Достапни линкови

Стојчевска за нештата што се премолчуваат во збирката „Празно место“


Снежана Стојчевска
Снежана Стојчевска

„Празно место“ е насловена шестата по ред поетска збирка на Снежана Стојчевска што како издание на „Современост“ се појави деновиве. Станува збор за „книга за загубата, за љубовта, за семејството, за секојдневието...и за радоста од обичните средби со луѓето“.

Кога во рака ќе ви се најде нов поетски ракопис од веќе етаблиран автор, со претходно пет објавени стихозбирки, кои добиле голема доза на внимание и признание на книжевната сцена, неизбежно е да имате високи очекувања и одредена љубопитност „што овојпат поетот ќе донесе во своите стихотворенија“. Со впечатливите поетски слики што ги создава преку едноставниот, а моќен зборовен венец, со беспрекорната творечка естетика што е воочлива на секоја страница, со грижливо избраната тематика, здравите конструкции на стиховите, „Празно место“ на Снежана Стојчевска несомнено ги оправдува високите очекувања. На моменти, и ги надминува.
Вака Љупка Антевска, поетеса и новинарка, ја почнува својата инспиративна рецензија за новата поетска објава на Снежана Стојчевска, што како издание на „Современост“ се појави деновиве.

Некаде подолу во своето писание за збирката таа и со појаснување дека „поезијата на Стојчевска пулсира со огромна страст, длабок сензибилитет, а сепак гради ненаметливи нишки на едно секојдневие“. Кога би требало да ја споредиме со боја, пишува таа, веројатно би рекле дека е „темноцрвена“, елегантна, дискретна, топла, дозирана до совршенство. Тоа не е лесно да се направи со зборовите како единствено оружје, а на поетесата ѝ успева. И, за илустрација посега по нејзините стихови:

„Телото ми е врело вретено
што чека да биде расплетено.“

Снежана Стојчевска
Снежана Стојчевска

А, во најавата за книгата, за која патем корицата повторно е дело на нејзиниот син Калин Маловски, ќе биде забележано дека „Празно место“ е шестиот по ред поетски ракопис на Стојчевска, кој стилски и тематски се надоврзува на нејзините предходни поетски книги, особено на последните две, „Треба да е лесно“ (Антолог, 2017) и „Ќе се завијам во песни“ (МИ-АН, 2019).

Дека таа овде „го утврдува и надградува својот веќе препознатлив стил и дека опевајќи мали, секојдневни случки и сеќавања успева да дестилира чиста емоција во песна“. Односно, дека поезијата е лирична, интимна и реалистична, но истовремено и универзална, бидејќи она што му се случува на поединецот им се случува на повеќето луѓе во општеството. Конечно и тоа дека „самите песни наликуваат на отсечоци од филмски сцени, поетски слики или стари семејни фотографии кои покрај случки, опишуваат и силни емоции и емотивни состојби“.

Празно место, Снежана Стојчевска
Празно место, Снежана Стојчевска

„Празно место“ е книга за загубата, за љубовта, за семејството, за секојдневието, за проблемите, за пандемијата, но и за радоста која произлегува од конекцијата со блиските луѓе. Покрај овие теми, отвора прашања и за минливоста на времето, за материјалното и духовното постоење, како и за самата поезија, како начин да се обезбеди вечност. Постојат многу работи кои се премолчуваат, се затрупуваат во тишината, се чуваат во сеќавањата. Поезијата во оваа книга говори токму за нештата кои најчесто се премолчуваат. Отвора прашања како на пр. Како да се продолжи понатаму по загубата на родителот? Како да се живее со болката и сеќавањата кои се живи и сеприсутни? Како да е љуби и да се зачува сјајот на љубовта? Како да се старее без страв? Како да се биде добар родител, добро дете и добар партнер? Како да се биде добар со себе? Како да се остане нормален и цел во ова сурово и непредвидливо време?, вели Стојчевска.

Поетесата и со дополна дека во новата поетска збирка таа пишува и за „просторот помеѓу реалноста и фантазијата“ и оној што си го даваме самите на себе.

Снежана Стојчевска
Снежана Стојчевска

Празно место може да претставува столчето крај трпезариската маса на кое седел некој ближен кој веќе го нема, може да бидат и оние два метри растојание кои ги држиме меѓу нас, за да имаме физичка дистанца според протоколите за ковид -19, празно место е и просторот помеѓу два збора, просторот помеѓу родителот и детето, просторот помеѓу двајца љубовници, просторот помеѓу сегашноста и нашето детство, просторот помеѓу реалноста и фантазијата. Празно место може да биде и просторот што си го даваме на самите себе. Простор во кој ќе се осамиме и ќе направиме лична интроспекција на себе и на тоа што ни се случува, како би се справиле со предизвиците што ги носи денешницата.

Родена 1980 година во Скопје, Снежана Стојчевска, покрај актуелната „Празно место“ што како издание ја потпишува „Современост“ и чија промоција се очекува есенва, зад себе има пет стихозбирки. Во 2012 ја објави дебитанската „Шеќер по подот“ во издание на „Или-Или“, како дел од едицијата „Русалки“ во која и самата беше уредник. Една година подоцна за своето второ дело „Под нулата“ ја доби наградата „Бели Мугри“ што ја доделува Домот на културата „Кочо Рацин“ - Скопје, во 2015 година, за „Темплум“ излезе нејзината трета поетска книга - „Модри фанатазии“, а во октомври 2017 за Антолог“ и стихозбирката „Треба да е лесно“. Следејќи ја востановената динамика, не многу одамна, некаде при крајот на минатата 2019 година, книгоиздателството МИ-АН ја отпечати и „Ќе се завијам во песни“.

Празно место, Снежана Стојчевска
Празно место, Снежана Стојчевска

Застапена е во повеќе антологии на младата македонска поезија, меѓу кои „Игропис“ (Фуснота, 2020), „Астални Проекции“ (Бегемот, 2018), зборникот „Креативни точки“, (МИ-АН, 2018); панорамата „Гласови на новиот век“, (ПНВ, 2018); „Ова е моето последно молчење“, (Антолог, 2016); „Гребени на љубовните пловидби“ (ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“, 2014), „Лирски додекамерон“, (СВП, 2012), како и во изданија на меѓународни фестивали како на пр. на словенечки јазик во „Фестивална антологија на изворна и преведена европска поезија на 21 век“ (Велење, 2016), на српски јазик во зборникот „Поетики“, (Бања Лука, 2018) итн. Во ноември 2019 година учествува на фестивалот за литература за деца и возрасни InterLese во Магдебург, Германија и за таа пригода избор од нејзина поезија е преведен на германски јазик и објавен во книжевното списание Oda (1/2020). Покрај овие настапи и објави, таа е редовен учесник на најзначајните поетски манифестации во земјава.

Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на организацискиот одбор на Скопски поетски фестивал чие прво издание се одржа во септември минатата 2021 година, а од април годинава е директор на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ - Скопје.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG