Достапни линкови

Половина од јаболката во Преспа ќе се продадат како индустриски


Илустрација
Илустрација

Градот годинава го уништи преспанското јаболко, па половина од родот годинава ќе се продаде за индустриска преработка по пониски цени. Поради тоа владата ги зголеми субвенциите за јаболкото за три денари по килограм.

Голем процент од годинашниот јаболков род во Преспа ќе биде предаден за индустриско јаболко како последица на штетите од врнежите град, кои во текот на годината зафатија дури 80 проценти од насадите во овој крај. Овоштарите се жалат дека од година во година заработувачката им е сè помала.

„Мразот ги фати, па градот ги досотре. И лани град ги фати, неколку години со ред нема печалба. Само трошок. Но, и кога има род не е ништо подобро. Пред две години ми ги зедоа јаболката со два шлепера, денар не ми дадоа. Ни рекоа ќе ви ги платиме на трансакциска сметка, ни денар не добивме. Бадијала работата“, вели Цена Андоновска.

Несреќата била таква пак да не зафати град. И во нормални услови многу мала е заработувачката од продажба на јаболка последниве години. Сè е скапо, особено препаратите, а цените на јаболкото одат надолу. Некоја заработувачка за да се живее подобро нема, посебно ако човек има помалку површини под јаболка. Тоа што работиме се случува да се заработи колку за да се преживее“, вели Јосип Таневски, земјоделец од Преспа.

Со цел да се ублажат загубите на овоштарите државата ќе дава субвенција од плус три денари за индустриското јаболко.

„Годинава не очекуваме проблеми со пласманот. Проблемот се создава во делот на индустриското јаболко. Поради тешката година, има поголеми количини и поради тоа издејствуваме од буџетот да издвоиме три денари по килограм за производителите. Начинот, методологијата ќе ги утврдиме“, рече министерот за земјоделство Аријанит Хоџа, кој е роден ресенчанец.

Според првичните проценки на терен, на индустриското јаболко ќе отпадне скоро половина од родот.

„Од околу 4.500 хектари со јаболкови насади се предвидува род од 120.000 до 150.000 тони. За жал, поради лошите временски услови во Преспа, околу 80 проценти од овошните насади претрпеа штети од градот. Затоа се предвидува 60.000 до 70.000 тони да бидат предадени како индустриско јаболко. Во нашата Преспа јаболкото значи живот. Над 3.000 семејства се поврзани со јаболкото, од кои една половина директно зависи само од него“, рече градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски.

Министерот за земјоделство Хоџа најави дека македонското јаболко годинава ќе заврши и на украинскиот пазар, каде ќе се увезува без царина. Тој додаде дека во Ресен се поделени 2.000 картички за зелена нафта како дополнителна помош за земјоделците

„Очекувам дека нов пазар се отвора со Украина, ги завршивме преговорите за македонското јаболко таму да се пласира со 0 проценти царина, само останува техничкиот дел на потпишување на договорите што не се заврши поради пандемијата, но ќе биде набрзо и се отвора голем пазар што ќе биде позитивно за овој регион“, додаде Хоџа.

Оваа година државата исплатила субвенции за овоштарството од околу 9,5 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG