Настаните на денот низ фотографии - 1 декември 2022
Од Илинденска до Катар

1
МАКЕДОНИЈА - Имаме веќе лица кои се осомничени за лажните дојави за поставени бомби во училишта и веднаш по потврдувањето на овие факти ќе работиме заедно со Обвинителството, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.

2
МАКЕДОНИЈА - Се укинува концептот на прогресивно оданочување што требаше да стартува од први јануари и продолжува примената на оданочување на остварениот доход со единствена стапка од 10 отсто. Ова го изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, на прес-конференција за Стратегијата за реформа на даночниот систем (2021-2025). Ковачевски најави поправеден даночен систем и еднаков третман на сите даночни обврзници, но и данок на екстра профит за големите компании.

3
ЧЕШКА - Талибанците денеска ја отстранија програмата на Радио Слободна Европа/Радио Слобода (РСЕ/РЛ) од мрежите за пренос на радио во Авганистан. РСЕ ја осуди одлуката на владата во Авганистан предводена од Талибанците да го прекине емитувањето во 13 авганистански градови и најави дека ќе продолжи да емитува програма надвор од земјата и покрај потегот. Претседателот и извршен директор на РСЕ, Џејми Флај изјави дека Радио Азади е спас за десетици милиони Авганистанци, што ја прави одлуката на Талибанците уште потрагична.

4
САД - Одлуката за формирање Заедница на српски општини (ЗСО) на Косово ќе биде спроведена. Ова го изјави денеска специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар на онлајн-конференција организирана од Атлантскиот совет. Тој изјави дека тоа е една од обврските во рамките на дијалогот меѓу Србија и Косово под покровителство на Европската унија (ЕУ).