Достапни линкови

Игор Крајчев: Тајната моќ на песната е да разговара со својот читател


Игор Крајчев, писател, поет и литературен критичар
Игор Крајчев, писател, поет и литературен критичар

Четири збирки поезија и два романа. Последната „Лудило. Писма. Откровение“ ја чека својата промоција. Во март беше прогласен за поет на неделата од британскиот „The Poet Magazine“. Творец и потписник на фестивалот ,,United World of Poetry“. Бројни награди и признанија. Со два збора - Игор Крајчев.

ПОЛНОЌНА

Ја оставам свеќата

да гори,

ме теши

додека разговарам

со својата сенка на ѕидот...

Учам да слушам

додека разговарам

со неа...

Светлината

преку мене

оцртува некој друг...

Се прашувам,

колку ли сенки живеат

во мене и

колку светлина треба

за да ги исцрта

на ѕидот...

Не зборувам,

слушам,

само тогаш

ќе чујам нешто што

не знам...

Ќе гледам

во формите

додека не се видам

себе...

Игор Крајчев е македонски писател, поет, литературен критичар и научен работник. Зад неговото творечко јас во линија можат да застанат два романа („Воини и херои“ за чие второ издание објавено во 2012 ја добива наградата „Прозни мајстори“ и „Три секунди“ од 2009 - издание на Матица ) и четири поетски збирки од кои онаа со постмодернистичка поезија „Реалности“ е печатена во 2005, за „Круг полу круг“ ја добива специјалната награда „Караманов 2014“, а за својата петта книга – поетската збирка „21“ ќе стане добитник на престижната награда „Јован Котески“ на Струшките книжевни средби во 2019 година.

И кога веќе сме кај наградите да кажеме и тоа дека Крајчев е добитник на највисокото признание на град Велес „Деветоноемвриско признание“ за достигнувања на полето на литературата, како и за посебен придонес за развојот на културата во градот. Тука се и наградите „Енхалон“ за најдобра песна од млад автор на Струшките вечери на поезијата, „Книжевен круг“ од Битолскиот книжевен круг „Празник на липите“ за најдобра песна, која ја доделува ДПМ, како и на меѓународната награда на Претседателот на Сојузот на Независните писатели на Бугарија.

Конечно Игор Крајчев со своите песни е застапен е во бројни антологии, патувал и читал поезија на неколку континенти и е член на Друштвото на писатели на Македонија (од март 2018 година е член на неговото Претседателство), како и на Хрватското книжевно друштво, Друштвото на писатели Оствестфален-Липе, Германија како и на Сојузот на писатели на Европа.

Во пресрет на Светскиот ден на поезијата, Игор Крајчев беше прогласен за поет на неделата од престижниот британски „The Poet Magazine“. На страниците на ова списание беше печатена вашата биографија и уште пет поетски творби препеани на англиски јазик. Што значи ова за вас лично како творец и што за современата македонска поезија?

-Ќе бидам неискрен ако кажам дека признанието не ми значи ништо. Но, сепак од друга страна се трудам секогаш на работите да гледам разумно и трезвено без непотребна помпа и фама. Поезијата постои за да пренесе порака, за да го допре внатрешното око на читателот, да кореспондира со читателската душа и да му даде боја на сивилото кое не окружува. Нејзината примарна цел не е награди и признанија. Па така некако ги поимам и јас, како патоказ, како насока дадена од добронамерниците кои со истите како да ни укажуваат дека сме на вистинскиот пат. Бескрајно сум благодарен за можноста да се слушне македонската поезија препеана на анлиски јазик, особено на страниците на престижниот британски магазин „The Poet Magazine“. Македонската книжевна сцена е мала, а опсегот на македонскиот јазик е скромен, па можноста преку препевот да ве прочита и остатокот од светот е секако значаенмиг за секој автор.

Признанието доаѓа само неколку дена по излегувањето од печат на вашата четврта поетска книга „Лудило. Писма. Откровение“, издание на „Матица“. Од каде инспирацијата за овој наслов? Колку длабоко во себе со него слегува Крајчев?

-Книгата ферментираше во мене подолго време, а потоа пред околу една година започна да тече низ мојата десница и да го добива својот конечен лик. Не можам да речам дека сите песни настанаа стихијно во еден здив, туку во повеќе бранови, а она што ми е мене интересно е дека концептот на книгата се наметна сам односно емоцијата во книгата се движи од комплетна апатија до највозвишена форма на надеж со која и финишира последниот циклус. Книгата е одраз на лудилото кое го регистрираме насекаде околу нас во сите негови форми и димензии, од најбенигни па се’ до оние метастази кои се закануваат да го променат она што некогаш го сметавме за нормално. Преку неа секако ја искажувам и мојата верба и надеж дека ќе успееме да му оддолееме на лудилото и да останеме достојни на називот човек.

Здравје, наскоро планирате и промоција на книгата. Дотогаш, какви се првичните реакции од најблиските, пријателите ... колегите, оние кои биле во допир со вашата објава? Колку сте вие лично задоволен од книгата?

-Токму така, здравје пред се, јас имав една нималку пријатна средба со оваа невидлина напаст која се заканува веќе една година и ни ја одзема нормалноста во секојдневието, па оттука се’ друго е подредено на втор план. Промоција секако планирам кога за тоа ќе се создадат поволни услови, секако насоките од надлежните институции. Драго ми е што првите читатели на книгата меѓу кои има врвни познавачи и творци на поетската реч како мојот издавач, поетот Раде Силјан, рецензентите проф. д-р Венко Андоновски и проф. д-р Кристина Николовска, моето семејство и секако пријателите се произнесоа дека се воодушевени не само од индивидуалните поетски единки во книгата туку и од книгата како целина, како приказна, како порака.

Снимка од третото он лајн издание на фестивалот ,,United World of Poetry“ чиј организатор е Игор Крајчев

И, сега кога веќе во рацете ја имате книгата подготвена да ја побара довербата на читателите, се раѓаат ли нови текстови, нови песни... творечки планови. Каков чин за вас е пишувањето? Каков е вашиот однос кон творештвото? Верувате ли дека зборот, песната... и во едно вакво време може да го сменат светот. Да го направат поубав, а нас почовечни.

-Работата на поетот е да ја породи песната од тежината на перото и да ја повие удобно во белината на листот. И толку. Оттука песната, како и луѓето, започнува свој живот, своја егзистенција меѓу рацете на оние кои ќе ја читаат. Поетот нема можност потоа да влијае на животот на својата песна. Може само да и’ се радува. И тоа е се до мигот кога ќе треба да се роди нова песна, зашто тие му се потребни на овој свет. Јас верувам дека поезијата е еден од начините да се промени овој свет, да се укаже на нашите падови како луѓе, да усрами, да искара, да здоболи, но и да пофали, да воздигне, да инспирира... А тоа е поради тајната моќ на песната да разговара со својот читател. Таа му се обраќа секому индивидуално и секој читател ја доживува на свој начин, зашто и песната води со секого различен разговор. Чудесна е нејзината моќ.

Дека вашиот поглед дофрла подалеку сведоштво се и трите изданија на поетскиот фестивал ,,United World of Poetry“. Последното беше во февруари годинава и онлајн собравте 20-на светски поети. Од каде потребата за оваа ваша мисија како потписник на Фестивалот и како натаму ќе ја развивате ваквата иницијатива? Кога е следната средба?

-Со појавата на Ковид пандемијата, стана јасно дека животот кој го познававме, исчезна и нема да се врати наскоро... Исчезнаа поетските средби, дружења, разговори, промоциите, сето она што на поетите им значи. Но, совремието и технологијата нудат можности кои овозможија барем виртуелно да ги негуваме конекциите и пријателствата и да се радуваме со драгите ликови на пријателите кои сме ги стекнале ширум светот, а со кои го зборуваме истиот јазик – јазикот на поезијата. Самата идеја дојде откако слична платформа направи и Хрватското книжевно друштво каде сум член од минатата 2020 година, па решив да ги поканам моите поетски пријатели од целиот свет да се дружиме на платформата зум. Првиот настан, како и двата кои следуваа потоа, поминаа одлично, сите се пренесуваа во живо на каналот You Tube, и силно одекнаа не само кај нас туку и во светот. Бев почестен со присуството на врвни поетски имиња како Хусто Хорхе Падрон, Јусеф Комунјака, Мајкл Ротенберг, Лојд Шварц, Марк Гвејн Џонс, Педро Лареа, Моника Херцег, Катица Ќулафкова, Роман Кисијов и уште многу други светски признати поети. На секој од трите фестивали учествуваа поети од секој континент на нашава мала сина планета, секој имаше можност да чита на својот јазик, зашто поетите меѓу себе се разбираат и говорат со јазикот на стихот, а тој е секако – универзален.

Што вам лично, творечки, ви донесе оваа светска пандемија која никако не попушта? Што моравте да смените во вашето поведение, вашиот однос кон творештвото, комуникацијата со светот на поезијата?

-Покрај тоа што ме научи ништо да не земам здраво за готово и повеќе да го ценам она што го имам, ова ново време секако ми откри многу за пријателството, односно како да ги разликувам вистинските од лажните пријатели, ме научи многу за вистинските вредности, ми даде ум да ги разликувам важните од неважните работи. Секако, тешко ми падна раздалеченоста од моите драги луѓе, од моето семејство, но ме теши мислата дека тоа е за нивно добро. Научив дека надежта е неопходна во вакви мигови па затоа и ја воспеав во последниот циклус на новата книга.

Каде сега, од утре или задутре ќе се упати поетот, писателот... Игор Крајчев? Очекува ли идна творечка возбуда да му го смени секојдневието оптоварено со продавање лажни вредности и насилно практицирање на политиката? Ќе ги продолжи ли на ваков силен творечки начин битките за нашата македонска култура, нашиот идентитет во времево и просторот?

-Патот на поетот е детерминиран. Тоа е пат на постојано себераздавање, на себеразголување, но и на себеоткривање, на себесознавање... Тоа е трнлив пат на кој ќе изгазите многу трње, ќе ве сопнат многу камења, но и пат на кој ќе ве подигнат многу раце и ќе ве стоплат многу насмевки... За тие насмевки вреди да се оди по тој пат.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG