец од Агенцијата не одговараат на новинарските прашања за тоа како во пракса фунцинира институцијата без директор и со какви последици се справуваат во работата поради вакум просторот.

По смената на власта во 2017 година, една од првите реформи кои беа на списокот беше токму да се прекине со синџирот на моќ, кој монополот врз опермата за прислушување ѝ го даваше на УБК. Со овие реформи некогаш семоќната Управа за безбедност и контраразунавање беше расформирана и нејзините ингеренции поделени меѓу Агенцијата за национална безбедност и Оперативната техничка агенција (ОТА), на која и припаднаа надлежностите за одобрување на следење на комуникациите.

Според законот ОТА е „самостоен и независен државен орган кој обезбедува техничка поврзаност помеѓу операторите и oвластените органи, односно дејствува како технички премин помеѓу операторот и овластените органи, без можности за активирање или спроведување на снимањето на следените комуникации. ОТА не поседува техничка можност за пристап до содржината на следената комуникација.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG