Настаните на денот низ фотографии - 16 март 2023
Распуштени, забранети, осомничени...

1
МАКЕДОНИЈА - Министерот за правда Кренар Лога го потпиша решението со кое се одбива употребата на името Иван Михајлов за истоименото здружение од Битола. Ваквата одлука на министерот уследи откако денеска Комисијата за употреба на имиња на личности даде негативно мислење за употребата на името Иван Михајлов.

2
ЦРНА ГОРА - Претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ на 16 март го распушти Собранието, што е увертира за распишување вонредни парламентарни избори врз основа на спорните измени на Законот за претседател.

3
СРБИЈА - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во пресрет на средбата со косовскиот премиер Албин Курти во Охрид изјави дека „не планира ништо да потпише“. Во обраќањето до јавноста на 16 март, Вучиќ рече дека Белград „се уште не добил нацрт за тоа што сака Европската унија“ во преговорите за нормализација на односите меѓу Србија и Косово.

4
МОЛДАВИЈА - Парламентот на Молдавија денеска одобри преименување на националниот јазик од молдавски во романски. Одлуката е донесена со просто мнозинство на владејачката партија Акција и солидарност. „Предлог-законот за спроведување на некои одлуки на Уставниот суд е усвоен во второ читање со гласовите на 58 пратеници“, изјави претседателот на Собранието, Игор Гросу, за време на седницата што се емитуваше во живо на социјалните мрежи.