Достапни линкови

Вести

Мал авион падна во Мавровско Езеро, две лица повредени

Мал авион падна во Мавровското Езеро
Мал авион падна во Мавровското Езеро

Мал авион се урна во Мавровско Езеро – соопшти денеска (12 декември) Центарот за управување со кризи (ЦУК).

-Инцидентот бил пријавен на број 112, а информацијата веднаш е проследена од страна на ЦУК до СВР-Тетово, Итната медицинска помош (ИМП) и Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК-Тетово) за итна интервенција, соопшти ЦУК.

Авионот, како што нагласуваат, е од марката „пајпер“ и е наменет за превоз на четири лица. Двајцата патници во авионот се косовски државјани.

Тие, според информациите од СВР Тетово, се пренесени во гостиварската болница.

„Денеска околу 12:35 часот е пријавено дека во близина на браната „Белички канал“ во Мавровско Езеро се урнал мал авион. Од леталото на копното успеале да излезат двајца косовски државјани, Џ.П. (41) и Д.М. (64), кој го управувал авионот. Тие се здобиле со повреди и се пренесени во Медицинскиот центар во Гостивар“, изјави портпаролот, Фатмир Реџепи.

По падот на спортскиот авион, Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти (КИНСИВ) почна истрага.

Претседателот на КИНСИВ, Марјан Прпоски, за агенцијата МИА изјави дека посадата на воздухопловот не е во животна опасност.

Прпоски вели дека денеска во 12.30 часот добиле информација оти мал спортски воздухоплов од типот Пајпер 28 слетал во Мавровско Езеро.

„Тимот на КИНСИВ веднаш излезе на терен и почна со истрага. Воздухопловот е во приватна сопственост и со американски регистарски ознаки и посадата на воздухопловот не е во животна опасност“, изјави Прпоски и најави повеќе информации од истрагата во наредните денови.


види ги сите денешни вести

Уапсена иранската добитничка на Нобелова награда, Наргес Мохамади

Нергес Мохамади го помина поголемиот дел од изминатата деценија зад решетки.
Нергес Мохамади го помина поголемиот дел од изминатата деценија зад решетки.

Иранската добитничка на Нобеловата награда за мир за 2023 година, Наргес Мохамади е уапсена заедно со неколку други активисти за човекови права за време на комеморација во североисточниот град Машхад.

Според Фондацијата „Наргес Мохамади“, апсењето се случило на 11 декември, за време на настан со кој се одбележувале седум дена од смртта на Кхосров Аликорди, истакнат адвокат и борец за човекови права.

На комеморацијата присуствувале многу луѓе, меѓу кои бројни познати активисти, поранешни политички затвореници и семејства кои бараат правда за жртвите на државно насилство.

Во објава на профилот на Мохамади на платформата Икс е наведено дека таа била „насилно уапсена од страна на безбедносните и полициските службеници“.

Нејзиниот сопруг, Таги Рахмани, кој живее во Франција, потврди дека „Наргес Мохамади, Сепиде Голиан и уште неколку други“ биле приведени на собирот.

Судири со безбедносните сили

Видео-снимки што кружат на социјалните мрежи покажуваат голема посетеност, а учесниците извикуваат слогани критични кон Исламската Република. На едно широко споделувано видео, Мохамади и активистката Сепиде Голиан стојат на врвот од возило, предводејќи ја толпата во извици како „Да живее Иран“.

Други снимки прикажуваат судири меѓу безбедносните сили и учесниците, при што полицајци напаѓаат демонстранти додека тие извикуваат слогани против власта.

Официјални претставници во Машхад подоцна потврдија дека неколку граѓански активисти биле уапсени. Според нивните тврдења, притворот на Мохамади е привремен и нареден од обвинителството.

Наргес Мохамади, која има 53 години, го помина најголемиот дел од изминатата деценија зад решетки. Таа издржуваше казна од 13 години и девет месеци пред да биде ослободена од здравствени причини на почетокот на декември 2024 година. Во моментот на новото апсење, наводно била на лекување.

По ослободувањето, Мохамади продолжи со својот ангажман во областа на човековите права, среќавајќи се со граѓански активисти низ цел Иран и учествувајќи во меѓународни дискусии, вклучително и виртуелни конференции со странска публика.

Зеленски ги посети трупите додека Украина тврди дека освоила територија близу Купјанск

Володомир Зеленски, претседател на Украина/Фотоархива
Володомир Зеленски, претседател на Украина/Фотоархива

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски во петокот изјави дека ги посетил трупите кои ги одбиваат руските напредувања кај опколениот град Купјанск, за кој Москва минатиот месец тврдеше дека повторно го зазела, но Киев негира – објави АФП.

Украина претходно соопшти дека нејзината армија повторно зазела две населени места во северниот дел на Харковскиот регион и ги потиснала руските трупи назад во Купјанск, стратешки важен град.

„Многу Руси зборуваа за Купјанск. Бев тука, им честитав на момците. Благодарам на секоја единица, на секого што се бори тука, на секого што го уништува окупаторот,“ рече Зеленски, носејќи панцирен елек, во видео објавено на Телеграм.

Тој не ја откри точната локација, но АФП го геолоцираше Зеленски на патот на влезот во југозападниот дел на градот.

Во петокот, Баталјонот Картиа соопшти дека украинската армија повторно зазела две населени места северно од градот.

„Киндрашивка, Радкивка и нивните предели се ослободени, како и бројни соседства во северниот дел на Купјанск,“ напиша единицата на социјалните мрежи.

Руската армија на крајот на ноември тврдеше дека повторно го зазела градот Купјанск, кој првпат го зазеде во 2022 година, пред украинските сили да го повратат во есента истата година.

Русија во последните месеци се пофали со напредоци на боиштата, каде украинските сили се под притисок.

Киев повеќепати ги отфрли руските тврдења за големи успеси како обиди на Москва да ја промовира приказната дека Украина е пред неминовен колапс, со цел да влијае врз мировните преговори.

Вашингтон сега го притиска Киев да направи големи територијални отстапки како дел од планот да се стави крај на речиси четиригодишната војна.

„Русите многу поефикасно дејствуваат во информативниот простор од кој било наш партнер и шират информации што не ја одразуваат реалноста,“ им рече Зеленски на новинарите во четвртокот.

„Мора да побиваме очигледни бесмислици,“ додаде тој.

Русија нема побарано формално анексирање на Харковскиот регион, каде што се наоѓа Купјанск, и според Зеленски, најновата верзија на нацрт-планот на САД за завршување на војната може да предвиди Русија да се повлече од овие области, а Украина да се повлече од Доњецкиот регион.

ФЗО откри низа пропусти во работата на дел од здравствените установи

Илустрација/Фотоархива
Илустрација/Фотоархива

Кај 14 јавни здравствени установи од кои две во Скопје, се утврдени неправилности во работењето. Ова го покажала вонредната контрола на работењето и финансиското управување на службите за Итна помош и на Домашна посета на целата територија на државата, што ја спроведе Фондот за здравствено осигурување.

„Од 37 јавни здравствени установи, од кои 29 надвор од Скопје и осум во подрачјето на Скопје, кај 23 ЈЗУ не се установени недостатоци во работењето. Во дел од установите се пронајдени недостатоци. Очигледно со проблеми се 14 установи од кои две се во Скопје, а 12 се надвор од Скопје“, изјави денеска (12 декември) генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски.

Тој информираше дека седум установи немале одобренија односно „не постои согласност за ценовниците што ги наплаќаат кон пациентите“.

„Значи сите ЈЗУ имаат ценовници, но тие ги одобрува ФЗО и Министерството за здравство. Тие установи функционирале со нивни интерни ценовници. Не тврдам дека тие се или не се на штета на пациентите, само кажувам дека не се одобрени. Кај две ЈЗУ е установено дека кон нас неправилно фактурирале услуги, а други две ЈЗУ наплаќале услуги од пациентите кои не смееле да ги наплаќаат“, додаде Клековски.

Недостиг и на ампули за болка

Тој посочи дека кај една јавна здравствена установа надвор од Скопје, констатирале дека недостигаат ампули за болка, дека лековите кои ги држат во Итната медицинска помош се под минимумот неопходен да функционираат.

„Кај една е утврдено дека немаат тимови за тоа што треба да го испорачаат. На сите ЈЗУ им е даден рок од два месеци да ги коригираат утврдените недостатоци по што повторно ќе извршиме уште една контрола“, информираше директорот на ФЗО.

Контролата нотирала дека е затворена Домашната посета во Шуто Оризари поради недостиг на персонал, но според Клековски, Здравствениот дом за тоа не информирал соодветно.

Истовремено со оваа контрола, извршени се и контроли кои се однесуваат на исплатите на платите во други 26 установи.

„Од нив, за жал, само осум биле без неправилности, а кај другите 18 установи се констатирани неправилности“, истакна Клековски.

При тоа, пријавени се и два случаи со по повеќе од 32 часа месечно прекувремена работа, што е надвор од законски дозволеното. Фондот открил и два случаи на зголемување на директорски плати надвор од законот и колективните договори, а дури осум случаи каде до ФЗО не ни биле доставени бараните документи кои ги вклучуваат книгите за дежурства за дополнителна дејност.

„На сите им упатуваме барање да извршат поврат на незаконско исплатените средства. Дел од следната контрола ќе биде да видиме дали постапиле. Станува збор за зголемување на платите од 10 отсто“, појасни Клековски.

Нагласи и дека во овој сет на контролирани ЈЗУ има и многу мали, има и здравствени домови, има и многу големи клинички болници. Посочи дека контролата се однесува на актуелното време, а не на минатите времиња, на сите им е дадено време да ги остранат недостатоците и тоа ќе биде предмет на повторни контроли.

Клековски информираше и дека овие податоци ги доставуваат до министерствата за здравство и за финансии, како и до Државниот завод за ревизија.

„Има елементи на кривични дела и нас ни е неопходно да се проследат понатаму. Од минатогодишните наши пријави се ефектуирани неколку кривични пријави од полицијата, но немаме никаква повратна информација дали Обвинителството постапува по нив, рече Клековски.

Одговарајќи на новинарско прашање дали клиниките кои работат со долгови се истите тие кои си ги зголемиле платите, рече дека има и такви.

Партиски обвинувања на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за преземањето на „Стопанска банка-Битола“

Илустрација - логоата на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ
Илустрација - логоата на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

Српското сценарио се потврдува во Македонија и преку зделките со Алта Банка“, предупреди Александар Саша Димитријевиќ, член на ЦО СДСМ, посочувајќи дека преземањето на „Стопанска Банка АД Битола“ од страна на српската Алта Банка е реализирано веднаш по доаѓањето на власт на ДПМНЕ.

Тој рече дека „Банкарот на Вучиќ стана банкар и на Мицкоски“, што, укажува на сериозно политичко-финансиско влијание.

Димитријевиќ детално објасни дека сопственикот на Алта Банка, Давор Мацура, во Србија стекнал огромни државни бизниси иако до вчера бил сопственик на мала менувачница, наведувајќи дека токму тој модел на сомнителни зделки е препознатлив за власта на Српската напредна партија (СНС) и претседателот Александар Вучиќ.

Тој потсети дека Европската централна банка му го суспендирала правото да купи удел во Адико банка поради сомнеж за потеклото на капиталот, како и дека постои долга истрага за Alta Pay поради сомнежи за перење пари.

„Ова значи легален влез на сомнителни финансиски текови во Македонија и отворање врата за можно перење пари. Еве го српското сценарио на кое предупредуваме!“, истакна Димитријевиќ на прес-конференција.

Во партиската реакција од владејачката ВМРО-ДПМНЕ паак се вели дека се вчудоневидени од денешната „бомба“ на СДСМ и ја обвинија опозицијата дека „живее во паралелен универзум“.

„Повеќе од 10тина дена, СДС сака да продаде некаква приказна за српски свет во државата, но тешко им оди. Не ја научија лекцијата која им ја одржаа граѓаните, а на следните избори добро е ако имаат и 100.000 гласови. Прашањето кое го поставуваме е дали СДС е опозиција во Србија или во Македонија? И зошто се толку опседнати со наша соседна држава?“, пишува во реакцијата од ВМРО-ДМПНЕ.

Од СДСМ пак побараа Финансиското разузнавање и Финансиската полиција да отворат истрага за како што велат, „крајно сомнителното преземање“ и да не се дозволи Македонија да стане финансиска платформа за туѓи политички агенди“.

Бугарскиот парламент едногласно ја прифати оставката на владата

Седница на бугарскиот парламент, 12 декември 2025 година
Седница на бугарскиот парламент, 12 декември 2025 година

Парламентот на Бугарија со 227 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“ денеска ја прифати оставката на владата н Росен Жељазков.

Тој вчера на итна конференција во Парламентот изјави дека владата поднесува оставка.

Оставката е дадена пред гласањето за недоверба на владата поднесена минатиот петок од партијата Промените продолжуваат – Демократска Бугарија (ПП-ДБ) и поддржано со потписите на пратениците од Алијанса за права и слободи (АПС) и Морал, единство, чест (МЕЧ).

„Коалицијата ја разгледа ситуацијата. Не се сомневаме дека владата ќе добие поддршка на претстојното гласање за недоверба. Без оглед на тоа, одлуките на Народното собрание се важни кога ја одразуваат волјата на народот. Нашата желба е да бидеме на нивото што го очекува општеството. Моќта доаѓа од суверенот и гласот на народот. И младите и старите го кренаа својот глас за оставка. Оваа граѓанска енергија мора да се поддржи и охрабри“, истакна вчера Жељазков.

Оставката следеше по големите протести, предизвикани од контроверзните буџетски планови на владата. Бугарската Влада на крајот на ноември го повлече нацрт-буџетот, што веќе беше доставен до Парламентот, по масовните протести на партиите и синдикатите ширум земјата и предупредувањето од Европската комисија дека нацрт-буџетот не е во согласност со буџетските правила на ЕУ.

Протестите ескалираа во општо незадоволство поради корупција, неправда и неуспех во многу сектори од работата на владата.

Жељазков беше избран за премиер на 16 јануари со 125 гласа „за“, 114 „против“ и без „воздржани“.

Серија израелски напади го погодија Либан

илустрација
илустрација

Серија израелски напади го погодија јужен и источен Либан во петок, 12 декември објавија државните медиуми, додека израелската армија соопшти дека ги таргетирала локациите на Хезболах, во најновите вакви напади и покрај едногодишното примирје.

Либанската државна Национална новинска агенција (ННА) објави напади на околу десетина локации, вклучително и до околу 30 километри од израелската граница, понекогаш изведувајќи „тешки напади“.

Израел продолжи со нападите врз Либан и покрај прекинот на огнот од ноември 2024 година, кој требаше да стави крај на повеќе од една година непријателства со милитантната група Хезболах, поддржана од Иран, и исто така ги задржа војниците во пет области што ги смета за стратешки.

Израелската војска во соопштението соопшти дека нејзините сили „нападнале комплекс за обука и квалификација“ што го користеле елитните сили Радван на Хезболах, каде што оперативците „минале вежби за стрелање и дополнителна обука за употреба на разни видови оружје“.

Армијата, исто така, „нападнала дополнителна воена инфраструктура на Хезболах во неколку области во јужен Либан“, се вели во соопштението.

Според прекинот на огнот, Хезболах требало да ги повлече своите сили северно од реката Литани, на околу 30 километри од границата со Израел, и да ја демонтира својата воена инфраструктура таму.

Според планот одобрен од владата, либанската армија треба да ја демонтира воената инфраструктура на Хезболах јужно од Литани до крајот на годината, пред да се справи со остатокот од земјата.

Нападнатите места во петокот генерално се северно од реката.

Порано оваа недела, Израел започна серија напади врз јужен Либан, велејќи дека погодил и центар за обука на Хезболах и други цели.

Зеленски вели дека Донбас e сè уште пречка и покрај притисокот за мировен договор

Украинскиот претседател Володомир Зеленски
Украинскиот претседател Володомир Зеленски

Повиците до Киев да ги повлече своите трупи за делот од Донбас што го држи остануваат клучна точка на сопнување, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, во услови на брзи преговори и притисок од Соединетите Држави за договор за прекин на војната на Русија против Украина.

Статусот на нуклеарната централа Запорожје во Украина, која е под руска контрола, е уште едно прашање на раздор, изјави Зеленски пред новинарите доцна на 11 декември, по украинските разговори со европските поддржувачи и американските претставници. Тој, исто така, рече дека ќе биде потребен прекин на огнот доколку наскоро се одржат избори.

Откако САД предложија мировен план од 28 точки за кој критичарите велат дека е во голема мера фаворизиран за Русија, Украина и европските земји бараат промени што би го направиле договорот помалку нерамномерен и, што е клучно, би ја обезбедиле безбедноста на Украина од каков било иден руски напад. Киев поднесе план од 20 точки претходно оваа недела.

„Му испративме на американскиот тим ревидирана верзија од рамковниот документ на кој работевме. Таа вклучува 20 клучни точки. Ова може да биде основа за сè. Чекам повратни информации од Америка“, рече Зеленски на собирот на повеќе од 30 лидери на „коалицијата на земјите што се подготвени“.

Иако Русија даде малку знаци дека е подготвена да се повлече од долгогодишните барања, американските и украинските претставници се расправаат околу деталите.

Зеленски рече дека имал „длабинска“ дискусија со државниот секретар Марко Рубио, министерот за одбрана Пит Хегсет и специјалниот претставник на Белата куќа Стив Виткоф.

САД предлагаат украинските трупи да се повлечат од добро утврдениот дел од регионот Донецк што сè уште го контролираат, рече Зеленски, а „компромисот е наводно руските трупи да не влегуваат“ во оваа област, каде што Вашингтон повикува на воспоставување „слободна економска зона“.

„Тие не знаат кој ќе управува со оваа територија“, рече Зеленски, додавајќи дека Русија ја нарекува „демилитаризирана зона“. Тој, исто така, рече дека Украинците треба да имаат право на глас за сите предложени територијални отстапки, „без разлика дали преку избори или референдум“.

По извештаите дека американскиот претседател Доналд Трамп постави рок до 25 декември за Украина да го прифати мировниот предлог, Зеленски рече дека на Киев не му е даден цврст рок, но дека „мислам дека тие навистина сакаа, или можеби сè уште сакаат, да имаат целосно разбирање за тоа каде се наоѓаме со овој договор до Божиќ“.

Трамп се обидува да посредува во прекин на целосната инвазија на Русија врз Украина откако ја презеде функцијата во јануари оваа година, но наиде на големи пречки, вклучувајќи го и отфрлањето на повиците за прекин на огнот од страна на рускиот претседател Владимир Путин.

Трамп рече дека Соединетите Држави може, но и не мора да учествуваат на планираниот состанок меѓу високи украински, француски, германски и британски претставници во Европа на 13 декември.

„Ќе видиме дали ќе присуствуваме на состанокот или не. Ќе присуствуваме на состанокот во сабота во Европа ако сметаме дека има добри шанси. И не сакаме да губиме многу време ако сметаме дека е негативен“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба.

„Претседателот е исклучително фрустриран од двете страни во оваа војна и му е преку глава од состаноци само заради состаноци“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, за новинарите.

Во врска со изборите, за кои САД вршат притисок врз Украина да ги одржи и покрај фактот дека тие се забранети според воената состојба, Зеленски на 11 декември рече дека ќе мора да се воспостави прекин на огнот.

Трамп во интервју за Политико објавено на 9 декември изјави дека „е време“ да се одржат избори, а Зеленски подоцна истиот ден (за прв пат) рече дека ќе изврши притисок врз парламентот да изготви закон со кој ќе се дозволат избори за време на воената состојба. Тој рече дека гласањето би можело да следи за 60 до 90 дена, под услов да се воспостават безбедносни гаранции за да се осигури дека гласањето ќе биде безбедно за Украинците.

Со тоа што наведе дека ќе биде потребно прекин на огнот, Зеленски можеби се обидувал да го оспори блефот на Русија - Путин неосновано обвини дека Зеленски е нелегитимен бидејќи изборите не се одржаа на закажаниот рок во 2024 година - но исто така го остави секој план за одржување избори ранлив на отфрлање од страна на Москва, освен ако не се постигне мировен договор пред одржувањето на гласањето.

Кути: Косово ги прифаќа мигрантите депортирани од САД

Албин Курти
Албин Курти

Косово почна да прифаќа мигранти што Соединетите Држави сакаат да ги депортираат, според договорот со администрацијата на претседателот Доналд Трамп, изјави премиерот Албин Курти.

„Ги прифаќаме оние што САД не ги сакаат на своја територија“, потврди Курти во телевизиско интервју доцна во четврток (11 декември), додавајќи дека еден или двајца од мигрантите пристигнале во државата.

Според договорот постигнат во јуни, Косово може да прифати до 50 лица, соопшти владата на Курти. Договорот треба да трае една година.

Како што тогаш соопшти косовската влада, „Косово сака преку договорот да ја изрази својата „вечна благодарност“ за поддршката на САД откако се отцепи од Србија во 2008 година“.

Курти дојде на власт во февруари, но неговата влада оттогаш падна, а нови избори ќе се одржат на 28 декември.

Во последно време, САД ја критикуваа партијата на Курти, обвинувајќи ја за „поткопување на стабилноста“ на Косово со тоа што спречи српска политичка партија да се кандидира на декемвриските избори.

Косово, исто така, ратификуваше договор со Данска за сместување на странски затвореници осудени во земјата, кои ќе можат да ги издржуваат казни во затвор во Косово.

ЕУ започна со чекори за долгорочно замрзнување на руските средства

Илсутрација
Илсутрација

Владите на Европската Унија на 11 декември започнаа процес за замрзнување на средствата на руската централна банка кои се фиксирани во Европа на долг рок, со цел да се избегне гласање на секои шест месеци за продолжување на замрзнувањето и да се отвори патот за користење на парите за Украина.

Одлуката за започнување на процесот, според кој мора да се согласи квалификувано мнозинство од владите на ЕУ, е дел од правниот систем на ЕУ, кој им овозможува на владите да преземат посебни мерки доколку сметаат дека треба да ја заштитат економската стабилност на ЕУ во посебни околности согласно член 122 од договорот за ЕУ.

„Данското претседателство може да информира дека COREPER (амбасадорите на владите на ЕУ во Брисел) се согласија за ревидирана верзија на предлогот од член 122 и го одобрија започнувањето на писмена постапка за формална одлука на Советот до утре околу 17 часот“, се вели во соопштението на данското претседателство со ЕУ.

Претходно, амбасадорите на Европската унија(ЕУ) се согласија за нови санкции против Русија, додавајќи нови поединци и компании на широкиот список на ограничувања воведени по руската инвазија на Украина пред речиси четири години.

Иако не станува збор за голем пакет што би вклучувал секторски санкции како порано, ЕУ овој пат се фокусираше на пет лица поврзани со глобалната трговија со нафта, обидувајќи се да дејствува против руското заобиколување на ограничувањето на цената на нафтата од страна на Г7, кое моментално изнесува 47,6 долари за барел.

Амбасадорите на ЕУ, исто така, се согласија да воведат санкции врз лица за кои се верува дека презеле дестабилизирачки активности во име на Русија низ целиот свет.

На листата се додадени и неколку членови на Руската главна разузнавачка дирекција (ГРУ), обвинети за бројни сајбер напади во последните години, како врз Украина, така и врз земјите-членки на ЕУ.


Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG