Достапни линкови

Францускиот предлог го урна рејтингот на големите партии


Премиерот Димитар Ковачевски во Собранието кога се разгледуваше францускиот предлог, 14 јули, 2022.
Премиерот Димитар Ковачевски во Собранието кога се разгледуваше францускиот предлог, 14 јули, 2022.

Францускиот предлог го помести тлото во речиси сите политички партии. Луѓе во партиите се поделија околу поддршката на предлогот, на протести излегоа поддржувачи и поранешни функционери на СДСМ, против него зборуваа луѓе кои важат за поддржувачи на Преспанскиот договор. Нанесена е штета и на општеството и на партиите, а тоа ќе им се одрази на рејтингот.

Референдум за уставни измени најавува најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, како последен од обидите да го држи партиското членство во кондиција, но прво ќе прават анализи и ќе бараат методологија со која ќе излезат пред граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ организираше протести против францускиот предлог, кои беа масовни, но потфрлија кога се одвиваше клучниот дел на гласањето на заклучоците во Парламентот. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски сега предлага да собираат 150 илјади потписи, за како што вели, да се собори бугаризацијата и асимилацијата и повикува на обединување. Тој вели дека граѓаните треба на референдум да се изјаснат дали се за измени со кои Бугарите ќе се внесат во Уставот пред да почнат преговорите со ЕУ.

Францускиот предлог го помести тлото во речиси сите политички партии. Владејачката СДСМ го поддржа предлогот, но низа актуелни и поранешни високи партиски функционери се противат на решението, па дури и учествуваа во протестите против прифаќањето на предлогот. ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за предлогот, но дел од членството забележува дека партијата била многу мека во противењето. Помалите коалициски партнери во владата исто така имаа скепса, но дел од нив сепак гласаа „За“.

Францускиот предлог нанесе штета на целото општество и доведе до повторна поларизација, иако имаше добра можност да се деполаризира општеството, вели Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). Тој за РСЕ вели дека предлогот придонесе и за големи превирања во самите партии. Досега за многу работи имаше јасна политичка поделеност, но не и со овој предлог, вели тој.

Кој ќе изгуби, а кој ќе добие?

„Овојпат имаше многу различни коментари на луѓе од исти партии, беа „за“ или „против“ предлогот. Она што мене ми се виде карактеристично е што најголем дел од оние кои беа најгласни во овој период се всушност поддржувачите на Преспанскиот договор, а сега 90 отсто од нив се против овој француски предлог за решение на спорот со Бугарија. Затоа велам ова беше добра прилика, но не се искористи и стигнавме до ова што стигнавме“, вели Кржаловски.

Тој посочува дека повеќето партии ќе имаат штета од ова за својот рејтинг. Но, како што вели, за жал во земјава изборот е сведен меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, и колку и лошо да прават партиите, на крај пак луѓето избираат една од нив.

Кржаловски - Францускиот предлог нанесе штета на целото општество
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:00 0:00
Директен линк

„СДСМ на некој начин беше во нокаут со првиот предлог од Франција. Не верувам дека многу нешто поправи изменетиот предлог, бидејќи стана јасно дека не е нешто многу изменет, ниту пак е значително подобрен. Но, ете решија да се држат до тоа и да го протуркаат, но претпоставувам дека ќе остане доста голем белег на нивниот рејтинг за следните избори“, вели Кржаловски.

Постои можност на СДСМ да им се случи она што им се случи на Пасок и на Сириза во Грција или она што се случи во Шпанија, но останува да се види дали оваа ситуација има потенцијал да доведе до тоа и до јакнење на нова опција, вели Кржаловски. Тој додава дека ќе се наруши и рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ.

Обраќање на македонскиот премиер Димитар Ковачевски во Собранието на седницата за „францускиот предлог.“ 14 јули, 2022
Обраќање на македонскиот премиер Димитар Ковачевски во Собранието на седницата за „францускиот предлог.“ 14 јули, 2022

„ВМРО-ДПМНЕ се обиди да профитира со ова со стриктно „Не“ и ги организираа протестите, кои беа релативно масовни, но еве на гласањето во Собранието не се одважија да кренат рака „против“, исто како за референдумот за името, што сметам дека исто така ќе го наруши нивниот рејтинг. Тоа веројатно граѓаните ќе го сметаат како нивна политичка игра да не бидат ниту ваму ниту таму, ама мислам дека тоа не носи нови гласачи, туку само го задржува нивното членство, а веројатно и некој од нив ќе се разочараат од таквото делување“, рече Кржаловски.

Членови и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ му забележаа на лидерот на партијата Христијан Мицкоски за благиот однос кон проблемот и за тоа што не повика на протести во клучните денови кога се гласаше за заклучоците за францускиот предлог во Собранието. Пратениците на опозициската партија организираа перформанс во Собранието со вувузели и свирчиња додека зборуваше секој пратеник што го поддржуваше предлогот, носеа маички со испишано „не“, транспаренти против „бугаризација“ на Македонија, но пред гласањето ја напуштија собраниската сала, за брзо потоа партискиот лидер да објави дека потпишале нотарски изјави дека нема да гласаат за промена на Уставот во кој ќе бидат впишани и Бугарите.

Политичкиот аналитичар и новинар Џелал Незири вели дека и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се губитници со францускиот предлог, а оние што ќе профитираат се Левица и помалите политички партии.

„СДСМ е во опасност од понатамошно фракционирање или продлабочување на разликите помеѓу внатрешните фракции, и таа ситуација може да се одрази на изборен пораз, со што дел од тие фракции би се отцепиле од партијата или прикриено би поддржале друга политичка опција. Значи има опасност СДСМ да се разедини уште повеќе после францускиот предлог“, вели тој.

„Европа ве чека“, порача Лајен, а пред Парламентот протести
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:08 0:00

Незири додава дека гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ, пак, е загрозено од подемот на Левица.

„Левица го искористи моментот, темата е многу сензитивна и ги подгрева емоциите на етничките Македонци и како таква беше до крај искористена од Левица за да ги мобилизира граѓаните играјќи на овие чувства“, вели Незири.

Албанските партии ниту добија, ниту изгубија со францускиот предлог

Тој додава дека треба да помине време за да се види дали била добра или не одлуката да се изгласа овој предлог. Тоа ќе зависи, вели Незири од тоа, како ќе напредува земјата во преговорите и дали граѓаните ќе имаат некој бенефит од тоа.

Алијансата за Албанците ја прекина соработката со ВМРО-ДПМНЕ, откако на еден од протестите против францускиот предлог настана инцидент во близина на споменикот Скендербег на почетокот на старата Скопска чаршија. Партиите на Албанците во Собранието гласаа за предлогот, иако опозициските партии претходно имаа одредени забелешки. Но сепак на денот на гласањето претседателот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села не гласаше за францускиот предлог.

Незири вели дека прифаќањето или одбивањето на францускиот предлог не е прашање што може да им донесе поени на партиите на Албанците.

За власта, пак, работата е завршена. Предлогот е усвоен, протоколот со Бугарија потпишан, останува уште утре да започне првиот дел од пристапувањето на земјата кон ЕУ.

Потреси и во владејачката коалиција

Но, предлогот на виделина ги извади и проблемите во владејачката коалиција. Помалите партии, како ДОМ, Демократски сојузи и ЛДП уште на почетокот излегоа со забелешки на предлогот. Пратениците Маја Морачанин од ДОМ и Павле Трајанов од Демократски сојуз не гласаа за предлогот.

Лидерот на ЛДП Горан Милевски рече тие не го поддржуваат предлогот, но нема да бидат кочничари на евроинтеграциите. Партијата останува во владата. Сепак, двајцата пратеници на ЛДП, Моника Зајкова и Боби Мојсовски, гласаа „За“ во Собранието.

Поранешната пратеничка на СДСМ, Весна Бендевска беше на протестите и се изјасни против францускиот предлог, а поранешната потпретседателка на партијата Ана Павлова Данева на Фејсбук напиша дека не верувалa оти СДСМ ќе стане бугарофилска партија. Поранешниот премиер, претседател и лидер на СДСМ Бранко Црвенковски исто така е критичар на Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година, кој го смета за голема грешка.

Протестите против францускиот предлог покажуваат дека поделбите во македонското општество не само што не се надминати, туку истите се продлабочуваат. Група невладини, поранешни функционери, експерти, новинари исто така искажаа мислења за предлогот, но беа окарактеризирани како хистерични, предавници, како некои што не и мислат добро на земјата.

Собранието на 16 јули со 68 гласа „За“ ги усвои заклучоците за таканаречниот француски предлог со кој треба да се откочат македонските евроинтеграции. Потоа на владина седница беше донесена одлука за прифаќање на францускиот предлог. На 17 јули Скопје и Софија потпишаа билатерален протокол со што се отвори можноста на 19 јули Македонија и ЕУ во Брисел да одржат заедничката меѓувладина комисија.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG