Достапни линкови

Млади македонски поети - Стихови за фидбек, не за пари


Скопски поетски фестивал 2021

Млади македонски поети споделија дека пишуваат за ’браво’ и за награда во духовна и интелектуална смисла, а не за профит. Велат, јасно им е дека во Македонија пишувањето не може да биде бизнис, па така и нивните повозрасни колеги мора да имаат дополнителна професија за да заработат за живот

„Од првата збирка заработив колку да можам да си ја финансирам втората и да покријам трошоци за промоција. Но, дека којзнае колку сум заработил од пишување поезија, не“, вели за РСЕ, 21-годишниот Андреј Медиќ Лазаревски, автор на стихозбирките „Беседење со неа“ и „Молитвени дискурси“.

Според него, во Македонија не може да се „вади леб“ од пишување, но како што вели, тоа во моментов не му е ни важно.

„Знаеме како е со книжевност и со уметност кај нас, особено кога си млад уметник. Реално, не очекувам некаква финансиска добивка. Сега ми е важно она што го создавам да го пуштам во етерот, луѓе да го примаат и да добивам фидбек. Во овој момент не ми е важен финансискиот дел, можеби бидејќи сè уште сум студент, можеби дека работам и на други проекти од кои имам примања, па ова не ми е примарна работа. Не гледам како пишувањето би било бизнис, бидејќи не е нешто кое можеш да го создадеш за да добиеш пари“, вели младиот поет.

Ниту 23-годишната поетеса Ивана Јовановска не размислувала за профит која ја извадила нејзината прва стихозбирка „На ракавот на градот.“

„Имајќи предвид во каква држава живееме, финансискиот аспект тотално беше тргнат настрана. Повеќе стануваше збор за процесот на оформување на некаков креативен тек кој сум го чувала во главата и создавање на некаков тек што ќе значи нешто и ќе има некаква книжевна вредност. Се фокусирав она што ќе излезе да биде квалитетно онолку колку што може за првенче на доста млада авторка. Сакав да биде читливо, да биде допадливо, меѓутоа и да има своја уметничка вредност што би можела да биде препознаена од книжевната публика во Скопје“, изјави Јовановска за РСЕ.

Младата поетеса Ивана Јовановска
Младата поетеса Ивана Јовановска

И за Јовановска, наградата за сработеното за еден млад поет лежи во задоволството во духовна и интелектуална смисла, а не во материјалното.

„Единствениот начин на којшто можеме да зборуваме за таканаречено фајде е во интелектуална и духовна смисла. Самите културни практики на државава не овозможуваат некое да речеме посериозно занимавање со поезијата и нејзино поткревање на рангот на другите општествени науки, па и уметности. Тие за жал не дозволуваат поезијата да биде сфатена на посериозно ниво и тоа се гледа и во националните програми“, вели младата авторка.

Јовановска вели дека во моментов нема пасија „Б“.

„Јас не би знаела што би правела друго доколку не би пишувала на пример. И парадоксално е затоа што од една страна не знаете што друго би правеле, меѓутоа тоа не може да ви биде примарна професија. Тоа е нешто со кое се занимавам, го студирам, но од друга страна не гледам на кој начин тоа би овозможило некаков посериозен бенефит, освен внатрешно задоволство“, истакнува младата поетеса.

Што да се очекува?

Директорката и ко-основачка на Скопски поетски фестивал, Јулијана Величковска, редовно комуницира со поети од новата генерација. Според неа, младите поети се амбициозни, самосвесни, па дури и можеби посериозно ја сфаќаат поезијата, книжевноста и културата, во споредба со некои претходни генерации. Вели и дека на младите автори кај нас за брзо им станува јасно што може да очекуваат.

Величковска на Скопски поетски фестивал 2021
Величковска на Скопски поетски фестивал 2021

„Понекогаш имаат очекувања и тоа особено кога ја пишуваат првата книга, веројатно водени од некои искуства што ги следат од Запад, кадешто навистина книжевноста е бизнис и кадешто навистина може да функционира нешто такво. Но, сепак навистина се ретки тие автори коишто можат да живеат само од пишување, да бидат автори или поети, професионални поети. Такво нешто е невозможно кај нас. Сите автори мораат да имаат некоја друга преокупација за едноставно да заработат за живот. Тоа за многу кратко време им станува јасно и на младите автори и на крајот на денот задоволни се со тоа што тоа што го создаваат е уметност, а уметноста понекогаш и не мора да се наплати“, изјави Величковска за РСЕ.

Реалната слика според Медиќ Лазаревски не е демотивирачка за младите поети.

Младиот поет Андреј Медиќ Лазаревски
Младиот поет Андреј Медиќ Лазаревски

„Не сум забележал дека некој од младите поети е демотивиран поради финансии. А повозрасниве поети со кои се познавам, сите имаат плус една или плус две други работи од кои имаат финансиска добивка. Но, не мислам дека тоа ги демотивира младите. Баш поради таа неконкурентност што ја има, бидејќи ние немаме писатели кои водат бизнис преку пишувањево, ние ја создаваме таа некоја заедница преку која остваруваме некое поголемо добро. На пример ширење на македонскиот јазик преку поезија, негување на македонскиот јазик или ширење на интересот за книжевноста“, потенцира младиот автор.

Како да се отскокне?

За екстра мотивација и давање шанса на младите поети, Скопскиот поетски фестивал, од годинава го организира преднастанот „Отскочна даска“ ‒ поетско читање што ќе ги собере сите младите поетски сили од домашната сцена. Од СПФ велат дека настанот има натреварувачки, но ферски карактер.

„Целта беше не само да читаат меѓусебе, во својот круг на младите и како публика и како настапувачи, туку да овозможиме и еден од нив да има едно побогато искуство, односно искуство да чита на самото отворање на фестивалот заедно со другите поискусни поети. Сакавме и да не бидеме ние тие коишто ќе ги оценуваме и ќе избереме кој ќе чита на отворањето, па затоа го направивме ова како еден вид на натпревар на којшто самите млади што ќе читаат меѓусебе ќе ги го изберат својот претставник или најдобриот од нив“, вели директорката на фестивалот.

Условот за „Отскочна даска“ е поетот да е меѓу 16 и 25 години и да прати две песни на мејлот contact@spf.mk најдоцна до 10-ти август. Победникот ќе чита заедно со поискусните кои ќе се соберат на едно место, на второто издание на фестивалот кој почнува на 29-ти август, а ќе трае до 1-ви септември, во Младинскиот културен центар - Скопје.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG