Достапни линкови

Наместо тетовско јаболко се садат малини и аронија


Нива во Тетово посадена со малини.
Нива во Тетово посадена со малини.

Одгледувањето на тетовското јаболко е намалено во драстична мерка, оти земјоделците се решаваат за садење на други култури за кои има пласман и добра цена на пазарот.

Помалите трошоци, полесното одгледување и обезбедениот пласман во приватниот сектор како причини привлекуваат сè повеќе тетовски земјоделци да произведуваат нови култури како малини, лешник, орев, или аронија на сметка на јаболката, гравот, пченицата или пченката.

Земјоделецот Љупчо Ѓорѓевски од Јанчиште на целиот имот од 11 илјади метри квадратни насадил малини, очекувајќи помалку работа, а поголема заработка.

„Ние се одлучивме за садење на малина, зошто другите производи се продаваат многу слабо, да речеме пченка, пченица, веќе тоа не оди. Работа има, ама не е толку колку што е за другите работи, да речеме пченка, пченица, секоја година треба орање, садење повторно. Ова е сега како што е наместено, друго нема, само после берба тие се сечат, а новите што излегуваат тие се оставаат“, објаснува земјоделецот Љупчо.

Малината се бере во јуни, по што ќе ја складира во ладилник кој е во изградба во близина на имотот на Ѓорѓевски. Природните услови се исто така поволни за одгледување, вели земјоделецот Љупчо.

„Почвата одговара, ние однесовме земја на испитување во Институт. Земјата одговара, има добри спецификации, надморска височина исто одговара, малината бара до 400 до 800 метри и сака вода, за наводнување доста“, објаснува Ѓорѓевски.

Од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во Тетово, трендот на менување на културите го објаснуваат со тоа што земјоделците нема да се соочуваат со проблемот на откупување како и неприликите кои ги имаат поради временските услови.

„Посебно за тетовското јаболко, тоа е во драстична мерка намалено. Во одреден период предлагавме и за тоа јаболко да опстои на ова подрачје да се дава субвенција по однос на стебло, а не на површина. Затоа што кај оваа сорта на јаболко имаме алтернативна родност. Една година дава изобилно доста род, а во другата година не дава. Понатака, одредени сорти се подигаат, оние кои имаат подолг рок на чување, каде што можат да се создадат и локални домашни услови за чување и се одржуваат. Сепак, тоа не значи дека ќе се изгуби јаболкото како јаболко“, изјави Петре Петревски, раководител на Агенцијата во Тетово.

За разлика од јаболките, исто така има тренд на враќање на посевите со круши, поради нејзината висока цена на пазарот.

XS
SM
MD
LG