Достапни линкови

Какви ќе бидат последиците ако не успее референдумот на ВМРО-ДПМНЕ?


NORTH MACEDONIA-PARLIAMENT/
NORTH MACEDONIA-PARLIAMENT/

Ако не успее референдумот што го организира ВМРО-ДПМНЕ, тоа ќе значи дека граѓаните го прифаќаат Договорот со Бугарија, коментираат аналитичари додавајќи дека во таков случај тоа ќе треба да го направи и опозицијата. Тие велат дека освен за внатре-партиски наратив, референдумот на ВМРО-ДПМНЕ повеќе ќе им служи да го оправдаат внесувањето на Бугарите во Уставот

Практиката околу организирањето референдуми на државно ниво во Македонија покажува дека ако една од големите партии одлучи да бојкотира, тогаш мали се шансите да се постигне потребната излезност од 51 отсто од вкупниот број гласачи за референдумот да биде успешен.

Два од три референдуми досега беа неуспешни, а според аналитичари можно е тоа да се случи и со најавениот задолжителен референдум на ВМРО-ДПМНЕ за поништување на Договорот со Бугарија, со оглед на спротивставените ставови меѓу партиите од владејачката коалиција.

„Доколку не успее таков задолжителен референдум, де-факто може да се толкува дека граѓаните даваат поддршка за обратната теза од онаа која е ставена на референдумот“, коментира политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ по турбулентното лето со протестите, откако власта го прифати францускиот предлог за Македонија да може да ги почне преговорите со ЕУ, најави дека како следен чекор ќе организира референдум.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вчера објави дека референдумското прашање ќе гласи: „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија.

Претседателот на партијата Христијан Мицкоски рече дека следната недела ќе соберат најмалку 100 квалификувани потписи за иницијативата да ја стават во Собранието, а дека по одобрувањето ќе започнат рокови за собирање на 150 илјади потписи за задолжителен референдум.

Политичкиот аналитичар Сефер Селими смета доколку референдумот не успее, тоа би значело дека исто така ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да го поддржи договорот со Бугарија, но тој вели дека постојат и други причини за ваквата одлука на опозицијата .

„Сепак јас мислам дека овој референдум на ВМРО-ДПМНЕ ќе им служи повеќе да го оправдаат евентуалното гласање за уставните измени и внесување на Бугарите во Уставот“, вели Селими.

Селими, објаснувајќи го својот став, вели дека ВМРО-ДПМНЕ сака да го организира референдумот поради внатре-партиски наратив и дека партијата ќе го користи референдумот да ги образложи своите планирани политички потези во однос ситуацијата со евро-интеграциите и на сите нивни тврдења во врска со Договорот со Бугарија.

„Повеќе од тоа што ВМРО-ДПМНЕ се надеваат дека овој референдум ќе биде успешен или дека ќе успеат да го испровоцираат опонентот да влезе во оваа трка, е тоа да им служи за градење на нивниот наратив и за образложение пред нивните гласачи пред следните избори“, вели Селими.

Арсовски објаснува дека концептот на задолжителен референдум во Македонија е создаден така што тој може да има правно дејство само доколку е успешен и во ваквата организација што ја предвидува ВМРО-ДПМНЕ, тој референдум ќе има правно дејство само доколку излезат повеќе од 50 проценти од вкупниот број на запишани гласачи и доколку мнозинството од нив се изјаснат „За“ поставеното прашање.

„Доколку тоа не се случи, референдумот нема да предизвика правни последици, но ќе предизвика политички последици“, вели Арсовски.

ВМРО-ДПМНЕ беше против прифаќањето на францускиот предлог, којшто во текот на јули годинава по брза постапка помина во Владата и беше изгласан во Собранието, а потоа беше потпишан билатерален Протокол со Бугарија.

Сега партијата вели дека треба да се поништи ратификацијата на Договорот со Бугарија потпишан во 2017 година, бидејќи смета дека тој е извор на сите проблеми на Македонија и дека со неговото раскинување ќе ги спречат барањата за промена на учебниците, спорењата на јазикот, историјата и културата.

Мицкоски рече дека очекува власта да дозволи народот да се изјасни и да стави крај на притисоците и кочењата од Бугарија. Но, владејачката СДСМ референдумот на ВМРО-ДПМНЕ го смета дека е против ЕУ и вели оти нема да успее.

Доколку се одржи ова ќе биде трет референдум на државно ниво во Македонија, по првиот на 8 септември 1991 за прогласувањето на независноста од СФРЈ кој беше единствениот успешен.

Вториот референдум се одржа во 2004 година поради тогаш усвоениот Закон за територијална поделба и тој не беше успешен поради тогашната излезност од 26,58 отсто. Неуспешен беше и последниот референдум во 2018 година во врска со прифаќањето на Преспанскиот договор со Грција.

Мицкоски денеска изјави дека верува иницијативата за референдумот ќе помине во Собранието и дека нема да има опструкции, а дека очекувањата се тој да се одржи напролет.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG