Достапни линкови

Многу бомби, малку пријателство


Илустрација - Кукла со калашников-играчка поставена покрај пат на еден од фронтовите во Украина
Илустрација - Кукла со калашников-играчка поставена покрај пат на еден од фронтовите во Украина

Њузлетер, 13 октомври 2023 - Очите на светот од 8 октомври се вртат де кон Украина де кон Израел, каде во Газа почна нова војна откако Хамас го нападна Израел. Кај нас во фокусот и понатаму Кривичниот законик, ревизорските извештаи, протестите за лекови, плати, правда...

Израел, Хамас, Украина, Русија...

На 8 октомври групата Хамас го изненади Израел и нападна повеќе клучни позиции, убивајќи неколку стотици Израелци. Израел следниот ден одговори со тешки напади од земја и од воздух при што во Газа на секоја минута паѓаше по една граната. На Хамас му се приклучи и либански Хезболах со ракетирање израелски позиции. Билансот за една недела е над 2.500 загинати, илјадници ранети и стотина киднапирани од Хамас.

Меѓународниот фактор повика на смирување, стигнаа и предупредувањата дека се случува хуманитарна криза. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху директно се закани: „Секој член на Хамас е мртов човек“, додека од другата страна доби одговор: „Ние сме храбар народ“.

Околу 100 македонски државјани се затекнаа во Израел, дел беа евакуирани, но дел од нив не успеаја да се вратат дома и покрај напроте на дипломатските претставници безбедно да ги вратат во Северна Македонија.

Не помалку во фокусот беше и украинскиот фронт. Украинската армија објави дека има мал напредок во контраофанзивата, што беше негирано од руските сили.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го спореди нападот врз Израел од, како што рече, „терористичка организација“ со слични тактики што ги користи Русија, за која рече дека е „терористичка држава“. Во меѓувреме Белгија објави дека ќе испрати борбени авиони Ф-16 во Украина, додека САД најавија нов пакет воена помош за Киев од 200 милиони долари.

Инфографика - Што е Хамас?
Инфографика - Што е Хамас?

Прашина врз законот

Сведоци сме на дрска злоупотреба на европското знаменце и не смее да нè користат како алатка за давање легитимитет и да служиме како декор за измена на законите. Со ваква порака на 9 октомври граѓанскиот сектор го објави повлекувањето од работната група за изработка на новиот Кривичен законик (КЗ). Тоа што власта не можеше да почека два месеци за да добие комплетно нов Кривичен законик ќе донесе милионски штети и лесни наместо тешки кривични дела за функционери. Својот револт невладините, кои се чувствуваат злоупотребени, го искажаа со повлекување од подготовката на новиот закон.

Од Министерството за Правда, пак, без да наведат конретен рок, велат дека наскоро ќе се направи финалната верзија и ќе се испрати во Брисел.

Сомнежи за „прелевање на чашата“

Обвинителите со помош на ревизорите кои работеа на извештај за Клиничката болница во Битола го бараат виновникот за катастрофалната состојба и можните злоупотреби. Во одговор за Радио Слободна Европа од Обвинителството тврдат дека имаат отворено неколку истраги, а последната е токму поради наводите во ревизорскиот извештај.

Во него беа утврдени повеќе неправилности како што се исплатата за надоместоците за плати и тоа за дежурства и прекувремена работа, дека не се закажуваат прегледи преку системот „Мој термин“, но и дека не се наплатуваат побарувања кои може да застарат и недостига наплата за партиципација за извршените услуги.

Инфографика - Сомнителни бројки за Клиничката болница во Битола
Инфографика - Сомнителни бројки за Клиничката болница во Битола

Според одговорот на Обвинителството тоа веќе работи на предмет за сомнителни исплати на дежурства за немедицински персонал во Клиничката болница Битола, нешто што уште пред ревизорите го утврдил во извештај и Фондот за Здравствено осигурување.

Партиите нови, амбициите големи

Неколку истурени партиски играчи се одвоија од поголемите СДСМ и ДУИ и ќе си ги пробаат шансите на следните парламентарни избори. Тоа се Максим Димитриевски, актуелен градоночалник на Куманово и поранешен член на СДСМ, Изет Меџити, поранешен градоначалник на ДУИ во Чаир, отворена е можноста и скопската градоначалничка Данела Арсовска да формира партија откако ја загуби поддршката од ВМРО - ДПМНЕ со чија помош победи на локалните избори во 2021 година....Колкави се нивните шанси како мали и нови партии да освојат пратеници на парламентарните избори в година, со Изборен закон кој ги фаворизира големите партии?

Нивната реторика е дека планираат да ја освојат власта. Аналитичарите очекуваат најсилните меѓу нив да добијат по еден до двајца пратеници.

„Пропорционалниот модел, со Донтов модел за распределба на мандати од партиските листи и со шест изборни единици, првенствено им служи на големите партии и коалиции. Не им дава шанса на малите и на новите партии“, вели аналитичарот Сефер Селими.

Протести... за лекови, за плата, за правда...

Пациентите и нивните роднини и поддржувачи засегнати со случајот „Онкологија“ продолжија со протестите. Иако не во толку голем број како што беше на првите протести, сепак не се повлекуваат од бликирањето на сообраќајот пред Владата за да го искажат револтот и барањето на правдата. Во меѓувреме специјалната собраниска комисија за овој случај почна со сослушувањата на бивши и актуелни државни функционери. Поранешниот министер за здравство Беким Сали пред Комисијата рече дека „не можел да знае што се случува во секоја болница“, додека актуелниот шеф на македонската полиција, Оливер Спасовски, изјави дека „уште во 2012 година била поднсена кривична пријава за злоупотребаи со лекови“.

Протести најавија, па ги откажаа и контролори на летање во Македонска навигација (М-Нав). По неколкучасовни преговори во Министерството за транспорт и врски кај министерот Благој Бочварски, Синдикатот на контролори на летање и тројцата директори на Македонска навигација постигнале договор најавениот штрајк на контролорите, да се стави во мирување. Сепак, според договорот, сите барања на Синдикатот ќе мора да се остварат до крајот на месецот. Бочварски ветил дека лично ќе го надгледува спроведувањето.

Архивска фотографија - Началникот во МВР, Аднан Синани, (десно)
Архивска фотографија - Началникот во МВР, Аднан Синани, (десно)

Македонскиот началник и Хамас

Актуелниот началник во Одделот за обезбедување на Министерството за внатрешни работи Аднан Синани дава јавна поддршка на терористичките напади на палестинската организација Хамас врз Израел, објави поранешниот министер за внатрешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев.

На профилот на Фејсбук под името Ади Адии, за кој Чулев тврди дека е на Синани, можат да се најдат неколку објави со кои се поддржуваат нападите на Хамас врз Израел, а од истиот профил Синани се впушта и во расправа со Чулев на Фејсбук.

Министерството за внатрешни работи потврди дека ги осудува таквите коментари и најави дисциплинска постапка против полицискиот службеник.

Имуни на политика

Студентот Елефтерис Кордаѕис од Атина, една седмица беше гостин во домот на средношколката Михаела Николоска во Скопје. Повод за ова дружење од кое, велат, се родило пријателство, беше единаесеттото издание на филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“, кој од 5-ти до 10-ти октомври на едно место собра 550 учесници од 9 држави.

Преку проектот „ЕПИК“, како дел од фестивалот, се покажало дека младите се имуни на предрасудите кои им ги наметнува општеството.

Поткаст „Зошто?“: Стравот не е виртуелен

„Утре ќе дојдам и увото ќе ти го исечам со нож“. Ова е само една од заканите што ги доби новинарката и активистка Рита Беадини заради критика на фејсбук за текст на верски лидер. Дали е откриен и казнет заканувачот ? Како против насилството врз новинарите на социјалните мрежи, а особено кон новинарките. Дали се плашат?

За сето ова разговаравме со новинарката и активистка Рита Беадини во најновата епизода од поткастот „Зошто?“ на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG