Достапни линкови

Повисоките царини од Косово ќе го погодат македонскиот земјоделец


Архивска фотографија - Македонски транспортери ја блокираат границата со Косово.

Македонските земјоделци стравуваат дека зголемувањето на царините за нашите земјоделски производи, негативно ќе се одрази на нивната заработувачка. Македонската влада допрва ќе анализира како ќе одговори на мерката. Од Косово уверуваат дека одлуката не е против Македонија.

Македонската влада допрва ќе анализира како ќе и одговори на одлуката на косовската влада да воведе 30 проценти повисоки царини за земјоделските производи кои влегуваат од Македонија во Косово. Министерот за економија Крешник Бектеши не прецизира дали Македонија ќе воведе реципрочни мерки, велејќи дека конечната одлука ќе следи по анализата за можните импликации врз нашите производители.

„Многу е важно за сите наши граѓани да имаат предвид дека тоа не е никаква трговска војна меѓу Македонија и Косово. Јас денеска ја прочитав и одлуката на косовската влада и видов дека тоа е мерка која се однесува на сите држави во светот кои извезуваат во Косово“, изјави Бектеши.

На новинарско прашање дали косовската влада ќе ја повлече одлуката, косовскиот министер за регионален развој Расим Демири не одговори конкретно, но истакна дека мерката е воведена со цел да се заштитат домашните производители на земјоделски производи.

Одлуката нема ништо против Македонија и нејзина цел е да се заштитат косовските производители на земјоделски производи. Мислам дека мерката е добро проанализирана и сметам дека ќе биде во корист на нашите производители и оти ќе има позитивни влијанија”, изјави Демири.

Оваа мерка, очекувано ги разочара македонските земјоделци. Евентуалното воведување на 30 проценти повисоки царини за сите видови овошје и зеленчук кои влегуваат во Косово, ќе се одрази негативно врз македонското земјоделство, сметаат тие. Мерката е политичка и најмногу ги погодува земјоделците, а не им оди во прилог и на косовските граѓани, вели Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.

Таква мерка многу негативно ќе се одрази на соработката меѓу македонските земјоделци и Косово затоа што нашите производи ќе бидат до 30 отсто поскапи и нема да бидеме конкурентни, нормално дека домашните производи ќе бидат поефтини,“ вели Шаклев.

Според него економските политики на двете земји треба да се водат во насока на ослободување на давачките, и да постои слободен проток на стоки, со што нашите производи би биле поконкурентни.

Ниту една политичка мерка досега не донела позитивни резултати. Ова само ќе предизвика и нашата влада да донесе контра мерки, што значи и нивните производи ќе бидат скапи за нашиот пазар и крајниот резулат ќе биде негативен и за нашите и за косовските производи“, вели Шаклев.

И првиот човек на Сојузот на земјоделски производители Вељо Тантаров вели дека ваквата мерка најмногу би ги погодила македонските земјоделци, особено поради фактот што Косово е еден од најзначајните партнери во трговската размена на Македонија.

Нашата влада треба да го преиспита нашето членство во ЦЕФТА, особено по ваквите закани, прво од Србија во однос на откуп на брашното, а сега и од Косово со повисоки царини за земјоделските производи. Ние во моментот со извозот во Косово сме подобри од кога било и таквата мерка тешко ќе се одрази врз македонските земјоделски производи,ќе има штета“, вели Тантаров.

Според одлуката на косовската Влада, што ја објави вчера министерот за трговија и индустрија Бајрам Хасани, од утре сите видови овошје и зеленчук, кои влегуваат во Косово од други земји, како привремена мерка ќе плаќаат 30 отсто повисока царина од досегашната. На листата на земјоделски производи, кои ќе подлежат на привремените царински мерки, се најдоа: компирот, доматот, пиперката, краставицата, лубеницата, дињата, раната (пролетна) зелка, доцната (есенска) зелка, салатата (во сите варијанти), спанаќот, кромидот, морковот, монокултурниот грав, јаболкото, крушата, сливата, црешата, јаготката, малината, капината и пченката.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG