Достапни линкови

Вести

Пендаровски: приоритет на меѓународната заедница е повторно стабилноста, а не интеграцијата на регионот

Претседателот на Македонија Стево Пендаровски
Претседателот на Македонија Стево Пендаровски

Претседателот на Македонија Стево Пендаровски на тркалезната маса на тема „Западен Балкан меѓу Западот и Истокот: Северна Македонија - членка на ЕУ до 2030 година?“, организирана од Советот на амбасадори во Скопје, изјави дека поради руската агресија врз Украина, стабилноста на Западен Балкан, по повеќе од 20 години, повторно е приоритет на меѓународната заедница. а не интеграцијата на тој регион. „По почетокот на војната во Украина, на 24 февруари, Европа повторно е во фокусот на надворешната политика на САД, а со тоа и Западен Балкан како нејзин сегмент. Според проценките на експерти, политичари и дипломати, доколку Русија се обиде да го одвлече вниманието на целата западна алијанса, која помага Украина да се ослободи, тоа ќе биде полесно да се направи на Балканот отколку на Балтикот“, рече Пендаровски.

Гир: Времето до изборите во 2024 година да се искористи за суштински реформи

Во однос на главната тема на тркалезната маса, Пендаровски рече дека членството на Северна Македонија во ЕУ до 2030 година е можно, но дека е неопходно да се постигне и одржи национален консензус и Брисел да го задржи вниманието на регионот. „Дали е можно членство до 2030 година? Можно е. Имаме внатрешен потенцијал, имаме паметни луѓе, имаме искуство, имаме воспоставен преговарачки систем и сме најдобри. Ние сме несомнено најдобро подготвениот кандидат во историјата на ЕУ“, рече Пендаровски. Тој сепак наведе дека не знае дали во Северна Македонија ќе се постигне национален консензус за прашањето за влез во ЕУ. „Во моментов го немаме. Значи, зборувам за реален, а не за реторички консензус. Прашањето е дали ќе го постигнеме и дали ќе го одржиме, затоа што треба да го одржувате со години и години додека траат преговорите. Второ, не знам дали Европската унија ќе го задржи фокусот на регионот и по завршувањето на војната во Украина“, рече Пендаровски.

види ги сите денешни вести

Косово бара од ЕУ да ги укине „неправедните“ казнени мерки

Косовскиот премиер Албин Курти
Косовскиот премиер Албин Курти

Владата на Косово во понеделник (22 април) ја повика Европската Унија (ЕУ) да ги укине, како што тврдат, неправедните казнени мерки против неа, велејќи дека ја исполниле обврската од договорот со Унијата за намалување на тензиите на северот на земјата.

Владата соопшти дека со завршувањето на изборниот процес на 21 април, за време на кој се гласаше за смена на албанските градоначалници во четири северни општини, Косово „ја исполни својата обврска кон своите граѓани и одговорноста преземена од договорот со ЕУ“.

„Затоа, по вчерашното гласање, време е конечно да се отстранат неправедните мерки кон Косово“, се вели во соопштението на Владата.

Централната изборна комисија во неделата соопшти дека пропаднала иницијативата за смена на албанските градоначалници во Лепосавиќ, Звечан, Северна Митровица и Зубин Поток, бидејќи гласале само 253 од 46 556 граѓани кои имале право на глас.

За изборниот процес да биде успешен, треба да гласаат 50 отсто плус еден гласач.

Бидејќи гласањето беше неуспешно, градоначалниците остануваат на власт, а во текот на годината може да се покрене нова иницијатива за нивна смена.

Владата на Косово соопшти дека жали за слабата излезност на вчерашните избори и „благодарност до оние што го искористија своето демократско и законско право“.

„Свесни сме за околностите во четири општини на северот на Косово, особено за големиот притисок што го вршат властите во Белград врз граѓаните на косовските Срби во тие општини“, велат од Владата.

Резултатите од вчерашното гласање, додаваат, покажуваат дека нема волја за разрешување на претходните претседатели.

Вонредните избори во април 2023 година, кои беа одржани откако Србите ги напуштија косовските институции на крајот на 2022 година, во знак на незадоволство од одлуката за регистарските таблички на Владата на Косово, беа бојкотирани од Српската листа и локалната српско население.

Британскиот премиер бара Горниот дом да престане да го блокира „Законот за Руанда“

Британскиот премиер Риши Сунак
Британскиот премиер Риши Сунак

Британскиот премиер Риши Сунак денеска (22 април) го повика Горниот дом на Парламентот да ја прекине блокадата на законот со кој ќе се дозволи депортирање на барателите на азил во Руанда.

Предлог-законот повеќе месеци се развлекува помеѓу двата дома на британскиот Парламент, а Горниот дом на лордовите упорно го одбива и со амандмани го враќа на доработка. Домот на лордовите нема законско право да го суспендира законот, но мора да го изгласа за да стане важечки.

Британската владејачка Конзервативна партија сака да испрати голем број баратели на азил во Руанда за да ги одврати мигрантите од опасниот премин на Ла Манш со мали, нестабилни чамци.

Во изминатите две години тројца британски премиери се обидоа да го спроведат планот кој е закочен поради голем број судски пресуди и силното противење на активистите, кои тврдат дека тоа е незаконски и нехумано.

Сегашниот предлог-закон, познат како „Законот за безбедност“ или едноставно „Законот за Руанда“ е создаден како одговор на одлуката на британскиот Уставен суд со која се блокирани депортациите во Руанда, бидејќи Владата не може да ја гарантира безбедноста на мигрантите испратени во оваа африканска земја.

По потпишувањето на новиот договор со Руанда со кој се зајакна заштитата на мигрантите, Владата предложи нов закон со кој земјата се прогласува за безбедна.

Коалицијата „Србија против насилството“ оди на избори под слоганот „Ја избирам борбата“

Претставниците на коалицијата „Србија против насилството“
Претставниците на коалицијата „Србија против насилството“

Шесте организации кои ја сочинуваа коалицијата „Србија против насилството“ на прес-конференција во собранието најавија дека заедно ќе учествуваат на претстојните избори во Белград и на локалните избори под слоганот „Ја избирам борбата“.

„Свесни за сета узурпација на режимот, барајќи изговори и купувајќи време кога се во прашање фер избори, решивме да не предадеме без борба ниту еден град или општина во Србија. Ревизија на избирачкиот список, медиумскотот информирање пред се на РТС и РТВ и трето сите избори да бидат споени на 2 јуни. Денеска е седницата на која ќе го донесеме законот што ние го инициравме, сите избори да се одржат на 2 јуни. Успеавме да стигнеме до тоа“, изјави Мирослав Алексиќ во обраќањето до медиумите во српскиот Парламент.

Тој најави дека ќе постигнат договор за кандидатите и носителите на листите и сите други детали.

„Инсистираме на исполнување на сите барања - и формирање комисија за ревизија на избирачкиот список и одговорно функционирање на РТС, со цел луѓето кои го смениле местото на живеење во претходните 12 месеци да не можат да гласаат во своето ново место на живеење, како и сите препораки на ОДИХР. Но, ако чекаме СНС да ни даде фер и чесни избори, тоа никогаш нема да се случи. Ќе треба да победиме во нерамноправна борба, а првиот предуслов е да не се откажеме од таа борба“, изјави Радомир Лазовиќ од Зелено-левиот фронт.

Тој посочи и дека одлуката да се оди на избори во рамките на коалицијата „Србија против насилство“ ја донело мнозинството и дека работите секогаш ги правеле договорено, посочувајќи дека особено ја почитуваат одлуката на Демократската партија (ДС) која на средбата на коалицијата „Србија против насилството“ прво гласаше против излегувањето на избори, а потоа ја промени својата одлука, застанувајќи на страната на мнозинството.

Партиите собрани во коалицијата „Србија против насилството“ се состанаа во петокот вечерта за да одлучат дали ќе учествуваат на изборите во Белград на 2 јуни. Предлогот за излегување на изборите беше ставен на гласање и беше поддржан од пет партии - Народно движење на Србија, Зелено-левиот фронт, Еколошко востание, Движење на слободни граѓани (ПСГ) и Новиот лик на Србија, додека Партијата за слобода и правда (ССП), Демократската партија (ДС), Србија центар и Заедно беа против.

ССП, СРЦЕ и Задено не сакаат да учествуваат ниту на изборите за градските општини.

Во меѓувреме, денеска се одржува седница на парламентот, која ја закажа претседателката Ана Брнабиќ, на која треба да се гласа за Предлогот за измена на Законот за локални избори за да сите избори се одржат на 2 јуни.

Министрите на ЕУ формално ги потврдија промените во Поглавјето 35 во преговорите со Србија

илустрација
илустрација

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија (ЕУ) ги усвоија измените на поглавјето 35 во пристапните преговори со Србија.

Измените се однесуваат на обврските на таа држава кои произлегуваат од договорите со Косово постигнати минатата година во Брисел и Охрид.

Откако Советот на министри на ЕУ го одобри, сега и официјално е изменето и дополнето поглавјето 35 во пристапните преговори со Србија.

Брисел писмено ќе ја извести Србија за промените.

Поглавјето 35 од пристапните преговори меѓу Брисел и Белград се однесува на нормализација на односите со Косово. Во договорениот текст во поглавјето 35, се наведува дека унапредувањето на преговорите за пристапување на Србија во ЕУ ќе се раководи од напредокот на земјата во подготовките за пристапување.

Ова, како што се наведува, „ќе се мери особено во однос на континуираниот ангажман на Србија за видливо и одржливо подобрување на односите со Косово, како и другите барања содржани во точка 23 од рамката за преговори“.

Во текстот во кој РСЕ имаше увид се нагласува и дека Србија треба целосно да ги спроведе своите обврски кои произлегуваат од Договорот за нормализација на патот меѓу Косово и Србија, според нејзиниот анекс за имплементација, договорен на 18 март 2023 година.

„Сите дискусии поврзани со имплементацијата на Договорот ќе се одвиваат во рамките на дијалогот со поддршка на ЕУ“, се наведува во договорениот текст на измените на поглавјето 35 во преговарачката рамка меѓу Брисел и Белград.

По повод формалното усвојување, портпаролот на ЕУ, Петер Стано изјави дека и Србија и Косово прифатиле нивните обврски кои произлегуваат од Договорот на патот кон нормализацијата да станат составен дел од нивните евроинтегративни патишта.

Според него, имплементацискиот анекс склучен во Охрид во март 2023 година ја одразува и таа посветеност на двете страни.

„Го поздравуваме денешното усвојување од страна на Советот на ажурирани привремени мерки, вклучително и Договорот во поглавјето 35 од преговорите за пристап на Србија“, рече Стано.

„Очекуваме двете страни да го спроведат Договорот и сите други обврски во рамките на дијалогот што чека, бидејќи тоа е клучно за нивните европски патишта“, додаде тој.

Бидејќи Косово, за разлика од Србија, нема статус на кандидат за полноправно членство, обврските од дијалогот за земјава ќе бидат вклучени во Специјалната група за нормализација. Стано потврди дека соодветно ќе се ажурира и дневниот ред на следниот состанок на Специјалната група.

Десетици илјади евакуирани поради големите поплави во Кина

илустрација
илустрација

Спасувачите во поплавената кинеска провинција Гуангдонг итно ги евакуираат жителите со чамци, носејќи некои стари лица на грб од нивните домови и користејќи хеликоптери за да ги спасат селаните заробени во лизгање на земјиштето.

Сместена во густо населената делта на реката Перл, провинцијата често е погодена од летни поплави и со текот на годините има развиено силна одбрана од разорните ефекти на природните катастрофи.

Но, од четвртокот, Гуангдонг е погоден од невообичаено обилни, продолжени и широко распространети дождови, а силните бури пристигнаа порано од вообичаеното за почетокот на сезоната на поплави.

Научниците велат дека временските настани во Кина станале поинтензивни и непредвидливи поради глобалното затоплување, со рекордни врнежи од дожд и суши кои честопати ја погодуваат втората по големина економија во светот, често истовремено.

Рекордите за врнежи за април веќе се срушени во многу делови на Гуангдонг, а градовите Шаогуан, Кингјуан, Жаокинг и Џиангмен на запад и север од главниот град на провинцијата Гуангжу се половина потопени.

Во неделата накратко беа откажани домашните летови, а меѓународните летови беа одложени. Некои странски авиопревозници кои летаа до други кинески дестинации дури направија големи заобиколувања за да ја избегнат областа.

Нема извештаи за смртни случаи во Гуангдонг, но 11 лица во провинцијата се водат за исчезнати, објави државната новинска агенција Ксинхуа.

Украина собори неколку руски беспилотни летала

Регионалниот гувернер на Одеса, Олех Кипер, рече дека беспилотните летала биле насочени кон фармата, каде што оштетиле магацин и некои машини. (Фотографија од 31 мај 2023 година во Одеса)
Регионалниот гувернер на Одеса, Олех Кипер, рече дека беспилотните летала биле насочени кон фармата, каде што оштетиле магацин и некои машини. (Фотографија од 31 мај 2023 година во Одеса)

Украинските воздухопловни сили соборија пет борбени и еден извиднички дрон лансирани од Русија во раните утрински часови на 22 април.

Воздухопловните сили објавија дека Русија лансирала седум ирански беспилотни летала камикази од типот Шахед од Кејп Чауда во регионот на Крим окупиран од Москва.

Русија исто така лансирала и три противвоздушни ракети од окупираната област Доњецк, според тврдењата на Украина. Во Одеса, регионалниот гувернер Олех Кипер рече дека беспилотните летала биле насочени кон фарма, каде што оштетиле магацин и земјоделска механизација.

Засега нема информации за човечки жртви.

Руската војска редовно ги напаѓа украинските региони со различни видови оружје - нападни беспилотни летала, ракети, противавионски проектили и противвоздушни ракети.

И покрај доказите и сведочењата, Москва негира дека цел на напад биле цивили уште од почетокот на целосната инвазија во февруари 2022 година. Од март, мисијата за набљудување на човековите права на Обединетите Нации ОН ја потврди смртта на 10.810 цивили во Украина, како и 20.556 ранети цивили од почетокот на инвазијата.

Сепак од Обединетите нации претпоставуваат дека бројот на цивилни жртви во реалноста е многу поголем.

Шефот на израелското воено разузнавање поднесе оставка поради нападот на Хамас

Израелски војници за време на копнена операција во Појасот Газа, 8 ноември 2023 година.
Израелски војници за време на копнена операција во Појасот Газа, 8 ноември 2023 година.

Израелската војска во понеделникот соопшти дека шефот на нејзиниот разузнавачки кор поднел оставка поради неуспехот во нападот без преседан на Хамас на 7 октомври, кој ја проби фалената одбрана на Израел.

Ахарон Халива, шефот на израелската воена разузнавачка служба, станува првиот висок израелски функционер кој се повлече од нападот на Хамас, во кој загинаа 1.200 луѓе, главно цивили, а се проценува дека беа заробени уште 250 лица, и нападот предизвика шестмесечна војна против Хамас во Газа.

Движењето Хамас е прогласено за терористичка организација од страна на САД и Европската унија.

Халива кратко по нападот во октомври изјави дека тој ја сноси вината што не го спречил нападот.

Во соопштението на израелската армија се наведува дека началникот на Генералштабот го прифатил барањето на Халива да поднесе оставка и му се заблагодарил за неговата услуга.

Неговата оставка би можела да ја отвори сцената за и други високи функционери од редовите на највисоките израелски безбедносни сили да ја прифатат вината за неуспехот да го спречат нападот и да се повлечат.

Повеќе од половина од 2,3 милиони жители на Појасот Газа се собраа во Рафах, барајќи засолниште од израелската офанзива која опустоши голем дел од Појасот Газа во последните шест месеци.

Израел се заканува со копнена офанзива во областа. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека борците од Хамас, движење означено како терористичка организација од страна на САД и ЕУ, мораат да бидат елиминирани за да се обезбеди победа на Израел во војната.

Американскиот претседател Џо Бајден го повика Израел да не започнува офанзива од големи размери врз Рафах за да избегне повеќе палестински цивилни жртви.

Палестинските здравствени власти соопштија дека повеќе од 34.000 луѓе се убиени во израелскиот напад, кој започна откако милитантите на Хамас го нападнаа Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1.200 луѓе и зедоа 253 лица како заложници, според израелските податоци.

Палестинското Министерство за здравство на 21 април соопшти дека во израелските воени напади загинале 48 Палестинци и ранети се 79 други низ Појасот Газа во изминатите 24 часа.

На поголемата од двете палестински територии - Западниот брег окупиран од израелските власти, тие соопштија дека војниците убиле двајца Палестинци кои се обиделе да пукаат и да извршат напад со нож во неделата.

Сеул соопшти дека Пјонгјанг лансирал балистичка ракета кон Јапонско Море

илустрација
илустрација

Северна Кореја истрела недефинирана балистичка ракета, соопшти денеска јужнокорејската војска, а пренесе ДПА.

Северна Кореја ја лансираше ракетата кон Источното Море, познато и како Јапонско Море, соопшти јужнокорејската новинска агенција Јонхап, цитирана од Генералштабот во Сеул.

ДПА потсетува дека со резолуции на ОН на Северна Кореја и е забрането да лансира, па дури и да тестира балистички ракети од кој било дострел.

Тоа, во случајот на оваа земја, вобичаено се ракетите земја-земја, што можат да бидат опремени и со нуклеарна боева глава.

Во последните неколку месеци повторно дојде до зголемување на тензиите на Корејскиот полуостров, потсетува ДПА.

Зеленски: Русија сака да го освои Часив Јар до 9 мај

Украинскиот претседател Володомир Зеленски
Украинскиот претседател Володомир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за американската телевизија NBC на 21 април изјави дека Русија сака да го окупира Часив Јар во регионот на Доњецк пред 9 мај, денот кога Русија го слави како Ден на победата за да го одбележи поразот на Германија во Втората светска војна.

Зеленски изјави дека очекува протокот на оружје во Украина да пристигне „навреме“ и дека нејзините сили ќе можат „да го одбијат непријателот и потоа да ги поразат плановите на Руската Федерација за целосни контраофанзивни акции во јуни“.

Зеленски беше интервјуиран еден ден откако Претставничкиот дом на САД конечно одобри нова американска помош од 61 милијарда долари, давајќи им на Украина и нејзините војници на бојното поле морален поттик токму во моментот кога руските сили тврдеа дека зазеле територија во близина на Часив Јар.

Генерал-полковник Олександар Сирскиј, врховен командант на вооружените сили на Украина, неодамна изјави дека највисоките руски воени лидери го поставиле заземањето на Часив Јар како цел за нивните војници до 9 мај.

Украинските сили моментално се држат во областа Часив Јар и покрај недостигот на потребното оружје, рече Зеленски.

„Неодамна бев во регионот. Разговарав со борците“, рече тој, повторувајќи ја нивната потреба од опрема „за борба против руските извидувачки беспилотни летала, кои го коригираат рускиот артилериски оган“.

Максим Жорин, командант на првата линија во областа, за националната телевизија изјави дека сите позиции околу Часив Јар се под украинска контрола.

Руското Министерство за одбрана во соопштение на 21 април соопшти дека руските сили ја презеле контролата врз Бохданивка, која се наоѓа западно од градот Бахмут кој е под руска контрола.

Украина ја опиша Бохданивка како важна точка што ги спречува Русите да напредуваат на запад низ регионот Доњецк до градовите Краматорск и Славјанск.

Во својот вечерен извештај на 21 април, Генералштабот на украинската армија го спомена градот Бохданивка како еден од серијата во која украинските сили одбија 13 непријателски напади. Во него се наведува дека околу 20 населби во регионот на Доњецк, вклучувајќи го и Часив Јар, биле под артилериски и минофрлачки оган.

Украинското Министерство за одбрана минатата недела негираше дека Русија ја зазела цела Бохданивка, притоа признавајќи дека изгубила некои позиции во селото во источниот регион Доњецк. Украинската војска, исто така, во својот вечерен извештај изјави дека нејзините сили собориле две крстаречки ракети Kh-59 и одбиле девет напади во областа Терна во регионот на Доњецк.

Израелскиот воен штаб одобри продолжување на војната во Газа

илустрација
илустрација

Началникот на Генералштабот на израелската армија Херзи Халеви ги одобри плановите за продолжување на војната во Газа, соопшти синоќа израелската армија.

„Халеви синоќа ги „одобри понатамошни чекори“, рече портпаролот на армијата Даниел Хагари.

Израелскиот ТВ канал Кан јави дека дел од плановите е воена операција во градот Рафа на југот од енклавата долж границата со Египет. Најверојатно наскоро се очекува евакуација на цивилното население.

Портпаролот на израелската армија вчера директно им се обрати на заложниците кои ги држи Хамас.

„Ќе продолжиме да се бориме додека не дојдете дома“, рече тој и додаде:

„Роднините на заложниците се во неподнослива ситуација и ќе направиме се за да ги ослободиме нивните најблиски“.

Според здравствените власти во Газа, повеќе од 34 000 луѓе се убиени, а речиси 77 000 се повредени од почетокот на војната пред шест и пол месеци. Овие бројки, кои не ги разликуваат борците од цивилите, не можат независно да се потврдат.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG